Фото: Н.М.

Со катастрофалното пеплосување на кочанската дискотека „Пулс“ насилно згаснаа повеќе десетици млади животи. Тоа е стравотно болно поглавје во историјата на нашата нација. Но отворањето на вртите на соседите и нивната солидарност по овој настан отвораат нови страници на заемната соработка и помагање, на иднината и заемниот живот, уважување и почитување меѓу народите и државите на Балканот.
Од катастрофалниот пожар и неизмерната трагедија во „Пулс“ во Кочани, Македонија, се изроди и еден нов пулс на Балканот, пулсирање на сочувство во болката и тагата на македонскиот народ, но и на градење на новата заедничка иднина на Балканот, во која ќе има повеќе емпатија, помагање и соработка, а се надеваме помалку разидувања меѓу балканските народи и држави

Дали една длабока трагедија на македонскиот народ би била на некој начин иницијална каписла за отворање нови страници на иднината и пријателството меѓу државите и народите во регионот?

 

Турскиот министер за здравство
Мемишоглу: Стоиме покрај Македонија и другите балкански земји, кои ѝ припаѓаат
на географијата на нашето срце

Турскиот министер за здравство Кемал Мемишоглу на својот фејсбук-профил порача дека неговата држава „под мотото ‘Човекот, човекот на прво место’“, „стои покрај балканските земји, кои ѝ припаѓаат на географијата на нивното срце“, изразувајќи и „сочувство до народот на С. Македонија.“. „Со длабока тага дознавме за загинатите и повредените во пожарот што се случи во градот Кочани, С. Македонија. Веднаш презедовме акција по официјалните контакти. Тројцата повредени, кои се во тешка состојба, ги транспортиравме во градската болница „Башакшехир Чам и Сакура“ со амбулантен авион на нашето министерство, за да им помогнеме. Третманите на пациентите ќе продолжат во најголемиот центар за изгореници во Европа, кој служи во рамките на нашата Градска болница. Ќе продолжиме да транспортираме нови пациенти на лекување ако е потребно. Со нашето мото ‘Човекот, човекот на прво место’, стоиме покрај балканските земји, кои ѝ припаѓаат на географијата на нашето срце. Им посакувам брзо закрепнување на повредените и изразувам сочувство до народот на С. Македонија за загинатите“, посочи првиот човек на турското здравство, на државата што уште еднаш ги пројави и ги потврди своето пријателство и помош кон Македонија, кон македонскиот народ и сите граѓани на нашата земја.


Вучиќ: Србија е со прекрасната, пријателска, братска Македонија

Владата на Србија го прогласи 18 март како ден на жалост во целата земја поради трагедијата во Кочани, во која во пожар згаснаа животите на 59 луѓе. Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека неговата држава ги става на располагање сите свои полициски, воени и здравствени капацитети, за да ѝ помогне на „прекрасната, пријателска, братска Македонија“ во трагедијата, која е од размери неверојатни за целиот Балкан“. „За Кочани, Србија е со С. Македонија!“, стоеше на популарната кула „Белград“, висока 168 метри, во српскиот главен град завчера, која беше обоена во боите на Македонија, како поддршка, солидарност и оддавање почит за трагичната смрт на 59 лица во пожарот во Кочани.
По повод македонската трагедија, и во Бугарија е прогласен 18 март 2025 година како ден на жалост. Исто така и во бугарските болници се префрлени десетици тешко повредено во изгорената кочанска дискотека.
– Во вакви моменти е најважно да се покажат навремена емпатија и солидарност. Бугарија е подготвена да прифати уште пациенти – изјави бугарскиот премиер Росен Желјасков.
„Бугарија ја споделува болката на граѓаните на С. Македонија за пожарот во Кочани, во кој загинаа и беа повредени многу луѓе“, напиша бугарскиот претседател Румен Радев на социјалната мрежа Икс.
„Во најтешките моменти остануваме заедно“, објави, покрај другото, на социјалните мрежи лидерот на бугарската партија ГЕРБ, Бојко Борисов.


Движењето „Демократија, права и слободи“ на Бугарија: Ваквите трагедии нека нѐ потсетуваат на важноста на соработката и солидарноста меѓу нашите народи

Бугарскиот информативен портал „Дебати.бг“ информира за „поддршката и сочувството за трагедијата во С. Македонија, кои ги искажаа и други политичари од Бугарија, како и партиски лидери“.
– Како добри соседи Бугарија и Бугарите треба да помогнат во овој тежок период – изјави Дељан Пеевски, претседател на пратеничката група на Движењето за права и слободи – нов почеток.
– Страшната трагедија што однесе десетици животи во пожарот во дискотеката во Кочани, С. Македонија, го потресе нашиот заеднички простор – Балканот. Изразувам искрено сочувство до семејствата и најблиските на починатите млади и посакувам брзо закрепнување на повредените и повредените, истакна Пеевски.
– Во овој тежок момент, Бугарија е со вас – со нашите мисли, поддршка и подготвеност да помогнеме, напиша лидерот на БСП, Атанас Зафиров, во врска со трагичниот инцидент во Кочани.
Во писмото со сочувство, тој изразува длабоко сочувство до семејствата и најблиските на загинатите, нагласувајќи дека Бугарија ја знае болката од ваквите инциденти и совршено разбира колку е тешко да се помине низ таква загуба.
„Во овој тежок момент, ја споделуваме болката на народот на Република Северна Македонија и се молиме за брзо закрепнување на сите повредени“, се наведува во објавата на движењето „Демократија, права и слободи“ на Фејсбук. „Ваквите трагедии нека нѐ потсетуваат на важноста на соработката и солидарноста меѓу нашите народи. Изразуваме искрено сочувство до семејствата и најблиските на починатите“, додадоа од движењето „Демократија, права и слободи“ на Бугарија“, објави „Дебати.бг“.


Лидерот на грчка Сириза, Фамелис: Во овие болни моменти
мора да застанеме како држава и како соседи со граѓаните на С. Македонија

Исто како и сите други претседатели и премиери на балканските држави, сочувство за загубените животи во Македонија и подготвеност на Грција да помогне по трагедијата во Кочани изрази и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку социјалната мрежа Икс. „Моите мисли се со жртвите и нивните семејства, а на повредените им посакувам брзо закрепнување. Грција е подготвена да помогне во ова тешко време“, напиша Мицотакис. Грчката помош веќе се манифестира преку приемот на десетици луѓе со изгореници и други повреди во болницата „Папаниколау“ во Солун и други болнички објекти на Националната здравствена служба и Министерството за национална одбрана во Атина, во оваа соседна држава.
Лидерот на грчката партија Сократис Фамелис, ги повика Грција и грчкиот народ да застанат до граѓаните на С. Македонија во сѐ што е потребно. „Осамна многу мрачен ден за С. Македонија. Десетици млади луѓе, кои се забавуваа, трагично ги загубија животите во градот Кочани. Во овие болни моменти луѓето мора да бидат обединети. Мора да застанеме како држава и како соседи со граѓаните на С. Македонија. Заедно со нашето искрено сочувство, нашите мисли се со оние што ги загубија своите најблиски, но и со повредените, кои ја водат сопствената битка“, порача Фамелис во изјавата, што ја пренесе грчкиот информативен портал „Скај“.
Како ден на жалост е прогласен 18 март 2025 година и во Црна Гора, по повод трагедијата во Македонија, во која загинаа 59 лица, а 155 се повредени. „Со голема тага ја примивме веста за трагичниот настан во Кочани, С. Македонија. Владата на Црна Гора е подготвена да застане покрај пријателскиот народ на С. Македонија на сите неопходни начини во ова тешко време. Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на жртвите, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување. Нашите мисли и молитви се со С. Македонија“, напиша црногорскиот премиер Милојко Спајиќ на мрежата Икс.
Од катастрофалниот пожар и неизмерната трагедија во „Пулс“ во Кочани, Македонија, се изроди и еден нов пулс на Балканот, пулсирање на сочувство во болката и тагата на македонскиот народ, но и на градење на новата заедничка иднина на Балканот, во која ќе има повеќе емпатија, помагање и соработка, а се надеваме помалку разидувања меѓу балканските народи и држави.

Свето Тоевски