Чешма Аврамиче

Галичник како орловско гнездо на планината Бистра, кој некогаш бил и град, бил богат со кладенци, извори и со чиста околина. На овој план во континуитет се преземаат конкретни активности за колективно чистење на околината. Точна евиденција не постои, но добрите познавачи на галичката историја состојбите за чистотата и хигиената, како и снабдувањето со здрава вода за пиење, ги пренесувале од колено на колено. Во екот на просперитетот, кога во Галичник сѐ уште не бил изграден водоводот, постоеле над педесет чешми, распоредени на сите краеви на просторот, со висок квалитет на водата, која доаѓала од утробата на планината Бистра. Според усните преданија и понекој запишан податок, во Галичник биле изградени над 50 чешми, а нешто помалку во поблиската околина на бачилата. Имало а во извесна мерка и останале чешмите со поилата за добитокот, потоа, се граделе чешми покрај патиштата што воделе до излетничките и историските места.
Првата цивилизирана чешма, со делкан камен, со архитектура слична на галичките куќи ја изградило семејството Алаутоски во 1891 година. Чешмата ја нарекле Видиниче, покрај тоа што жителите на Долно Маало полнеле пивка вода за пиење и ја вбројувале меѓу најквалитетните. Местото каде што била изградена се наоѓа на најниска морска височина на Галичник, на околу 1.150 м, на заветрина, постојано ја грее сонце, претставува топло и пријатно место за одмор, за лаф-муабет, за средби, жителите да си ги кажат маките и успесите… Чешмата Видиниче е оддалечена педесетина метри од куќата во која во 1817 година се родил Ѓорѓија Пулевски, македонски преродбеник, писател на кратки дела, самоук лексикограф, граматичар, етнограф…, а од 1950 година куќата беше пренаменета во музеј „Пулевски“.
Пред три-четири века истражувачите на галичката историја, некои и самите биле сведоци, ќе забележат и ќе пренесат дека на сите страни масовно се граделе куќи палати. Интензивната изградба и зголемувањата на членовите на фамилиите ги принудувале жителите да пронаоѓаат нови извори со вода и да градат чешми за да ги задоволат потребите за вода што живот значи. Во Средно Маало во најголем подем била изградба на куќи и објекти за трговски и занаетчиски дуќани, по што станало центар на Галичник и се наметнала неопходна потреба од пронаоѓање извор со голем капацитет на изворска вода.

Чешма Видиниче – Галичника

На местото каде што денес се наоѓа чешмата Упија, од сите страни се забележувало како блика вода, а бистроумните галичани, домаќини, водата ја собрале на едно место, од камен изградиле каптажа, за рационално да ја користат водата за пиење и за други потреби во домаќинството. Потоа изградиле импровизирана чешма, а над неа каптажа, резервоар за собирање на водата. Во 1929 година доктор Глигур Муратовски ја обновил чешмата, во современа градба во спомен на починатите родители Серафим и Софија. Покрај Упија, и неколку други чешми се граделе со клепан односно делкан камен, во стилот на галичките куќи, кои архитектонски се дополнуваат.
На половина пат меѓу селото Маврово и Галичник, во месноста Царевец, (Царева чешма), Аритон Огненоски Лоноски, галичанец, преселен во Романија ја изградил Царева чешма, а во Галичник, во спомен на сопругата Доста, изградил мала болница, која никогаш не се користела за намената и не ја исполнила желбата на ктиторот бидејќи пред да се даде во употреба започнала Втората светска војна. Денес го носи името вила „Доста“ во спомен на сопругата на дарителот, Доста. Во долниот дел на вилата се наоѓа Етномузејот на Галичник.
Под куќата на фамилијата Чалоски се наоѓала чешмата Динговиче, а во куќата на фамилијата Николоски чешмата Николиче, Аврамиче била кај фамилијата Прелиовци. Според вкусовите и хемискиот состав на водата, овие чешми биле меѓу најквалитетните. Слични особености имала водата од чешмите Јанкуличе во Бошњаковско Маало, Вирови – наспроти Галичник, Белчевица кај селска ливада. На патот од Галичник до Старо Село, кај црквата „Света Петка“, биле изградени четири-пет чешми, а чешмата во Старо Село, каде што се наоѓало првобитниот Галичник, ја изградиле браќата Раде, Стево и Љубе Чапароски, доктори по медицински науки, професори на медицинските клиники во Скопје, во спомен на починатите браќата Ацо и Славко.

Чешма Упија

На западната страна на Галичник, на половина пат Јанче-Галичник (Скала) се наоѓа Софина чешма, со пивка и секогаш студена вода, која ја користат љубителите на планината.
Чешмата Кофилковица се наоѓа непосредно до месноста Скала – Укален, на 45 минути одење пеш од хотелот „Неда“. Сместена под стрмните литици на високата карпа и разновидната шума, предизвикува посетителите на планината почесто да ја посетуваат и да уживаат во недопрената природа.
Баш чешма се наоѓа на 2.30 часа одење пеш од хотелот „Неда“ кон бачилото Требишка рупа, односно на врвот Карабула на планината Бистра. Долги години чешмата беше обрасната со треви, затрупана и не служеше за својата намена. Во 2011 година чешмата беше реконструирана, исчистена и соѕидана со камен и повторно потече чиста планинска вода за пиење. Баш чешма е обновена во чест на големиот планинар и ловџија и најголем познавач на планината Бистра, галичанецот Блаже Јанкуловски.
Во Галичник и неговата околина има уште чешми. Овде ги претставивме само најзначајните. Чешмите со изворска планинска вода на планината Бистра се од непроценливо богатство, ги има насекаде и со задоволство се користат од посетителите.

Киро Кипроски