Извадоци од книгата „Разнесено наследство“, 2006 г., која всушност е адаптирана верзија на истражувачка серија написи во весникот „Нова Македонија“ во ноември 1998 година
Нове Цветаноски: Разнесено наследство (4)
Во оваа публикација се изнесени само најзначајните релевантни податоци и сознанија за уништувањето, разграбувањето и разнесувањето на сите видови културно наследство (ракописно, археолошко, етнолошко, сакрално) и оваа книга беше првиот обид во кој интегрално беше третиран проблемот со уништувањето и разнесувањето на сите видови културно наследство на Македонија. Ваквиот преглед на фактографски податоци и сознанија можеби никогаш не ќе може да биде сеопфатен, затоа што за многу разграбувања и уништувања не се зачувани податоци или, пак, податоците за тоа се прикриваат во земјите од каде што потекнуваат извршителите или во чие име се извршени тие нецивилизациски постапки. Но овој преглед е обид да се даде одговор на прашањата: како и од кого е уништувано, како е разграбувано, каде е носено и каде се наоѓа денес македонското движно културно наследство, односно кои значајни артефакти од македонската територија во кои музеи, библиотеки и колекции се чуваат денес во светот.
Катастрофата на македонското ракописно наследство му е нанесена најмногу во деветнаесеттиот и во дваесеттиот век, по формирањето на државите на некои од соседните народи, односно по сè поприсутните туѓоцрковни пропаганди и влијанија. Тогаш пустошот првин го правеле свештениците од соседните цркви (книжното наследство најмногу се чувало во сакралните објекти), а потоа кој ќе стигнел – од војници до намерници.
Старите ракописи и книги што ги собирале намерниците, како што биле Стефан Верковиќ, Виктор Григорович, Антун Михановиќ и други, најчесто се чуваат во некои библиотеки и музеи низ Европа. Меѓутоа, оние што се наоѓаат во Бугарија, па и во Србија, посебно во српските и во некои црногорски манастири, сè уште не им се многу достапни на македонските проучувачи. Тие најчесто се прикривани или, пак, доколку се случувало да бидат изложени, не се споменувало нивното потекло, па нашите истражувачи информациите ги добиваат индиректно (од описи во статии или, пак, од каталози). И покрај таквите тешкотии, македонските проучувачи на ракописното и книжното наследство имаат направено евиденција и кус опис на околу седумстотини ракописи што се наоѓаат во библиотеките и во музеите низ Европа. Меѓутоа, и оваа евиденција не е целосна затоа што некои ракописи од постариот период се прикажуваат во збирките како српски, бугарски или руски, иако потекнуваат од Македонија.
Многу вредни македонски книжевни споменици се наоѓаат во српските институции. Во Универзитетската библиотека „Светозар Марковиќ“ во Белград, меѓу другото, се наоѓаат две значајни македонски ракописни збирки. Едната е од Лесновскиот манастир, во која има 31 ракопис и десет фрагменти од ракописи. Тие од овој македонски манастир биле одземени од српските власти за време на Балканските војни, во 1913 година, и биле однесени во Српскиот семинар при Универзитетот во Белград, а по Втората светска војна ѝ се предадени на Универзитетската библиотека „Светозар Марковиќ“ во Белград (а не на универзитетската библиотека во Скопје). Подоцна веќе не се води како Лесновска збирка, туку (за да не се предочува нивното потекло) е именувана како Збирка на Ќоровиќ (по името на составувачот на каталогот на овие ракописи?!). Во втората збирка има 28 драгоцени македонски ракописи што ги собрал поранешниот битолски епископ, подоцна скопски митрополит, Јосиф Цвијовиќ. Тие, пред сè, потекнуваат од битолскиот крај и тој во Белград ги однел во триесеттите години на минатиот век.
Српската кралска академија, која подоцна прераснала во Српска академија на науките и уметностите (САНУ), уште во деветнаесеттиот век собирала книжевни споменици од Македонија. Денес и во библиотеката на САНУ се чуваат многу македонски ракописи, меѓу кои поважни се следните: Оливеров минеј (напишан во 1342 година во Лесновскиот манастир, 233 листа), Лесновскиот прилог (напишан во истиот манастир во 1330 година, 321 лист), Слова (напишан во Марковиот манастир во 14 век, 318 листа), Четвороевангелие од Лесновскиот манастир од почетокот на 14 век (258 пергаментни листа), Македонски зборник од 18 век, Поменик на манастирот „Свети Благовештение“ во Скопска Црна Гора, Пчињска крмчија (14 век, пишувана во манастирот „Свети Прохор Пчињски“), Четвороевангелие од 14 век, на 321 пергаментен лист (напишано во истиот манастир) и Зборник од 17 век, во кој има текстови и за македонските светители Прохор Пчињски, Гаврил Лесновски и Иларион Мегленски.
Пред Втората светска војна, кога Српската православна црква била присутна во Македонија, таа преку своето свештенство и преку разни расписи собрала повеќе стари ракописи и книги. Притоа, еден од најголемите тогашни собирачи бил Радослав Груиќ, кој собирал за Државниот музеј во Скопје, а од каде што, пак, ракописите и книгите во 1936-37 година ги пренел во Белград. По неговата смрт (по војната), неговата збирка е пренесена во Музејот на Српската православна црква во Белград. Денес, меѓу другите, во Груиќевата збирка во црковниот музеј има шест исклучително значајни македонски ракописи: едно четвороевангелие од 13 и едно од 14 век, Апокрифен зборник на Аџи Баба Даскалот (17-18 век), еден зборник од 18 век, Чин на елиосвештение (13 век), напишан на 72 пергаментни листа и Кичевски октоих (13 век). Во музејската збирка на СПЦ се наоѓаат и: Пентикостар (цветен триод) од 1520 година, Житија и поуки, од 1350 година и Кучевишки минеј од 1622-23 година. Од ракописите што ги собирала и ги носела Српската православна црква еден дел се наоѓа и во библиотеката на Српската патријаршија, каде што меѓу позначајните се: Псалтир од 16 век, Поменик на манастирот „Свети Јован Бигорски“ од 1869 година, еден службеник од 16 век, едно митарство од 18 век и едно четвороевангелие од 15 век.
Богата библиотека со стари македонски ракописи и книги има и во манастирот во Дечани. Рускиот истражувач А. Гиљфердинг, уште во 1857 година, во Дечанскиот манастир, нашол неколку стари македонски ракописи од 13 и 14 век (меѓу кои Дечанскиот псалтир и Дечанското евангелие), кои ги однел во Публичната библиотека во Санкт Петербург. И во овој манастир, како и во други српски манастири и цркви, се претпоставува дека има македонски ракописи и стари книги, кои поради недостапноста не се регистрирани од македонската наука. И во Хилендарскиот манастир, кој е во рацете на српското свештенство и монаштво, исто така, има богато македонско ракописно и книжно наследство, меѓу кое и неколку десетици ракописи што потекнуваат дури од 14 век!
Во Народната библиотека, во Белград, која е уништена при бомбардирањето од германската војска во 1941 година, се чувало огромно македонско книжно наследство, односно неколку стотини стари ракописи од Македонија, меѓу кои имало и 36 ракописи што ѝ ги предал Јордан Хаџи Константинов–Џинот. При бомбардирањето се уништени многу ракописи од Македонија, меѓу кои и триесетина од 14 век, од кои не е зачувана ниту фотокопија, односно уништена била најголемата збирка со македонски ракописи што воопшто постоела во некоја библиотека. Притоа, интересно е да се наведе дека пред бомбардирањето сите ракописи биле сместени во специјални сандаци и биле подготвени за транспортирање на безбедно место. Кога се случило бомбардирањето тие се наоѓале во приземјето на библиотеката, до каде што пожарот стигнал дури третиот ден од бомбардирањето, а во меѓувреме никој не се сетил на неколкуте илјади ракописи. Меѓутоа, уште во текот на Втората светска војна во истата библиотека почнало формирањето на нови збирка и повторно со ракописи од Македонија, а меѓу првите таму се нашле Ѓуришкото четвороевангелие од 15 век, Поречкото четвороевангелие од 16 век и др. Се разбира, македонски ракописи и по војната, наместо во Скопје, се прибирале во истата библиотека во Белград.
Слична негрижа со македонски ракописи се случила и во текот на Првата светска војна, кога на железничката станица во Ниш била заборавена ракописната збирка од Народната библиотека во Белград, од која австриски војници зеле повеќе стари ракописи, меѓу кои имало и македонски.
КАКО МАКЕДОНСКИ РАКОПИСИ ОД МАНУ ЗАВРШИЈА ВО БЕЛГРАД?
Македонските средновековни ракописи и книги не се уништувани, разграбувани, разнесувани и продавани само до Втората светска војна туку и потоа, па биле продавани дури и по осамостојувањето на Република Македонија. Тие (како и другите видови старини), преку црниот пазар и за големи пари, стигнуваат во рацете на колекционери во странство или во туѓи библиотеки. Така, на пример, во почетокот на деведесеттите години на дваесеттиот век, некои македонски археографи, по свои приватни канали (бидејќи официјалното истражување за македонските научни работници не беше овозможено), дојдоа до податоци, според кои, во текот на 1986 или 1987 година во Народната библиотека на Србија биле предадени четири средновековни ракописи и едно писмо што потекнуваат од Македонија! Тие биле предадени од едно лице од Скопје (жена), но, покрај основните податоци заведени за ракописите во библиотеката, не е наведено името на лицето што ги предало, што инаку е вообичаена постапка при евидентирањето ракопис. Тоа, пак, значи дека најверојатно приватниот сопственик од Скопје, е продавач! Се работи за ракописи од првостепено научно и културно-историско значење (во Народната библиотека во Белград се заведени под библиотечните броеви од Рс 693 до Рс 699): триод посни од 14 век, на 157 пергаментни листа (!), фрагмент од службеник од 14 век (23 пергаментни листа), службеник од 14 век, на 248 хартиени листа, еден псалтир од третата четвртина на 15 и крајот на 17 век и едно писмо (на македонски јазик) на поп Михаил Вуковиќ од Маврово од 1869 година.
Некои сознанија говорат дека, покрај овие ракописи, има уште два за кои нашата наука нема конкретни податоци, а биле предадени од истото лице од Скопје. Но има и сознанија дека овие ракописи до пред неколку години пред да бидат однесени во Белград биле чувани, односно биле сопственост на едно семејство во Охрид, кое имало свештеничка традиција. Тоа семејство му ги предало на еден научен работник, а еден од тие ракописи потоа бил забележан во кабинетот на еден од членовите на МАНУ. Иако ракописите му биле предадени на научен работник, тие не се евидентирани, ниту обработени од македонската наука, односно во МАНУ. Завршиле во националната библиотека на северниот сосед, а не во македонската национална библиотека (НУБ „Свети Климент Охридски“, каде што е најголемата збирка на стари ракописи во државата и каде што има услови за нивна конзервација и чување), иако и таа им исплаќа надомест на пронаоѓачите на стари ракописи. Во овој случај, спомениците на културата станале „трговска стока“ во круговите на науката, односно од македонски граѓанин е продаден македонски ракописен споменик во туѓа национална институција, а за ваква постапка – во отсуството на патриотското чувство – основниот пресуден мотив најчесто е добриот паричен надомест. Но ова не е единствениот ваков случај од периодот по осамостојувањето на Република Македонија. Се разбира, не само за ракописи туку и за икони, археолошки предмети и други стари вредни предмети од Македонија.
(Продолжува)