ДОБЕЛЕШКА – РАСКАЗ НАСПРОТИ ЕСЕЈ

Кога пишувам расказ, поттикот ми доаѓа од ликовите, ситуациите, приказните од секојдневието, обидувајќи се да ги издвојам од подрачјето на анегдотите во еден друг, подлабок и посуптилен свет на литературата. Тој премин кога најпрвин од анегдотата настанува скица, за потоа, со сиот предизвик и ризик, да прескокне во книжевно писмо, е оној дел од создавањето расказ што најмногу ме возбудува, усреќува и, неретко, ме мачи. Понекогаш расказите настануваат лежерно, но понекогаш потребен ми е дополнителен напор да го задржам вдахновениот живот во ликовите и случките што со наративната обработка си наоѓаат ново книжевно лежиште.
Делата, поединците и настаните што, пак, ме инспирираат како есеист, од првата „Дали Калимах беше постмодернист?“ до последната објавена книга „Трибун, Хронистерик, Номад“ доаѓаат од препознатливата сфера на впечатливите уметнички достигнувања, големите автори и фактографираните епохи. Но и тука е можно да се отцементираат, да се очовечат, да се пронајдат пукнатинките во официјалната слика. Есеистот не дозволува да се вкочани, да се онеспособи неговиот увид кон внатрешните, некогаш ситни, но поттикнувачки аналогии. Претпоставува дека таму се подотвораат можностите за да се изостри игривата досетливост што би требало да ја поседува.

Испаѓа дека и раскажувачот и есеистот се прозни писатели, кои одвреме-навреме ќе си ги преплетат изразот и имагинацијата, како поклоници монтењовски, цвајговски, борхесовски… ќе си ги надоместуваат калвиновските одлики – леснотијата (дражеста) со вдлабоченоста, брзината со перцепцијата, точноста со разнообразноста, видливоста со асоцијативноста… Така наоружан, писателот знае дека поседува гаранции за да биде убедлив.
А во најдобар случај, проработува интуицијата! Заслепувачка можност за пробив под површината на текстот што го проникнува описот на ситуацијата и карактеризацијата на ликовите не само преку нивните надворешни (гледни) манифестации туку преку сознајностa што е складирана во нив. И раскажувачот, и есеистот го насетуваат и низ зборови го аргументираат она нешто под видливото однесување на ликот и настанот, било тие да се од секојдневниот живот или од историското минато. Тогаш на нивното писмо му се нуди можноста да ја долови подлабоката егзистенција.
Моето уживање во читањето добар расказ или есеј, каде било и кога било, не само што лесно ме вгнездува во текстот туку одново и одново прави да се чувствувам како соучесник во едно привилегирано доживување.