Поради масовното иселување на младите, во моментов македонскиот јазик има повеќе говорители во дијаспората, отколку во татковината. Јазикот мораме да го заштитиме со доследно почитување на уставната норма, но и во дигиталната ера за да биде достапен за дијаспората и за идните поколенија – напомена претседателката Гордана Силјановска Давкова.
Претседателката денеска е покровителка на Свечена академија по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, што се одржува во МАНУ.
-Сведоци сме на намалување на користење на јазикот во службена употреба во државата. Во право беше Петре М Андреевски кога предупреди дека јазикот може да биде загрозен и од неговите говорители, потенцирајќи дека независно дали тоа се прави од незнаење или од негрижа. Предавството на јазикот е предавство и на сопствените родители и на сопствените деца. А многу наши деца си заминуваат во странство – рече Силјановска Давкова.
Како што напомена, поради масовното иселување на младите, во моментов македонскиот јазик има повеќе говорители во дијаспората, отколку во татковината.
-Според УНЕСКО, околу три илјади јазици се соочуваат со опасноста да исчезнат до крајот на овој век, односно по еден јазик може да згасне на секои две недели. Ние не смееме да дозволиме таква судбина да го снајде македонскиот јазик. Мора да направиме се, за да го заштитиме – појасни претседателката.
Според неа, тоа може да го направиме на три начини. Со доследно почитување на уставната норма според која што службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Силјановска Давкова потенцираше дека мора да се инсистира на употребата на македонскиот јазик во службената комуникација на сите нивоа, во сите институции во државата.
-Исто така, јазикот можеме да го заштитиме со дигитализацијата. Само преку дигитализација на македонското творештво, ќе успееме да го пренесеме македонскиот јазик и во дигиталната ера за да биде достапен за дијаспората и за идните поколенија – додаде претседателката.
На настанот свое обраќање имаат и претседателот на МАНУ Живко Попов, министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и претседателката на Советот за македонски јазик Симона Груевска-Маџоска.