Писателот и публицист Мишо Китаноски говореше за професионалниот ангажман на Ленка Гогоска, со која соработувал половина век

Постхумна средба за професорката Ленка Гогоска (Попоска)

Сојузот на просветни работници на Македонија организираше постхумна средба во спомен и почит кон просветителско-педагошкото дело на проф Ленка Гогоска (Попоска), со наслов „65 години просветителска, учебникарска и хуманитарна дејност“. Средбата се одржа во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода.
На средбата зборуваа колеги, професори, наставници студенти на професорката, како и претставници од Агенцијата за иселеништво, а беше прикажан и дел од документарниот филм направен за неа во 2007 година.
Ленка Гогоска (Попоска) во својот професионален живот го изоде патот на образованието од учителка, наставничка, советничка во Заводот за школство на Град Скопје, професорка на факултет сѐ до пензионирањето, на Педагошкиот факултет „Св Климент Охридски“ од Скопје. По пензионирањето со несмален интензитет работеше на учебникарската и публицистичка дејност, создавајќи дела што се и паметник и патоказ за најзначајниот дел од општествениот раст, а тоа се образованието и воспитанието.
Како нејзин завет што го исполни семејството во октомври 2024 година беше доделена донација од 3.000 нејзини книги за сите македонски училишта, библиотеки и црковни општини во светот, со поддршка на Агенцијата за иселеници. Нејзината мисла што ја кажуваше секогаш беше: „Да се зборува и твори на нашиот мајчин македонски јазик е привилегија, но да се има таа можност да се образоваат нови генерации е божји благослов“.