Четири и пол децении од смртта на обединителот на јужнословенските народи во една федерација – Јосип Броз
- Победата над фашизмот во Втората светска војна и активната улога на македонскиот народ во тоа, како и извојувањето националната и социјална слобода во тој историски момент, под раководство на југословенската Комунистичка партија и нејзиниот лидер Тито, во 1944 година, всушност беше момент на созреаните историски услови кога македонскиот народ ја основа својата држава, Народна Република Македонија, како дел од југословенската федерација. Овој потег официјално ги потврди македонската посебност, националната независност, интегритет и суверенитет, како и идентитет и јазик, разликувајќи ги од српските и бугарските влијанија
- Стратегијата на Тито имаше цел да ги обедини различните етнички групи во Југославија, а наедно да одржи рамнотежа на моќ меѓу нив. Таквите политики, исто така, стимулираа реализација на една демократска историска вистина за Македонците: остварување на правото на самоопределување и интегритет, остварување на правото на правна и суверена еднаквост и правото на државен и територијален суверенитет и интегритет, правото на политичка независност, правото на недискриминација од страна на другите држави, правото на заштита на основните човекови поединечни и колективни права… Со тоа се овозможија и кодификацијата на македонскиот јазик и промоцијата на македонското културно наследство
Вчера, на 4 мај, се одбележаа 45 години од смртта на Јосип Броз Тито, човекот што во светската историја е запаметен како југословенски комунистички револуционер и државник што одигра клучна улога во историјата на Југославија. Тој ги предводеше југословенските партизани на чело на Комунистичката партија на Југославија за време на Втората светска војна, едно од најефикасните движења на отпор против нацистичка Германија. По војната, тој раководеше со Југославија, сѐ до својата смрт во 1980.
Но она што е особено значајно за нас е дека македонскиот народ за првпат во својата историја се избори за сопствена држава токму во времето на Јосип Броз Тито. Македонското националноослободително движење ја доживува својата кулминација во текот на Втората светска војна, односно преку Народноослободителна борба во периодот 1941-1944 година. Народноослободителното движење од Втората светска војна по својата суштина е антифашистичко движење за национално ослободување на македонскиот народ и создавање македонска држава. Во овој период македонскиот народ преку својата НОБ стана составен дел од антифашистичката коалиција насочена против нацистичка Германија и нејзините сојузници, како што била царска Бугарија на Балканскиот Полуостров. Со тоа се создале меѓународни услови за создавање македонска држава, како и национално ослободување на Македонците.
Авнојска Југославија беше жесток бранител на посебноста на македонскиот народ, заштитник на македонските национални интереси и протагонист на борбата за културни права на етничките Македонци во соседството (Југославија никогаш не го затвори прашањето за правата на своите етнички малцинства во соседството, вклучувајќи го и македонското малцинство надвор од СР Македонија).
Со асномска Македонија од 1944 година беше формирана национална суверена и независна држава на македонскиот народ и на другите националности (малцинства) што живееја во Македонија. Македонскиот јазик беше службен јазик на Југославија, рамноправен со словенечкиот и српскохрватскиот или хрватскосрпскиот, федерацијата потпишуваше меѓународни договор на македонски јазик, во Обединетите нации македонскиот беше заведен како службен јазик на СФРЈ. Д.Ст.