Во Македонскиот народен театар во тек се пробите за театарската претстава „Ангели во Америка“ (прв дел) од Тони Кушнер, во режија, превод и кореографија на Филип Петковски. Продуцент е Петар Антевски, сценограф Мартин Манев, костимографка Антонија Гугинска-Јорданоска, а асистентка на режисерот Антонија Белазелковска.
Претставата се реализира како копродукциски проект меѓу Македонскиот народен театар и здружението за афирмација на театарската уметност „Пресврт“ од Скопје.
Процесот на работа на претставата ќе се одвива во текот на април и мај, а нејзината премиера се очекува на крајот на мај. Во претставата играат: Јордан Симонов, Тања Кочовска, Наталија Теодосиева, Дамјан Цветановски, Стефан Спасов, Александар Стоименовски, Илин Јовановски и Нела Павловска.
„Ангели во Америка“ е едно од најзначајните драмски дела на современиот американски театар, кое низ два дела ги прикажува животот, политиката и идентитетот во САД во 1980-тите, во времето на сида-кризата и на конзервативниот политички подем. Преводот, адаптацијата и сценската поставка се очекува да понудат современо и релевантно читање на ова моќно дело во македонски контекст.
Со оваа продукција, МНТ и „Пресврт“ ја продолжуваат својата мисија за донесување актуелни, предизвикувачки и уметнички силни проекти на македонската сцена.