Атлетската федерација на Македонија (АФМ), на пригодната свеченост во Скопје, ги прогласи најдобрите атлетичари, тренери и клубови за 2018 година
Македонските атлетичари годинава поставија 11 државни рекорди, осум во сениорска и три во младинска конкуренција.
Меѓу рекордерите, почесно место има маратонката Адријана Поп Арсова од атлетскиот клубот(АК) Делта, која трипати го подобруваше државниот рекорд, прва што оваа делница ја истрча под три часа, а постави и нови рекорди на 10.000 метри.
Дарио Ивановски од АК Работнички е двоен рекордер на 3.000 метри на отворено и во сала. Во рекордерската листа се запиша и младиот фрлач на диск Ѓорѓи Илов од АК Тиквеш од Кавадарци. Рекордерки станаа и младите атлетичарки на АК Лирија, А. Хајдари, Азири, И. Хајдари и Незири, кои го подобрија рекордот во штафетата 400, 300, 200 и на 100 метри. Списокот на рекордерите завршува со Трајче Михов од АК Велес, кој за едно деноноќие, за 24 часа, претрча 230 километри!
Кај сениорите почестите им припаднаа на атлетичарите на Работнички, Дрита Ислами и Дарио Ивановски, учесници на најголемите светски атлетски приредби.
Признание доби и Кокан Ајановски, кој на Балканскиот шампионат во маратонско трчање (42,195 км) во Лимасол, Кипар, освои бронзен медал.
За најдобри тренери беа прогласени Александра Војнеска-Зикова (Работнички) и Филип Колевски (Куманово). Кумановци беа најдобри во екипна конкуренција.
Сребрени значки од Европската атлетска федерација (ЕЕА) за значаен придонес во развојот на атлетскиот спорт добија поранешната шампионка во трчање на средни и долги патеки Соња Мицеска-Михајлоска од Прилеп и Беџет Точи од Тетово.