Што е новото што го предлага идниот германски канцелар Фрдирих Мерц – Берлин вели дека проширувањето на ЕУ нема никаква смисла со сегашниот начин на одлучување, односно со консензус и тој ќе се замени со квалификувано мнозинство. Ова значи дека се става крај на преговарачката рамка на Макрон и дека Балканот ќе се ослободува од тешкиот товар на билатерализацијата. Мерцкригот дипломатски изврши десант и врз Софија и тоа веќе се наѕира. Затоа за Македонија сега е најважно да остане на своите позиции, да не го спушта гардот, во спротивно ја чекаат црни денови
Засега се гледаат контурите, а тие кажуваат дека Германија го презема европското кормило од Франција – Берлин е решен Европа да ја застане на нозе по германски модел. Што значи тоа? Владата на идниот канцелар Фридрих Мерц, кој официјално би требало да биде на таа функција на почетокот на мај, заедно со социјалдемократите (СПД) и сестринската демохристијанска партија од Баварија (ЦСУ) имаат намера да ја реформираат ЕУ според сегашната геополитичка состојба. Доколку сега Европа не го фати возот, таа и натаму ќе заостанува не со часови, не со месеци, туку со години зад САД, Кина, но и Русија, Индија и други моќни земји.
Првиот голем чекор на Мерц беше планот со уставни измени да се дозволи за првпат во децении земјата да го напушти уставното начело да троши колку што собира приходи и да се задолжува во интерес на јакнење на инфраструктурата, конкурентноста, но и подготвеноста да се соочи со одбранбените предизвици, кои, според нив, доаѓаат од Русија, но и од други локации. Цифрата е во трилиони. За остатокот од Европа, особено за Балканот е многу важна намерата на Берлин да го смени начинот на гласање при приемот на нови членки, односно да се напушти принципот на гласање со консензус, што значи одобрување од сите 27 членки, и да се премине на гласање со квалификувано мнозинство. Значи, не 27 минус еден што беше некогаш во оптек, туку квалификувано мнозинство.
МАКЕДОНИЈА ПОГОДИ ТОЧНО КАДЕ ШТО ТРЕБА
Идејата не е од вчера, а конкретно Македонија повеќепати била жртва на блокада со вето, па затоа и сегашната влада на Христијан Мицкоски бараше Брисел да најде решение за проблемот со тешко име и товар – билатерализација на проблемите. И, се чини дека Берлин со дебела диоптрија гледа дека билатерализацијата е рак-рана на европскиот проект. Македонија тука совршено погодила и сега постојат извонредни можности и околности злоупотребите со ветата или блокадите што им стојат на располагање на членките на ЕУ, да бидат заменети со сосема нов модел на одлучување, кој ќе отвори нови перспективи и конечно создавање паневропски простор.
Во владиниот коалициски документ испечатен на 144 страници има место и за проширувањето на ЕУ, кое, сепак, не е клучна тема на Полска, која е претседавач со Унијата, но Германија сега нуди нешто ново – европски блицкриг (во превод од германски значи молскавична војна со многу брзи изненадувања). Германија, која ги отвораше европските врати преку бавниот Берлински процес и кој практично стана сурогат на полноправното членство, сега вели многу едноставно – поарно да нема проширување според сегашниот модел и гласањето со консензус. Секој секого може да блокира, па дури и кога земјата ќе ги помине сите поглавја или кластери, таа пак може да се врати некаде на почеток. Германија вели – енде! Македонија на пример чека почеток на преговори цели 20 години. Кога Украина би одела со истото темпо, таа би почнала да преговара во 2045 година. Звучи страшно, нели? Затоа Мерц има план како да се премине преку фамозниот консензус – ќе биде многу тешко земјите членки да се откажат од тој силен инструмент, но Берлин смета дека на земјите кандидати треба да им се отвори целосно пазарот во ЕУ, тие практично да бидат во Унијата, но со ограничено право на одлучување.
Дали на овој начин всушност ќе се формира таканаречената втора европска лига? Може и така да се каже, но тоа би било само преодна фаза, барем тоа може да се прочита од планот на Мерц.

ПРВИН ТРЕБА ДА СЕ УБЕДИ МАКРОН
Мерцкригот се очекува да почне многу скоро, со првата посета на германскиот канцелар Фридрих Мерц на Франција и разговорите со претседателот Емануел Макрон. Јасно е дека првин треба да се елиминира Макроновата рамка за преговори, еден процес што особено ги исфрустрира балканските земји, пред сѐ Македонија и Србија, кои станаа буквално заложници и жртви на анахроните политики на нивните соседи. Макрон и нема што да изгуби, освен што само може да добие. Првин повторно силно франко-германско пријателство, а потоа и силен економски сојузник во период кога Америка го крева сидрото од Европа. Второ, имаат многу заеднички точки во однос на „хегемонот Путин“, како што тие отворено го нарекуваат. Втора на листата за посети, како што се најавува од Берлин, е Полска, важен и голем сосед на Германија, но и земја од првата фронтовска линија кога станува збор за руско-украинскиот конфликт. Плус, рековме дека Полска и претседава со ЕУ, што значи Мерц тука ќе ги склопува камчињата од новиот европски мозаик. Притоа Мерц е многу јасен кон едно од најтешките прашања за Европа – Украина. Тој во интервју за „Ханделсблат“ ги расчисти дилемите за членството на Украина во НАТО истакнувајќи дека „европска држава што е во војна не може да биде членка на НАТО“. Притоа, истото тоа не го зборува и за ЕУ.
Која е сега непознатата во европската рамка – како да влезат во ЕУ Македонија, Србија, Косово, Украина, Молдавија и Босна и Херцеговина, како најпроблематични? Има ли Мерц навистина магично стапче да го оствари тоа и по која цена?
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, е меѓу првите што реагираа остро, велејќи дека евентуалниот прием на Украина во ЕУ, на кој инсистираат Брисел и опозициската партија Тиса, ќе го загрози развојот на Унгарија.
– Нашата земја се соочува со сериозна закана: влез на Украина во ЕУ. Оваа опасност ни е над глава. Во Брисел беше претставен пакет за забрзување на пристапувањето на Украина во ЕУ. Ако се случи тоа, сите пари на Унгарците ќе треба да се потрошат за нашиот источен сосед – рече Орбан, кој го повика унгарскиот народ на референдум да го изрази своето мислење за влезот на Украина во ЕУ.
АКО ГО СПУШТИ ГАРДОТ, МАКЕДОНИЈА ЈА ЧЕКААТ ЦРНИ ДЕНОВИ
Во моментов за Македонија дуваат поволни ветришта освен од Америка, еве дочекавме и од Брисел, односно Берлин. Конечно и Европската комисија игра со отворени карти и кажува каква е состојбата, без да ни мачка очи, како што го правеше тоа до вчера.
Никој не може да ѝ даде гаранции на Македонија дека ако сега го смени Уставот, повеќе нема да има пречки на европскиот пат, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР). Таа дополни дека ЕУ не може да гарантира дека и по промена на Уставот нема да има некои нови побарувања и блокади поради билатерални прашања поврзани со идентитетот, јазикот или историја.
А на потврда за овие нејзини зборови не чекавме ни ден, кога од Софија се огласи новиот министер за надворешни работи, кој даде до знаење дека за почеток на преговори не е услов само промена на Уставот на Македонија. Марта Кос го потврди тоа, но вели дека ЕК работи на тоа да ѝ помогне на Македонија да ги започне преговорите по кластери, потенцирајќи дека лично е ангажирана околу билатералното прашање со Бугарија.
– Најдобро би било билатералните прашања да не се мешаат во пристапниот процес. Тоа не значи дека билатералните прашања не се важни. Знаете, можам да разберам дека Унгарија се бори за своето малцинство (во Украина). Можам да разберам дека и Бугарија го прави истото тоа, но лошо е кога ова навистина се меша со процесот на пристапување – рече Кос.
Таа изрази надеж дека наскоро ќе се најде решение за деблокада на пристапниот процес на земјава и дека откако ќе се случи тоа, ќе може без никакви нови услови да започнат преговорите по кластери. Што значи тоа? Мерцкригот почнал, извршен е дипломатски десант и врз Софија.
Затоа, имајќи ги предвид овие нови ветришта на промени, сосема е јасно дека тие поволно ќе влијаат кај нас, а тоа значи дека гардот сега не смее да се спушта и дека владиниот став треба да се задржи. Во спротивно нѐ чекаат црни денови. Дадовме што дадовме, и премногу е дадено, сега треба да земеме нешто. Да си признаеме – како што стојат работите сега, залудно го сменивме името и тоа ќе биде обврска да се врати.
Кафето што го урна консензусот
Принципот на гласање со консензус во Европскиот совет беше напуштен досега неколкупати. Стана вообичаена пракса доколку една земја членка не се согласува со извесна одлука, таа да биде елегантно заобиколена, односно без многу драми да се блокира правото на вето. Така на пример стана познат методот некој од европските лидери додека трае гласањето да биде повикан на кафе во некој од ходниците и некоја точка на тој начин безболно да се помине.
Бидејќи ова се покажа како многу прагматично решение, сѐ поизвесно е дека фамозниот консензус е на добар пат да стане само историја.
Претседателката Силјановска-Давкова ги најави промените
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова неодамна изјави дека гледа деблокирање на македонскиот евроинтегративен процес. Според нејзините сознанија, има исчекор. Ново е, рече, тоа што групата за пријатели на Западен Балкан е активна и „има креативни предлози, во смисла дека би можело да ни се отвори патот за кластерите 2, 3 и 4“.
Според претседателката, процесот не зависи само од земјава, која покажа невидена и нечуена кооперативност во однос на евроинтеграцијата. Потребно е време, но и добра волја, како и манифестирање добрососедство.
Силјановска-Давкова очекува во директните средби да се разговара за можните решенија, а во добрососедството, како што истакна, не може да препознае вето и слични закани.
– Да, гледам деблокада. Процесот не зависи само од нас, зашто ние покажавме невидена и нечуена кооперативност кога е во прашање нашата евроинтеграција. Мислам дека треба да се разговара, да се преговара. По моите сознанија, има исчекор. Јас и во Аушвиц се видов со претседателот на Бугарија. Меѓу нас има пријателски дијалог, разбирање. Очекувам на директните средби да се разговара за можните решенија. Она што е ново и инспиративно е дека групата за пријатели на Западен Балкан, што значи и наши пријатели, е активна. Јас знам дека има креативни предлози, во смисла дека би можело да ни се отвори патот за кластерите 2, 3 и 4 – рече Силјановска-Давкова.