Се чинеше дека зголемувањето на тарифите застана на 145 отсто за кинескиот увоз во САД, односно на 125 отсто за американскиот увоз во Кина, но Белата куќа објави оти Кина се соочува со тарифи до 245 отсто за нејзиниот увоз во САД. Со тоа е извесно дека двете спротивставени страни и натаму наоѓаат начини за зголемување на влогот во трговската војна. Професорот Јао Танг од Пекиншкиот универзитет смета дека му е ставен крај на актуелниот економски поредок, осврнувајќи се на трговскиот спор помеѓу САД и Кина, како и на можните последици
Видување на професорот Јао Танг од Пекиншкиот универзитет за трговскиот спор помеѓу САД и Кина
Меѓусебните зголемувања на царините помеѓу САД и Кина навидум стивнаа, но трговскиот спор помеѓу двете најголеми економии не покажува знаци на попуштање. Се чинеше дека зголемувањето на тарифите застана на 145 отсто за кинескиот увоз во САД, односно на 125 отсто за американскиот увоз во Кина, но Белата куќа во меѓувреме објави оти Кина се соочува со тарифи до 245 отсто за нејзиниот увоз во САД. Со тоа е извесно дека двете спротивставени страни и натаму наоѓаат начини за зголемување на влогот во трговската војна. Властите во Пекинг ја нагласија решеноста дека Кина „не се плаши да се бори“, додека од Вашингтон порачуваат дека „топката е на кинески терен“, тврдејќи оти „на Кина ѝ е потребно да склучи договор со САД“, што во Пекинг го негираат.
Крај на актуелниот економски поредок
Професорот Јао Танг од Пекиншкиот универзитет смета дека му е ставен крај на актуелниот економски поредок, осврнувајќи се на трговскиот спор помеѓу САД и Кина, како и на можните последици.
– Тарифите на Трамп му ставаат крај на актуелниот економски поредок. Оваа војна никој не ја добива, но ние треба да се потрудиме да не ја загубиме. Во овој спор страдаат двете економии, на САД и на Кина. Двете страни чувствуваат последици. САД со инфлацијата, Кина преку малите извозници. Прашање е кој ќе попушти прв, па потребен е некаков компромис, бидејќи е извесно оти двете страни ќе издржат уште некое време – вели професорот Танг Јао.
Кинеското национално биро за статистика во средата соопшти дека економијата забележала раст од 5,4 отсто во првиот квартал, што е над предвидувањата на аналитичарите. Таквиот раст во голема мера е поттикнат од брзањето на извозниците да префрлат производи во САД пред тарифите да стапат во сила.
Кина е најголемата производствена нација во светот и произведува многу повеќе отколку што нејзиното население троши дома. Се проценува дека има суфицит на стоки од речиси еден трилион долари, што значи дека извезува повеќе во остатокот од светот отколку што увезува.

Трговската војна ќе поттикне нови трендови – кон услужната дејност или кон инвестиции
Прелевачките влијанија од сеопфатната трговска војна меѓу Кина и САД ќе се почувствуваат на глобално ниво, а повеќето економисти проценуваат дека влијанието ќе биде многу негативно. Професорот Танг Јао смета оти трговската војна ќе ја забрза потребата од насочување кон услужната дејност или кон дополнително инвестирање.
– Светот е фрагментиран и има потреба од индустријализација. Потребна е и релокација на капацитетите. Ако се рашират производствените капацитети низ светот, ќе се намали и прекумерното производство. Долгорочно, потрошувачката дома ќе порасне, но краткорочно е потребно да се најдат надворешни пазари, што е тешко бидејќи сите се во рецесија. Трговската војна ја забрзува потребата од насочување кон услужната дејност или кон дополнително инвестирање – објаснува професорот Танг Јао.
Кина, наводно, им наредила на своите авиокомпании да го прекинат купувањето авионска опрема и делови од американски производители, вклучувајќи го и „Боинг“. А американскиот претседател Доналд Трамп во меѓувреме најавил разгледување можности за дополнителни тарифи за фармацевтски производи и полупроводници од Кина, што би влијаело на значителен број трговски партнери на САД, според известувањето на западни медиуми. Тој исто така, наводно, наредил да се спроведе испитување што може да резултира со царини за критични минерали, ретки земјени метали и нивни придружни производи, како што се паметните телефони. Кина доминира во глобалните синџири за снабдување со ретки метали и воведе контрола на извозот на неколку ретки земјени елементи откако избувна трговската војна со САД.
Трговијата со стоки меѓу двете најголеми светски економии минатата година се зголеми на околу 585 милијарди долари, при што САД увезуваа многу повеќе од Кина (440 милијарди долари) отколку што Кина увезуваше од нив (145 милијарди долари). Таквата ситуација резултира со значителен трговски дефицит на САД со Кина од 295 милијарди долари во 2024 година, што е еднакво на околу еден отсто од американската економија.
Наспроти сите процени, допрва ќе се види како ќе се развива ситуацијата помеѓу двете најголеми светски економии, со зачестените глобални апели за евентуални преговори за наоѓање решение.
Милко Живковиќ, наш известувач од Кина