Неодамна плоштад во Бремен (Германија) повторно беше трансформиран во голема сала за турнир во шах на отворено, откако вкупно 1.300 ученици се натпреваруваа да покажат што научиле како дел од училишниот шаховски проект во Бремен „Шахот нѐ прави попаметни“. Овој пат трофејот „Градски музиканти од Бремен“ отиде во училиштето „Бургдам“, пишува специјализираниот шаховски сајт „Чесбејз“.
Директорката на училиштето Саша Каролин Аулеп беше одушевена „што толку многу деца од Бремен и Бремерхавен го трансформираа плоштадот во Бремен во џиновска шаховска табла“ и го отвори турнирот заедно со иницијаторот на проектот, некогашниот фудбалер Марко Боде. Петти пат шаховската година во Бремен беше завршена со турнирот на плоштадот пред Градското собрание на Бремен. Поделени во четири екипи именувани по Градските музиканти од Бремен – Магаре, Куче, Мачка и Петел, беа одиграни четири кола. Децата освојуваа поени на едноставен начин, секоја победа им носеше два орева, кои потоа ги ставаа во големи садови од плексиглас, што беше одлична забава, пишува „Чесбејз“. Проектот „Шахот нѐ прави попаметни“ моментално опфаќа 5.350 деца. Во 221 одделение во основните училишта има еден час по шах неделно. Сите одделенија добиваат шаховски табли, демо-табли, софтвер и работни тетратки. Г.И.