Гласовите на револуцијата: Музиката како алатка за активизам

Деновиве во Скопје се случи концерт на бендот „Масив атак“. Едни од легендите на бристолскиот трипхоп, кои веќе неколкупати настапуваа во регионов. Но тие не се само музички бенд. Преку нивната музика пренесуваат и политичка порака, а така беше и на концертот во Скопје. Тие отворено говореа против општествениот поредок, консумеризмот, медиумската манипулација… По нивниот концерт, на социјалните мрежи се разви дискусија за тој момент. На некои, на концерт очекувајќи музика или забава, не им се допадна критичкиот момент, додека некои позитивно реагираа токму на нивниот социјален и политички ангажман. Не сум сосема сигурен од каде едната група очекувала забава на концерт на група што и нема хитовска музика и пристап, игнорирајќи ја нејзината активистичка димензија, но ова отвора една посериозна дилема – дали музиката и воопшто уметноста (треба да) е неутрална или, сепак, ангажирана?
Во времиња кога политиката молчи, веројатно уметноста (треба да) зборува. А кога зборовите не се доволни, музиката станува оружје. Историјата е преполна со моменти кога песната носи порака. Од Боб Марли до „Маник стрит причрс“, од Нина Симон до „Паблик енеми“, музиката постојано билa во првите редови на отпорот. Но нејзината најмоќна страна е во симбиотската врска со активизмот.
Музиката отсекогаш била повеќе од забава – таа е огледало на времето, оружје на протестот, глас на оние што немаат моќ. Секој бран социјални промени во 20 и 21 век бил придружуван од бендови и артисти што одбиле да молчат.
Во оваа колумна ќе погледнеме во дел од оние што свесно одбраа да бидат повеќе од музичари – да бидат глас на безгласните.

Мајкал Франти и „Д диспосабл хироус оф хипхоприси“: Поезија против политиката

Една од најмоќните пораки во светот на музиката, со која се идентификувам и која, патем, ја користам и како моја лична девиза: „Ако некогаш престанам да размислувам за музика и политика“ (If ever I would stop thinking about music and politics), е токму стих на Мајкал Франти и неговиот бенд „Д диспосабл хироус оф хипхоприси“, еден од најпотценетите, но длабоко влијателни примери.
Мајкал Франти не е само музичар – тој е поет, говорник и активист. Со неговиот бенд, тој уште во раните 1990-ти го крена гласот против расизмот, цензурата, медиумската манипулација и корпоративната алчност. Албумот „Hypocrisy Is the Greatest Luxury“ (1992) е гневно ремек-дело, кое комбинира индустриски хипхоп, панк-етика и поезија. Тој е културна шлаканица — интелектуален и ритмичен, брутално искрен. Со стихови како „Television, the drug of the Nation“, Франти го вивисецира американскиот сон со скалпел на вистината.
Неговата уметност не завршува во студио. Тој патува во зони на конфликти, од Ирак до Газа, снима документарци и симболично настапува бос, за да остане поврзан со земјата и луѓето. За него, музиката не е бегство, туку директна конфронтација со реалноста.
Мајкал Франти подоцна и со бендот „Спиархед“ го претвори својот активизам во повесела, но сепак политички ангажирана мешавина од реге, соул и хипхоп.

Масив атак: Саундтракот на револуцијата

Кога зборуваме за политички активизам преку музика, и „Масив атак“ се еден од оние тивки, но моќни актери што изградија кариера на музичко експериментирање и јавен активизам. Како пионери на бристолскиот трипхоп, тие ги користат атмосферата, мракот и ритамот како платформа за гласен став.
Во последните децении „Масив атак“ се активни поддржувачи на климатската правда, антирасизмот и антиавторитаризмот. Членот на групата, Роберт Дел Наџа (3D), е не само артист туку и долгогодишен соработник со „Екстинкшн Ребелиан“, движење за климатска правда. Тие одат подалеку од само говори на концертите, па прават турнеи со ниска емисија на CO₂, даваат поддршка за бегалски организации и отворено се противат на воени интервенции. Во 2019 година, направија турнеја во соработка со научници од Универзитетот во Манчестер за да мапираат како музичката индустрија може да стане „карбон-неутрална“. За нив, политичкиот став не е маркетинг, туку суштина.
Соработувајќи со уметници како Трики, Хорас Енди, Елизабет Фрејзер, „Масив атак“ создаваат не само песни туку културна архива на отпор.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

„Блек флег“ и „Ролинс бенд“: Хардкор исповеди и бес против апатијата

„Блек флег“, основани во крајот на 1970-тите во Калифорнија, беа олицетворение на DIY етиката и неконформистичкиот дух на панкот. Со Хенри Ролинс како фронтмен (од 1981), групата ги подигна својата агресија и искреност на ново ниво. Ролинс ја претвори сцената во своевиден ринг каде што бесот против општествената хипокризија, конформизмот и личната алчност се преточуваа во сурови, катарзични настапи.
Албумот „Damaged“ (1981) не беше само збирка на песни туку манифест за слобода од системот и од внатрешните демони. Песни како „Rise Above“ и „Police Story“ повикуваат на отпор против институционалното насилство и медиокритетството.
По распадот на „Блек флег“, Хенри Ролинс го формира „Ролинс бенд“ (за мене навистина значаен бенд во тинејџерските денови), каде што енергијата од панкот ја спои со тежината на алтернативниот метал и личниот исповеднички стил. Песни како „Low Self Opinion“ и „Liar“ не се само критика на општеството туку и борба со сопствената темнина и несигурност.
Ролинс останува уникатен активист, кој води и издавачка куќа (2.13.61), издава книги, одржува предавања и јавни настапи во кои ги спојува хуморот, бесот и радикалната искреност.
Како писател, Ролинс е хроничар на немирот, сведок на човечката глупост, гнев и копнеж за нешто вистинско. Неговата проза е груба, понекогаш фрагментирана, но секогаш чесна. Тој пишува како што зборува: без филтри, лажење и задршка.
Преку својата издавачка куќа 2.13.61 (основана според неговиот роденден – 13 февруари 1961), Ролинс објавува дневници, есеи, поезија и патописи. Книгите не се само за љубителите на панкот — тие се сведоштва на еден човек што не може (и не сака) да се помири со апатијата.
Во „Гет ин д вен“, Ролинс го опишува панкот одвнатре — со кал, крв, спиење на подови и конфликти со полиција. Но под тој груб свет се крие човек што се обидува да остане свесен, присутен и човечен. Тоа е приказна за преживување меѓу луѓе што го изгубиле компасот и обид да се најде сопствениот.
Како говорник, Ролинс денес настапува на универзитети, книжевни фестивали, или самостојно на вечери со вербален перформанс (spoken word), кои траат со часови. Без сценарио, без музика – само тој, микрофон и публика. Говори за политика, култура, ментално здравје, стареење, насилство, книжевност, хумор и патувања низ светот.
Ролинс нема одговори за сè, но има прашања за кои вреди да се зборува. И сè уште верува дека бесот може да се претвори во нешто корисно. Не во омраза, туку во акција.

„Д клеш“: Панк-рокот што размислуваше глобално

Ако „Секс пистолс“ беа експлозијата, „Д клеш“ беа континуираниот отпор, уште еден за мене навистина значаен бенд. Родени во срцето на британската економска криза, „Д клеш“ не беа само панк-бенд — тие беа политичка институција во кожени јакни.
Со Џо Страмер како совесна и поетска душа на бендот, „Д клеш“ се одделија од панкот, кој се сведе на стил и скандал. Тие читаа, патуваа, слушаа реге и рокабили и ја претворија својата музика во платформа за критика на империјализмот, расизмот, класната нееднаквост и војните.
Нивниот албум „London Calling“ (1979) е меѓу најважните политички албуми на 20 век. Песни како „Clampdown“, „Spanish Bombs“ и „Guns of Brixton“ зборуваат за полициската бруталност, граѓанската војна и отпорот на секојдневниот фашизам.
Во „Know Your Rights“, Страмер со сарказам и брилијантна лирика ги претставува и разоткрива „основните човекови права“, кои системот ги претвора во илузија. А „Straight to Hell“, со својата болна убавина, зборува за напуштените деца од Виетнамската војна и за имигрантите третирани како непожелни во „цивилизираниот“ свет.
„Д клеш“ никогаш не беа пасивни набљудувачи. Тие свиреа на работнички митинзи, поддржуваа антивоени движења, и настапуваа без да го продаваат својот глас.

„Крас“: Панкот како анархистичка практика

„Крас“ не беа само бенд, туку анархистички колектив, уметничко-активистичко движење. Формирани во доцните 70-ти во Велика Британија, тие го одбија комерцијалниот панк и промовираа DIY-култура, антикапитализам, пацифизам.
Нивните текстови беа отворена критика на војните, полицијата и секојдневната опресија. Песни како „Big A, Little A“ или „Do They Owe Us a Living?“ прашуваат директно: Дали сме навистина слободни — или само научени да се покоруваме?
Објавуваа самостојно, правеа свој дизајн, флаери, списанија — целосно антисистемска и DIY култура. „Крас“ не сакаа да бидат славни, туку корисни. И тоа го постигнаа.

„Дед Кенедис“: Сарказам против империјата

Американските „Дед Кенедис“, со Џело Бијафра, како вокал, беа гласна и саркастична критика на американската политика, капитализмот и медиумската пропаганда.
Нивните песни беа полни со иронија и црн хумор. „Holiday in Cambodia“ се подбива со лицемерниот либерализам, а „Kill the Poor“ е дистописка сатира на неолибералната логика.
Биафра подоцна влезе и во политиката — се кандидираше за градоначалник на Сан Франциско — но остана најсилен како говорник и активист. „Дед Кенедис“ го користеа панкот како оружје против американскиот „сон“.

Други левичарски бендови што ми претставувале влијание

„Фугази“ од Вашингтон го комбинираа хардкорот со антиконсумеризам и DIY-пристап. Одбиваа скап маркетинг, настапуваа евтино и поддржуваа општествени каузи.
„Минор трит“ беа хардкор панк-бенд од Вашингтон, кои ја промовираа филозофијата стрејт еџ (straight edge) — живот без дрога, алкохол и општествен конформизам.
„Атари тинејџ рајот“ – германски дигитал-хардкор бенд со експлицитен антифашистички став, често поврзан со левичарските улични движења во Германија. Ова е еден од бендовите на кои сериозно сум им посветил внимание.
Слична традиција гледаме и кај „Рејџ агенст д машин“, кои хибридизираа рап и хардкор во насилно директен отпор против корпоративниот капитализам и државното насилство. Во секој концерт и интервју, Зек де ла Рока ја потсетуваше публиката дека песните не се доволни – мора и акција
Не можеме да зборуваме за музички активизам, а да не ги споменеме „Систем оф а даун“, кои со години алармираат за ерменскиот геноцид и империјалната политика.

Музиката како отпор

Што ги поврзува сите овие артисти? Верувањето дека музиката има должност да провоцира, да ја разобличи удобната апатија, да создаде чувство на заедништво и праведна лутина. Во свет каде што се чини дека е полесно да скролаш отколку да се побуниш, токму ваквите гласови се потсетник дека секој ритам и секој стих може да биде искра на отпорот.
Во ера на алгоритамска плиткост и комерцијален цинизам, музиката сè уште може да биде простор за вистина. Од пораките на улиците до звучниците на фестивалите, таа нè потсетува: уметноста што не се меша во реалноста е само ехо. А гласот што одбива да молчи, може да биде почеток на промена.