Администрацијата на Трамп соопшти дека во наредните денови ќе ги исели вработените во американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД) од нивното седиште во Вашингтон. Постојат и информации што одат дотаму што тврдат дека администрацијата на Трамп размислува и за целосно затворање на Агенцијата за развој (УСАИД)
УСАИД пред целосна реорганизација: Дел од агенцијата би бил под Стејт департментот, а дел – елиминиран
Откако Доналд Трамп нареди замрзнување на поголемиот дел од американската странска помош неколку часа по преземањето на функцијата на 20 јануари, во УСАИД настана вистински шок во системот, а ударот донесе внатрешен хаос во агенцијата. УСАИД беше една од првите цели за отстрел на соработникот на Трамп, Илон Маск. За потсетување, стотици програми на УСАИД што даваат помош од САД во висина од милијарди долари низ светот се прекинати откако Трамп нареди замрзнување на поголемиот дел од американската странска помош, во согласност со неговата политика „Америка на прво место“. Минатата недела, тимот на Маск во Одделот за ефикасност на владата доби пристап до најчувствителните платежни системи на Министерството за финансии, при што дојде до информации поради кои изолира дел од компјутерите на УСАИД.
Според извори од новата администрација, кои лиферуваа одредени сензитивни информации во јавноста, „Трамп размислува за спојување на УСАИД со Стејт департментот“, при што „му доверил на Илон Маск да ја надгледува ефективноста на УСАИД“. Во истиот контекст, американскиот државен секретар Марк Рубио е назначен за вршител на должноста шеф на УСАИД. Во рамките на својата дополнителна функција, Рубио изнесе негов впечаток во јавноста за УСАИД дека таа е „целосно неадекватна“, обвинувајќи го персоналот во агенцијата дека „не сака да му одговори на едноставни прашања“ поврзани за програмите на агенцијата. Рубио го информираше Конгресот за претстојната реорганизација на агенцијата, велејќи дека некои делови од УСАИД би можеле да бидат апсорбирани од Стејт департментот, а другите да бидат – елиминирани. Р.С.
Освен во УСАИД, истрагата на Илон Маск откри и медиуми што биле здушно помагани од Бајденовата администрација
Медиуми што всушност биле само владина алатка за манипулација?!
- Истражувањето на Илон Маск за лоцирање на високите финансиски донации на претходната американска администрација (што Маск го нарекува „расипништво на американската федерална влада) откри милиони долари грантови и исплати на веб-страницата „Политико“, како и на „Асошиејтед прес“ (АП), а преку суспендираната УСАИД и други федерални агенции, додека во јавноста беше обелоденето дека тоа се правело и на други медиуми
- Според информација од УСАИД, во 2023 година агенцијата финансирала 6.200 новинари, 707 медиуми и 279 невладини организации од медиумскиот сектор. Буџетот на УСАИД за 2025 година обезбедил над 268 милиони долари за „поддршка на медиумите“ и „проток на информации“
Откако „Политико“ во вторникот напиша дека „има проблем со исплата на јануарските плати поради технички проблем“, во јавноста се појавија информации дека „техничкиот проблем со финансиите и платите, всушност, е поврзан со затворањето на УСАИД“.
Имено, во јавноста се појави информација дека „се пронајдени осум милиони долари исплати преку УСАИД, како и повеќе од 26 милиони од други оддели во Вашингтон од 2015 година“. Еден од новинарските истражувачи што ја лиферуваше веста во медиумите отиде уште подалеку и откри повеќе од 50 милиони долари што „Асошиејтед прес“ (АП) ги добила од различни владини агенции во последниве години.
Според достапните податоци, најголемиот клиент на „Асошиејтед прес“ (АП) беше „Агенцијата за глобални медиуми“, во чија надлежност се „Гласот на Америка“ и „Радио Слободна Европа“ – со над 35 милиони долари, додека Стејт департментот директно одвоил за финансирање осум милиони долари, а Пентагон 4,3 милиони долари. Понатаму, објавена е информацијата дека „Њујорк тајмс“ добил значителни финансиски средства од американската влада за време на мандатот на Џозеф Бајден, од кои 27 милиони долари се од Министерството за здравство и човечки услуги и речиси 20 милиони долари од „Националната научна фондација“. Во оваа насока беше и коментарот на Илон Маск, кој изјави дека „’Њујорк тајмс‘ е медиум финансиран од владата“!
Од приложените податоци сѐ уште не е целосно јасно колку пари од споменатите биле одвоени за претплата на медиумот, а колку пари биле дадени како „мотивација за новинарите да напишат поволни вести“, се вели во објавената вест. Маск и неговите ревизори продолжуваат да работат на утврдување на фактите.
Според информација од УСАИД, во 2023 година агенцијата финансирала 6.200 новинари, 707 медиуми и 279 невладини организации од медиумскиот сектор. Буџетот на УСАИД за 2025 година обезбеди над 268 милиони долари за „поддршка на медиумите“ и „проток на информации“. Р.С.
По мерките кон УСАИД, се подготвуваат и чистки во ЦИА и ФБИ
По објавата на Вашингтон за претстојната темелна реконструкција на Агенцијата за меѓународен развој (УСАИД), и Федералното биро за истраги (ФБИ) и Централната разузнавачка агенција (ЦИА) се најдоа во радарот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Во моментот кога Сенатот ја одобри номинацијата на Пем Блонди за нов јавен обвинител на САД, во американските медиуми протекоа информации дека „некои агенти од истражниот оддел на ФБИ што тенденциозно го истражувале случајот поврзан со нелегалното влегување на граѓаните во Капитол (поддржувачи на Трамп од 6 јануари 2021 година), при што фингирале одредени информации“, би можело да ја загубат работата поради сериозно кршење на процедурите и доведување во заблуда на истрагата. Министерството за правда им нареди на некои од агентите што се под истрага на ФБИ да пополнат прашалник за нивната работа за случајот „Капитол“, што ги подгрева сомнежите дека новиот шеф на Белата куќа планира да изврши чистка и во бирото. Според информации од американските медиуми, се работи за „тестирање на околу 4.000 вработени во ФБИ“.
Во исто време, се подготвува чистка и во Централната разузнавачка агенција (ЦИА), која на своите вработени им понуди „доброволни пакети за испратнина“, за да заминат од агенцијата. Портпаролот на ЦИА во јавноста го потврди ова при што изјави дека „мерките се дел од стратегијата на новиот директор на ЦИА, Џон Ретклиф, кој претходно вети дека ќе ја држи политиката настрана од одлуките што вклучуваат разузнавање и нема да ги користи тестовите за лојалност како основа за вработување или отпуштање персонал на ЦИА“. На вработените во ЦИА им било понудено да добијат осум месечни плати заедно со работната книшка, како и одредени бенефиции. И ЦИА лиферува официјално соопштение во кое се вели дека „овие мерки се дел од сеопфатната стратегија за внесување нова енергија во агенцијата“. Р.С.