За второто дополнително место што го доделува УЕФА во трка се Италија, Шпанија, Германија… Англија би можела да има седум екипи во ЛШ во идната сезона, ако Астон вила ја освои европската титула годинава, но не се пласира во ЛШ преку Премиер-лигата и ако Манчестер јунајтед или Тотенхем ја освојат Лига Европа
ФУДБАЛ
На Англија ѝ се загарантирани најмалку пет екипи во Лигата на шампионите (ЛШ) за следната сезона по победата на Арсенал над Реал Мадрид во првиот натпревар од четврт-финалето, пишува „Би-би-си“. Една победа, во кое било од трите европски клупски натпреварувања, би го обезбедила петтото место за Англија. Две дополнителни места им се доделуваат на земјите врз основа на нивното рангирање во табелата со коефициенти на Европската фудбалска унија (УЕФА). Во рангирањето на УЕФА, Италија е втора, а потоа следуваат Шпанија и Германија.
Во моментов во Премиер-лигата води Ливерпул со 73 бода, а потоа се Арсенал (62), Нотингем форест (57), Челси (53), Њукасл (53), Манчестер сити (52), Астон вила (51), Фулам (48), Брајтон (47), Борнмут (45)… Англија би можела да има дури седум екипи во Лигата на шампионите во идната сезона, ако Астон вила ја освои европската титула годинава, но не се пласира во ЛШ преку Премиер-лигата и ако Манчестер јунајтед или Тотенхем ја освојат Лига Европа.
Секоја земја добива коефициент врз основа на тоа колку успешно нејзините тимови настапуваат во трите клупски натпреварувања на УЕФА, Лигата на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига. Поените што ги освојуваат клубовите од истата домашна лига (два бода за победа, еден за реми) се собираат и се делат со бројот на клубови што лигата ги има во Европа. Сезонава бонус-поени се достапни за клубовите што играат во Лигата на шампионите, пишува „Би-би-си“.
Дополнителните места во Лигата на шампионите им се доделуваат на тимовите што ќе се пласираат на првата позиција под стандардната распределба за пласман во Лигата на шампионите во тие првенства. Од Премиер-лигата првите четири клуба автоматски се пласираат во најсилното европско клупско натпреварување, па дополнителното место би му припаднало на тимот на петтото место. Во минатата сезона првите две места на табелата на УЕФА ги освоија Италија и Германија, па, врз основа на тоа, во ЛШ сезонава играа Болоња и Борусија Дортмунд, кои лани беа на петтото место во Серија А, односно во Бундеслигата. Н.М.
ЕВРОПСКИ КУПОВИ, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Арсенал – Реал М. 3-0
Баерн – Интер 1-2
ПСЖ – Астон вила синоќа
Барселона – Борусија Д. синоќа
ЛИГА ЕВРОПА
Бодо/Глимт – Лацио 18.45 ч.
Тотенхем – Ајнтрахт 21 ч.
Глазгов р. – Атлетик Б. 21 ч.
Лион – Манчестер Ј. 21 ч.
КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА
Легија – Челси 18.45 ч.
Бетис – Јагиелониа 21 ч.
Целје – Фиорентина 21 ч.
Ѓургарденс – Рапид В. 21 ч.
сите реванши се идната недела