Својата репутација ја изградила благодарение на трпеливата и бескомпромисна борба за еманципација на жените. Присуствувала на повеќе работнички состаноци и на социјалистички средби, а одржувала контакт со високи социјалистички претставници од Македонија, Бугарија и Србија. Во тоа време, колку што ни е засега познато, нема друга македонска жена што толку многу се вложила во унапредување на правата на жените и во унапредување на правата на работниците. Неуморна, незастрашлива, незапирлива

Жени во македонското револуционерно движење од предилинденскиот и илинденскиот период (10)

Во македонската историја се познати голем број настани и револуционери што оставиле силен белег во борбите за ослободување на Македонија. Меѓутоа, она што не е доволно познато е дека во тие борби се вклучиле и повеќе Македонки, кои со своите дела и постапки исто така дале свој придонес во револуционерното дело. Околу нив се плетеле приказни, се граделе митови и легенди, а нивните биографии личат на вистински романи, кои како да се произлезени од најголемите фантазии на писателите. Овие жени се бореле гради во гради со непријателот, шиеле востанички знамиња, извршувале курирски задачи, пренесувале оружје и муниција, ги криеле и ги лекувале македoнските револуционери. Нивниот револуционерен ангажман бил прераскажуван од современиците, а меѓу народот биле познати како „комитките“.
Авторот д-р Славчо
Ковилоски е универзитетски професор.

Меѓу македонските жени што се вклучиле во јавниот живот од крајот на 19 и почетокот на 20 век посебно место зазема Роса Плавева. Во македонската публицистика постојат неколку текста поврзани со неа, расветлувајќи ги нејзините непознати животни врвици, но честопати се искажуваат несоодветни квалификации во врска со нејзината општествена дејност. Тоа најмногу се однесува на давањето на епитетите првата македонска жена социјалист или првата жена, Македонка, социјалистка итн.
Притоа, како една од првите македонски социјалистки ја забораваме Константа Бојаџиева (Русинска), која уште во средината на 1890-тите години била запознаена со социјализмот и дејствувала во согласност со неговите идеолошки побарувања: обезбедување права на жената во општеството. Всушност, со именувањето на Плавева како прва македонска социјалистка им се одзема стекнатото право на тогашните македонски жени што се вложиле во социјалистичкото движење. На тој начин на Плавева ѝ се одзема правото да можеме да ја наречеме предводничка на македонското социјалистичко движење од почетокот на 20 век, место што го обезбедила благодарение на нејзиниот ангажман во првите децении на векот. Постои уште една недоследност, овој пат поврзана со годината на нејзиното раѓање. Така, најголемиот дел од објавите посветени на неа во печатените и електронските медиуми како година на раѓањето ја наведува 1878. Сепак, на Алејата на заслужните граѓани во Белград, каде што починала и е закопана, стои 1873 година. Ова прашање и понатаму предизвикува дискусии.
Да се осврнеме накратко на нејзината биографија. Роса Плавева е родена како Роса Варналиева во Велес во фурнаџиско семејство, а како што видовме починала во Белград. Основното образование го завршила во родниот град. Школувањето го продолжила во Софија, каде што се запознала со социјалистичките идеи. Со нив се вратила во Велес, каде што благодарение на Васил Главинов социјализмот веќе пуштил корени уште од 1894 година. Во ова време Главинов ширел социјалистичка литература, а бил редактор и објавувал свои написи во весниците „Револуција“ (1895) и „Политичка слобода“ (1898/1899) и чие мото било: „Ослободувањето на Македонија е дело на самите Македонци. Преку народот за народот. Македонија на Македонците“. Подоцна го издавал и весникот „Работничка искра“ (1909/1911). Кон групата македонски социјалисти предводена од Главинов, Димо Хаџи Димов, Велко Марков, Никола Карев, Никола Петров Русински и други, се приклучила и Роса, чии четива биле токму написите во весниците на Главинов, книгите на Август Бебел, Карл Кауцки, Едуард Бернштајн, Хаџи Димов итн.

Во социјалистичкото движење го запознала својот иден сопруг Илија Плавев, исто така од Велес, земајќи го неговото презиме. Оттука нивните судбини се испреплетуваат, заедно работејќи на ширење и афирмирање на социјализмот во Македонија, сѐ до неговата смрт во 1940 година. Исто така, важно е да се напомене дека нејзината дејност главно е врзана за Скопје. Од ова време е познато нејзиното именување како Дели Роса (Јунак Роса) што ѝ го дале нејзините турски сограѓани. Како таква била позната и во пододминати години, а и на нејзиниот надгробен натпис стои ова име.
Една од нејзините најпознати акции за афирмација на македонското женско движење е онаа од времето на Младотурската револуција (1908). Во оваа пригода, заедно со учителката Накие Бајрам, инаку Турчинка, ги организирала турските жени на протест против носењето фереџе. Состанокот на жените се одржал во куќата на Плавева. Следувал јавниот протест на кој Плавева била уапсена, но набрзо и ослободена.
Исто така се јавила и како организатор на демонстрациите за правата на жените во Скопје во 1909 година. Овде, заедно со својот сопруг ги поставила основите на социјалдемократската организација. Нејзината активност продолжила и во следните години, па така, повторно во Скопје, била иницијаторка за петицијата за да се донесе резолуција за ослободување на Роза Луксембург и Карл Либкнехт, теоретичари на марксизмот, социјалисти и комунисти. Според сознанијата, успеала да собере стотина потписи, што претставувало огромен успех за тоа време. Понатаму, била една од основачите на Социјалистичката работничка партија на Југославија (комунисти) (СРПЈк) во 1919 година. Веќе следната година била основач на Организацијата на жените социјалистки во Скопје. Во овој град отворила и бесплатна аптека, овозможувајќи им на работниците и бесплатен лекарски преглед. Кон крајот на 1920-тите години ја намалила својата активност, но никогаш не престанала јавно да ги кажува своите ставови и да се бори за подобра иднина.
Својата репутација ја изградила благодарение на трпеливата и бескомпромисна борба за еманципација на жените. Присуствувала на повеќе работнички состаноци и на социјалистички средби, а одржувала контакт со високи социјалистички претставници од Македонија, Бугарија и Србија. Во тоа време, колку што ни е засега познато, нема друга македонска жена што толку многу се вложила во унапредување на правата на жените и во унапредување на правата на работниците. Неуморна, незастрашлива, незапирлива.

Д-р Славчо Ковилоски