ПАТУВАЊА И ГОСТУВАЊА НА МНТ

Акцентот во 2025 година посебно е ставен на меѓународната соработка, односно гостувања на МНТ надвор од границите, како и гостувања на други театри на сцената во МНТ. Турнејата ќе започне со најактуелните претстави од големата и малата сцена, а тоа се претставите „12“ во режија на Синиша Евтимов и „Народен пратеник“ во режија на Егон Савин.
Во првиот блок се гостувањата во Црна Гора и во Босна и Херцеговина. На 8 април во Црногорското народно позориште (ЦНП) во Подгорица ќе се одигра „Народен пратеник“, а ден потоа на 9 април и претставата „12“. По настапот во Црна Гора, на 11 април следува гостувањето на „Народен пратеник“ и на 12 април со претставата „12“ во Сараево, Босна и Херцеговина. На 15 април со претставата „12“ МНТ ќе биде дел од фестивалската програма „5РЕ“ во Велес.
На 17 јули Македонскиот народен театар со претставата „12“ ќе биде дел од програмата на „Охридско лето“, а таа ќе биде изведена на сцената во центарот за култура „Григор Прличев“. Македонскиот народен театар ќе учествува и на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Во вториот блок, во текот на септември, предвидено е гостување со претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ, во режија на Александар Морфов, во Националниот театар во Будимпешта, Унгарија. Гостувањето во театарот „Иван Вазов“ во Бугарија ќе се случи наесен 2025 година, со претставата „Народен пратеник“.
По потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Македонскиот народен театар и Црногорското народно позориште, на големата сцена во МНТ, на 17 март во 20 часот, ќе гостува претставата „Господа Глембаеви“, во режија на Данило Маруновиќ, по текст на Мирослав Крлежа, а во продукција на ЦНП. Билетите се пуштени во продажба на билетарницата во МНТ, а достапни се и онлајн.
Кон средината на мај ќе гостува Народно позориште Сараево од Босна и Херцеговина, односно на 21 мај ќе се одигра претставата „Сараевскиот трговец“ од Игор Штикс, а во режија на Михал Дочекал, а на 22 мај и претставата „Селска опера“ од Д. Бенедек-П. Бела, а во режија на Андраш Урбан.
Предвидено е и гостувањето на Словенско народно гледалишче (СНГ) од Љубљана, Словенија, со претставата „Докторот“, по текст на Роберт Ајк, во режија на Мартин Кушеј. Претставата треба да се одигра на големата сцена на МНТ во 2025 година. Точниот датум ќе биде договорен меѓу двата театра.
Со обновување на членството на Македонскиот народен театар во Европската театарска конвенција (ETC), која е водечка и значајна мрежа на јавно финансирани театри во Европа, со 63 театри членки од 31 земја, ETC е посветена на промовирање на современата драма, олеснување на уметничките размени и поттикнување на културната разновидност во европската театарска уметност. Организацијата служи како платформа за дијалог, демократија и интеракција, со цел да рефлектира и привлече разновидна публика и општества во постојан развој.
Еден од најзначајните претстојни настани на кои ќе присуствува Македонскиот народен театар е Меѓународната театарска конференција на ETC. Конференцијата ќе се одржи од 3 до 7 април 2025 година во Атина во Националниот театар на Грција. Конференцијата ќе понуди разновидна програма со говори, дискусии, работилници и изведби, овозможувајќи соработка и размена на идеи меѓу културни професионалци и уметници од цела Европа. Покрај тоа, учесниците ќе имаат можност да го проследат Шоукејсот на грчкиот театар на Националниот театар на Грција, кој ја истакнува богатата грчка театарска сцена и отвора можности за партнерства и копродукции.