Фото: Маја Јаневска Илиева

Во организација на Министерството за одбрана и Армијата, денеска, се одржа промоција на родовата самопроценка во одбраната и на Родовиот акциски план 2024 – 2028 година, каде обраќања имаа претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, како и амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Јаим и заменик-директорката на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, Беатрис Годефра.

Како врховна командантка на вооружените сили, Сиљановска – Давкова порача дека кон родовите прашања во Армијата и во одбраната не се однесува само како набљудувачка, туку како актерка. Според претседателката, за многу жени во одбраната вистинската борба не почнува во мисиите каде учествуваат, туку во нивните сопствени редови како борба за еднакви услови за работа и рамноправен статус.

– Жалам што, за многу жени во одбраната, без оглед дали се дел од Министерството или од воените структури, вистинската борба не почнува во мисиите во коишто учествуваат и еднакво се жртвуваат, туку во нивните сопствени редови, како борба за еднакви услови за работа и за рамноправен статус, како борба за усогласување на професионалниот живот со семејните обврски, а за жал и борба понекогаш за еднакво вреднување на трудот и напредокот – истакна Сиљановска – Давкова.

Промовирањето на родовата еднаквост, додаде, не подразбира давање предност, туку отстранување на пречките и овозможување еднаков третман за сите.

– Според мене промовирањето на родовата еднаквост не подразбира давање предност, туку отстранување на пречките и овозможување еднаков третман за сите. Ние мора да го израмниме патот и да отвориме простор за извонредност, без оглед на тоа од каде таа доаѓа – порача претседателката.

Министерот за одбрана Мисајловски истакна дека 52,3 отсто од раководните позиции во Министерството се жени, посочувајќи дека процентот на застапеност на жените мора да продолжи да се зголемува. Приоритет на Министерството е, вели, поголема застапеност на жените не само како бројка, туку како квалитет. Родовата еднаквост ја нарече „цивилизациска вредност која го сублимира сиот потенцијал и капацитет и создава синергија која ќе биде моторот за заеднички развој“.

– За нас приоритет е поголемата застапеност на жените во безбедносните структури – не само како бројка, туку како квалитет. Можеби најзначајниот чекор го направија македонските граѓани кои со изборот на првата врховна командантка на Армијата, претседателката Сиљановска – Давкова на оваа врвна државна позиција, покажаа дека се ослободени од стегите на тоа дали државата, а со тоа и вооружените сили на чело имаат маж или жена – рече Мисајловски.

Со јакнење на механизмите за родова еднаквост, вели, Министерството и Армијата ја зајакнуваат внатрешната структура.

– Фокусирани на родовата обука на сите нивоа во Министерството и Армијата, го мултиплицираме нашиот потенцијал и носиме вистински решенија во подобрување на внатрешната структура, лидерството, кадровските политики, работните услови и инфраструктурата – рече Мисајловски.

Амбасадорката на Кралството Шведска Ами Ларсон Јаим и заменик-директорката на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор Беатрис Годефра, во своето обраќање, исто така, ја истакнаа важноста на родовата еднаквост.

Амбасадорката Ларсон Јаим им честиташе на сите вклучени во процесот за посветеноста и планирањето како работната средина да ја направат родово одговорна и попривлечна за мажите и за жените рамноправно да придонесат за лидерството, заштитата и безбедноста на земјата.

Заменик-директорката на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор Беатрис Годефра, пак, изрази благодарност за соработката со Министерството и порача дека не може да има значаен напредок, ниту одржлив развој без еднакво и суштинско учество на мажите и жените.

Годефра истакна дека одбраната и Армијата имале професионален и посветен пристап кон родовата самопроценка и дека процесот бил значајна можност за институционално размислување, заемно учење и градење доверба.

Родовата самопроценка и Акцискиот план за родова еднаквост 2024-2028 на Министерството за одбрана и Армијата се изработени во соработка со Женевскиот Центар за управување со безбедносниот сектор, поддржани од Швајцарија, Шведска, Холандија и Европската Унија.

Како што појаснија од Министерството за одбрана, Акцискиот план за унапредување на родовата еднаквост е стратешки документ кој се базира на наодите од родовата самопроценка. Тој предвидува конкретни мерки и активности за унапредување на родовата еднаквост во рамките на Министерството и Армијата во области како што се зајакнување на родовата структура, донесување на одлуки, професионален развој, обука, опрема, инфраструктура и организациска култура.