ФУДБАЛ
Манчестер јунајтед ќе гради стадион за 100.000 луѓе
Манчестер јунајтед ги објави плановите за изградба на најголемиот стадион во Велика Британија, со 100.000 седишта, во близината на сегашниот стадион „Олд Трафорд“, објави „Би-би-си“. Клубот се надева дека новиот стадион ќе биде готов за пет години. Одлуката на Манчестер јунајтед дојде по обемните консултации за тоа дали да се развие постојниот стадион или да се изгради нов. „Олд Трафорд“ е дом на Манчестер јунајтед од 1910 година и е најголемиот клупски стадион во Англија, со капацитет од 74.140 места. Архитектите од „Фостер и партнери“, кои ќе го дизајнираат проектот, рекоа дека стадионот ќе има дизајн на чадор.
– Ова мора да биде еден од највозбудливите проекти во светот денес. Сѐ почнува со искуството на гледачите, доближувајќи ги до теренот најблиску од кога било и акустично негувајќи огромен татнеж. Стадионот е опфатен со огромен чадор, кој собира енергија и дождовница и засолнува нов јавен плоштад, кој е двојно поголем од плоштадот „Трафалгер“ – рече лордот Норман Фостер, извршен претседател на компанијата „Фостер и партнери“, пренесе „Би-би-си“. Н.М.
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Вечерва се игра четвртото мадридско дерби сезонава
Четврти пат сезонава меѓу себе ќе играат Атлетико Мадрид и Реал Мадрид, овој пат вечерва во меч за пласман во четврт-финалето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Во претходните три дуела, два беа во првенството на Шпанија (двете средби завршија со реми, 1-1) и еден минатата недела во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите, во кој Реал Мадрид на свој терен победи со 2-1. Двата тима од Мадрид досега 10 пати играа меѓу себе во европските купови, од тоа двапати во финалето на Лигата на шампионите, пет меча во полуфиналињата, два во четврт-финалињата и досега еден во осминафинале. Вкупниот победник на мадридското фудбалско дерби во четврт-финалето на Лигата на шампионите ќе се сретне со подобриот од дуелот Арсенал – ПСВ Ајндховен. Вечерва ќе бидат комплетирани сите четвртфинални двојки во најсилното европско клупско фудбалско натпреварување, а во реваншите од осминафиналето играат и Лил – Борусија Дортмунд (прв меч 1-1), Астон вила – Клуб Бриж (3-1) и Арсенал – ПСВ Ајндховен (7-1).
ЛШ, ОСМИНАФИНАЛЕ, РЕВАНШИ
1. Барселона – Бенфика синоќа (1-0)
2. Интер – Феенорд синоќа (2-0)
3. Ливерпул – ПСЖ синоќа (1-0)
4. Баер – Баерн синоќа (0-3)
5. Лил – Борусија Д. 18.45 ч. (1-1)
6. Астон в. – Клуб Бриж 21 ч. (3-1)
7. Атлетико М. – Реал М. 21 ч. (1-2)
8. Арсенал – ПСВ 21 ч. (7-1)
во заградите се резултатите од првите мечеви
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Победник 8 – Победник 7
Победник 3 – Победник 6
Победник 1 – Победник 5
Победник 4 – Победник 2