Се вративме дури до 1972 година, но ги слушнавме и најновите мелодии на Маротов кои скоро и беа претставени на јавноста. Малата сала на Филхармонија и нејзината интимност, ја направија атмосферата уште потопла, попријатна, а публиката уште од првиот миг им даваше такт на песните, а на некои и запеа
Во Малата сала на Македонска филхармонија, синоќа искреше од емоции и музика. Сите што присуствуваме на солистичкиот концерт на познатиот македонски музичар, композитор, професор и пејач Благој-Блаж Маротов бевме дел од едно романтично, музичко патување, што тој ни го приреди заедно со неговиот бенд и неговите гости.

Околу час и половина, Благој нѐ водеше со песна и спомени низ неговата плодна кариера, долга половина век. Беше среќен, зрачеше со позитивна енергија, која се пренесе и на неговите гости, а секако и на публиката. Се покажа и како добар домаќин, а за пеењето, зарем треба да се коментира, пееше лесно, меко, а истоврмено пробивно и моќно. А како и нема да биде така, кога заедно со него на сцена беше целото негово талентирано семејство, синовите Бојан и Гоце, снаата Лена, сопругата Јулија, како и соработниците: Бојан Ивановски, гитара и Трајче Трајчевски на тапани, сите академски музиачри, кои не дозволија ниту една нота да заталка, а сепак сѐ да биде лежерно и спонтано.

Со песните се вративме дури до 1972 година, но ги слушнавме и најновите мелодии на Маротов, кои скоро ѝ беа претставени на јавноста. Малата сала на Филхармонија и нејзината интимност, ја направија атмосферата уште потопла, попријатна, а публиката уште од првиот миг им даваше такт на песните, а на некои и запеа.
Благој коцнертот го отвори со баладата „Молитва за Магдалена“ на познатиот хрватски композитор Зденко Руњиќ, што беше дел до репертоарот на неговиот омилен Оливер Драгоевиќ, што овојпат прозвучи во препев на македонски, а ја исполни во придружба на пијано на синот Бојан Маротов.
А потоа се редеа песните од репертоарот на Блаж: „Еј среќо“, „Лаго моја“, „Одведи ме до рајот“, „Магија “, „Доказ“….
Заедно со публиката ги отпеа „Није хтјела“ од репертоарот на Кемал Монтено, и Без тебе“ на Оливер Драгоевиќ. На тоа убаво се надоврза неговата песна на српско-хрватски јазик, што требаше да се испее пред неколку години на Сплитскиот фестивал, посвета на Оливер, „Роман за нас“, која навистина го доенсе здивот на медитеранот во салата. Ја слушнавме и прекрасната песна чиј автор е Благој, „Бог да ми даде сила“, вистински хит, која исто така публиката штердо ја награди со аплауз.

Гостите беа полн погодок. Прв со Блаж го слушнавме неговиот ученик Иван Кукиќ, на кого тој како професор четири години му предавал. И двајцата, како вистински виртуози на своите бас-гитари ја исполнија „Од љубов не се бега“, што ја пееше Зафир Хаџиманов.
Настапија и познатите музичари, вечно насмениате Илија Филиповски на виолина и на хармоника Војче Петрушев, а огромен аплауз од публиката доби и Перо Христов, кој заедно со Маротов, во Струмица, на иста сцена бил и во далечната 1972 година. Тогаш младиот Перо ја освоил награда „Златен глас на Македонија“, на фестивал на пејачи аматери, а 11-годишниот Благој бил втор. Бидејќи концерти имало во повеќе градови, и на финалето во Скопје се повторила истата ситуација, Перо Христов бил прв, а малиот Благој второпласиран.
Перо и Благој ја отпејаа „Синоќ ниси била ту“ од репертоарот на Здравко Чолиќ, а потоа Перо, на задоволство на публиката ја испеја и неговата „лична карта“, песната „Нема живот Ангелино“, за која музиката ја напиша Тоде Новачевски, а првпат изведена на „Цветници“ 1993 година.

И како што велат крајот делото го краси, Блаж заедно со сопругата Јулија ја исполни песната „Шармерки“, созадена пред петнаесетина години, за која е снимен и интересен спот, за која верувам повторно ќе ја доживее својата попуалрност. На сцената на крајот се качија и нивните внуци Луна и Лео, па и заигаа.
И како што се пее во „Шармерки“, „вечерва ние славиме, вечерва журка правиме, адреса да оставиме на боговите“, навистина на овој концерт се славеа музиката и љубовта.
Наскоро Благој со соработниците и гостите ќе настапи и во Струмица и во Гевгелија, а концертот се снима, па ќе остане како трајно сведоштво за ова незаборавно музичко патување со песните на Благој – Блаж Маротов.