Фото: Пиксабеј

Американската војска денеска соопшти дека нема планови да го прослави роденденот на претседателот Доналд Трамп на 14 јуни, кога тој ќе претседава и со дел од прославата по повод 250-годишнината од основањето на армијата.

Трамп, кој тој ден ќе наполни 79 години, ќе игра голема улога во прославите, за време на кои војниците ќе се спуштат со падобран за да му подадат преклопено знаме.

Војската, исто така, ќе одржи парада во Вашингтон.

Парадата не беше дел од првичниот план за прославата на 14 јуни и беше додадена оваа година, предизвикувајќи критики од демократските пратеници и други дека Трамп го „киднапирал“ настанот.

На прашањето дали војската има планови да го одбележи роденденот на претседателот, Стив Ворен, портпарол на армијата, рече дека не очекува да го одбележи роденденот на Трамп, туку да се прослави американската војска.

– Возбудени сме што врховниот командант е заинтересиран за 250-годишнината од војската и што ќе сака да ја види – рече Ворен.

Околу 7.000 војници, 370 возила и 70 авиони ќе учествуваат на парадата што ќе се одржи во Вашингтон на 14 јуни, според документ до кој имаше увид Си-eн-eн. Тој ден ќе се одбележи 250-годишнината од формирањето на американската армија и 79-тиот роденден на американскиот претседател Доналд Трамп.
Се очекува Трамп да ја следи парадата од платформата за набљудување во Белата куќа, ќе одржи говор и учествува на настан за регрутирање.
Речиси 7.000 војници ќе маршираат низ Вашингтон, проследени од 370 возила, вклучувајќи историски и модерни, „Златните витези“ ќе скокаат со падобран, а парадата ќе биде збогатена со 70 авиони.

На парадата ќе бидат претставени возила и униформи од секоја војна во која учествувале САД, а се очекува сето ова да чини десетици милиони долари.
За Трамп, ова ќе биде проба за најавениот настан „Америка 250“, планираната едногодишна прослава на 250-годишнината од постоењето на САД следната година.