„Не ние, ние не сме согласни со тоа, што го мислите Вие за Македонија. Ние, знаете кој сме ние: селаните, македонското население, народот. Ние не можеме да правиме политика, ниту пак ќе дозволиме на други да прават политика со Македонија. Нашата борба, тоа е за нас живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога. Кога ќе се подига востание, ќе реши народот. Нема да оставиме да ни командувате од овдека, за да нѐ внесете, како што се обидовте лани, во игра на востание. Сега една таква авантура може да
биде страшна и крвава, зашто населението, народот е повеќе возбуден и делумно вооружен. Тој може да се предаде на измамата, а тоа ќе чини реки од крв и планини од трупови. Ние нема тоа да го дозволиме. Не, крвта на народот е скапа и не сакаме трупови, туку сакаме ослободување, а живиот народ сака да живее и да расте“, Гоце Делчев
Повод – 153 години од раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев
Денеска се одбележуваат 153 години од раѓањето на македонскиот великан Ѓорѓи Николов Делчев, попознат и само како Гоце. Во историската меморија на Македонецот, но и на сите приврзаници на македонската самобитност и независност, без разлика на нивниот етникум и верска припадност, Гоце е запаметен како апостол и срцето на револуционерна Македонија. Неговото име станало легенда уште во текот на неговиот живот во сите краишта на Македонија, име што поттикнувало почитување и кај пријателите, но и кај непријателите, на македонското национално и револуционерно движење.
Делчев бил приврзаник и промотор на македонската политичка и национална самостојност, секогаш се залагал за самостојна и независна македонска борба. Поради таквите ставови, тој бил окарактеризиран како „сепаратист“, како што го оценуваат тогашните бугарски медиуми, па многупати таквата карактеристика може да се сретне во историската литература.
Кога се зборува за историските документи, вреди да се истакне дека Панчо Дорев (дипломат и историчар) вели дека Даме Груев и Гоце Делчев, како и други македонски дејци, се бореле против сите надворешни влијанија. Во овој контекст, Павел Делирадев (општественик, публицист и револуционер, учесник во македонското револуционерно движење) вели дека Гоце се борел против великобугарските шовинистички тенденции.
Особено е интересна средбата на Гоце Делчев со генералот Данаил Николаев, кој останува запаметен како аѓутант на бугарскиот кнез Фердинанд Први и кум на неговиот син Борис, идниот бугарскиот цар.
Средбата се одржала во февруари 1896 година, кога поради одредени сплетки на бугарскиот двор, генералот Николаев бил избран за претседател на Врховниот македонски комитет. На споменатата средба, генералот побарал Македонската револуционерна организација (МРО) да се потчини на комитетот од Софија велејќи: „Значи вие, младичок, сметате дека македонското население е способно да се бори, да подига револуција? Детски работи прикажувате, вие, момок! Тоа е ропско население. Вашите планови јас не можам да ги прифатам, ниту сакам да ги слушам. Каква организација Вие сметате да создадете таму? Револуционерна? Внатрешна? Македонска? Глупости! Глупости! Глупости! Има само една организација тоа е Врховниот комитет. Јас Ви гарантирам дека кога ќе му дојде времето, ќе поведам 20-30 илјади резервни војници. Со мене се офицерите. И тогаш ќе подигнеме востание во Македонија и ќе ја ослободиме. А со селани, со селани ништо сериозно не може да се направи. Тие се робје“.
На оваа реторика, Гоце одговорил: „Не ние, ние не сме согласни со тоа, што го мислите Вие за Македонија. Ние, знаете кој сме ние: селаните, македонското население, народот. Ние не можеме да правиме политика, ниту пак ќе дозволиме на други да прават политика со Македонија. Нашата борба, тоа е за нас живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога. Кога ќе се подига востание, ќе реши народот. Нема да оставиме да ни командувате од овдека, за да нѐ внесете, како што се обидовте лани, во игра на востание. Сега една таква авантура може да биде страшна и крвава, зашто населението, народот е повеќе возбуден и делумно вооружен. Тој може да се предаде на измамата, а тоа ќе чини реки од крв и планини од трупови. Ние нема тоа да го дозволиме. Не, крвта на народот е скапа и не сакаме трупови, туку сакаме ослободување, а живиот народ сака да живее и да расте“.
За „сепаратизмот“ на Гоце дознаваме и од списанието „Македонија“ во април 1904 година, кое по објавувањето на првата биографија за Делчев од страна Пејо Јаворов, истакнало дека Јаворов бил добар поет, но слаб историчар и не ја познавал психологијата на сепаратистите. Според весникот, сепаратистите „не се залагаат за политички, туку за национален сепаратизам“. Во овој правец, „Македонија“ забележува дека владиката Теодосиј во 1893 или 1894 година издавал крштелни свидетелства во кои наместо Бугарска егзархија пишувало православен христијанин.
Во овој правец е и ангажирањето на Атанас Раздолов, од страна на Гоце Делчев, за печатење брошури со револуционерна содржина, како преводна така и оригинална негова. Веќе од 1895 година, Раздолов го привлекол Гоце кон себе со револуционерниот тон на своите брошури. Во книшката „Баба Ѓурѓа“ и „Проза во стихови“ изнел сцени од современиот македонски живот и потцртал дека само со борба македонските поробени маси ќе ја извојуваат слободата. Раздолов ги повикувал „Македонците и Македонките да се борат за извојување слобода на Македонија.
Тој апелирал до… секој чесен Македонец, а пак не е срам и да не е Македонец да се притече на помош за да се формира еден круг од вистински борци и чесни слободољупци“. Делчев го ангажирал Раздолов токму поради неговите погледи за иднината на Македонија и македонскиот народ.
Политичкиот и националниот „сепаратизам“ на Гоце е посведочен и во неговата многубројна кореспонденција. Во Гоцевото писмо до Ефрем Каранов (фолклорист, историчар, преведувач, македонски револуционер) од 17 октомври 1895 година можеме да го прочитаме следното: „Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешно востание. Оној што мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите. Треба тој народ да се разбуди од петвековниот длабок сон, којшто го направил Македонецот доста дебел во свеста за човечката правина. И тоа ако не целиот народ, тогаш барем еден дел од него…“ Д.Ст.
Од кореспонденцијата на Делчев
Писмо од Гоце Делчев до Ефрем Каранов, 17 октомври 1895 година
Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешно востание. Оној што мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите. Треба тој народ да се разбуди од петвековниот длабок сон, којшто го направил Македонецот доста дебел во свеста за човечката правина. И тоа ако не целиот народ, тогаш барем еден дел од него…
Писмо од Гоце Делчев до Никола Малешевски, 4 мај 1897 година
Тешко му е човек да има работа со шарлатани, какви што се овдешните управници; тешко и нам, што нуждата нѐ натерала да бараме помош од нив; но што да се прави, давеникот се фаќа и за сламка. Го знам тоа дека власта е симбол на измама, насилство и грабеж, но ти велам, нашата потреба диктирала да се обрнеме кон такви политички камелеони.
Ми пишуваш да ти телеграфирам да заминеш во Софија, за да се забрза праќањето. Знај дека си бессилен пред нивните насмевки (скриени подбиви) и пред нивните голи ветувања; ќе се вратиш побос отколку што си бил пред тоа. Гешефт, гешефт и пак гешефт (нечесна работа б.н.) – ете ти се. Ете тоа е мојот одговор, тоа се зборовите, кои, наместо по телеграфска жица, би сакал да минат низ твоите чувствителни жици и да се отпечатат во твојата душа под наслов: гони ги управниците, мрази и востанувај против секој владетел.
И да одиш во Софија, ништо нема да направиш, таму е Ѓорче Петров, божем му ветиле, но кога – кога ќе се јави потреба да си ги прикријат некои свои трговски профити… истите тие управници, надвор од другите свои безобразилаци, сакаат, се гледа, да ја повторат срамната игра со нашето дело во 95-та година.
Писмо од Борис Сарафов до Гоце Делчев, Виена, 11 септември 1902 година
Ти пишував од Белград. Со ова доаѓам да ја дополнам ситуацијата која ја оставив таму по средбата со Вуиќ и главниот командант на нивната активна армија, генерал Марковиќ. Како едниот, така и другиот, откако ме помолија да не сум се докачувал за настанатото недоразбирање со мене, влегов во долги и широки разговори по нашето прашање.
Најпосле ми ветија, дека ќе ни дадат најширока слобода за дејствување во Србија, па дури и оружје, но за да го исполнат своето ветување требало да добијат согласност од кралот. Откако ќе средат сѐ, ми рекоа дека ќе ме повикаат, за да почнеме работа. Од сите мои разговори со овие големци дојдов до следните заклучоци:
Со внесувањето на оружје од српска страна тие сметаат, дека ќе станат симпатични на населението барем во оние реони, каде ќе влезе нивна пушка… сметаат дека кога ќе бидат во пријателски врски со нас, помалку или никако нема да се пречи на нивната пропаганда во Македонија… тие преку нас сакаат да си извојуваат една стабилна положба таму, која ќе биде во хармонија со нивните претензии за дележ на Македонија. Со своите врски со нас, тие… ќе сакаат да ја сопрат Бугарија да се согласи на дележ… тие мислат да устројат комитет во Белград со друштва низ цела Србија, а со тоа сметаат уште посилно да воздејствуваат во Македонија и пред светот.
Тоа се моите заклучоци, а таму по нивниот разговор звучеше поинаку.. тие ме уверуваа, дека сакаат автономија на Македонија, но да не се присоединува кон Бугарија… било потребно да ја отфрлиме Егзархијата и да ја побараме Охридската архиепископија.
Кога им изјавив дека, немаме време да се занимаваме со црковни прашања во Македонија и дека на населението му е омразено од сите видови владици и попови, замолкнаа, но по нивните лица прочитав недоверба кон Автономна Македонија и мисла за дележ.
Со предвид на сето горе изложено, јас предлагам меѓу другото да се разгледа следното прашање: Дали треба да се прифати поткрепа од српската влада, притоа допуштајќи, дека таа сака да не употреби за зајакнување на нејзината пропаганда во Македонија и сл.? Впрочем таа поткрепа не е ни предложена, но ми кажаа дека ќе ме повикаат, кога се ќе биде готово. Д.Ст.
Делчев во спомените на современиците
Извадок од спомените на Ризо Ризов
Средбата се одржа во историската соба број 9 на хотелот Батемберг… Таму присуствуваа Гоце, Ѓорче, Герџиков, и д-р Вл. Руменов, адвокатот Стрезов, јас и некои други… На крај, се постави прашањето за материјални средства… Одеднаш зазборува д-р Руменов: Господа, како што гледате, ние сме во многу тешка положба и ништо не можеме да направиме сами, зашто немаме пари. Затоа, ете, бугарската влада ни нуди средства – да ги земеме и да свршиме работа…
При тие зборови Гоце скокна како опарен… Тоа не може, тоа нема да биде никогаш! Да ја чувавме чистотата на ослободителното движење и на Организацијата – тоа е првиот услов за нашиот успех… Еднаш земени пари од владата, при денешните политички услови и атмосфера, значи додаден ангажман, значи обврзување…
А и моралниот удар внатре сред населението ќе биде страшен: луѓето ќе одвикнат сами да ги задоволуваат своите потреби, сѐ ќе чекаат помош однадвор, ќе ја загубат својата самоувереност – а тоа води кон загубување на самостојноста и независноста на Организацијата… Бугарската влада, којашто има чисти завојувачки намери спрема Македонија, штом ќе почне да дава пари, ќе знае како да ја исползува со таа помош создадената состојба на работите внатре: таа нема да се задоволи со некакви платонски чувства, туку ќе сака реални повластици… Повторувам, ударот ќе биде страшен!
Има и други лоши последици… И без тоа другите балкански и европски влади подозираат дека Организацијата се инспирирала од софиските владеачки кругови; тие сакаат тоа да биде така навистина, зашто во таков случај полесно би им ставиле крај на нашите усилби и тогаш слободно ќе можат да тргуваат и ја делат нашата земја…
Извадок од дневникот на Коста Кондов
Во навечерието на Грчко-турската војна ненадејно Гоце Делчев се појави во Одеса. Тој носеше писмо до некои Ерменци што живееја во Одеса, преку кои влеговме во врска со нивниот таен револуционерен комитет и со двајца познати ерменски револуционери пристигнати од Кавказ. Именуваните беа одлични пиротехници, леари на бомби и мајстори на пеколни машини. И двајцата беа до самозаборав предани на ослободителното дело на Ерменија. Имаа универзитетско образование….Ја напуштивме Одеса, придружувани од двајцата ерменски револуционери. По неколку дена и четворицата слеговме од рускиот кораб Воронеж на пристаништето Дафино на Света Гора (Атон)…
Од спомените на Стамат П. Стаматов
Какво четиво читаа учениците? Општо може да се рече, малку читаа зашто повеќе се ограничуваа на лекциите, а второ погодна литература немаше, а и не можеше да има, поради опасноста од ревизија. Библиотеката на гимназијата беше доста богата со книги, но повеќето на туѓи јазици и, освен тоа, со застарена содржина. – Литературата праќана од Бугарија по официјален ред и подложена на цензура – не ги задоволуваше учениците. Затоа прибегнувавме да се снабдуваме со книги и по друг пат – преку странски пошти какви што во Турција беше ги дал господ во изобилие. На тие пошти ревизија не се правеше. Гоце Делчев беше се спријателил со Јордан Николов и често разговараше со него – земаше едни книги, враќаше други од: Дарвин, Писарев, Фламарион…
Извадок од книгата на Туше Влахов
При недостатокот на оформена работничка класа, тешко беше во еден опаднат град како Кукуш да се појават наполно оформени социјалисти – марксисти. При сето тоа кукушките социјалисти и анархисти по примерот на Гоце Делчев се вклучија во македонското револуционерно движење и искрено се стремеа кон ослободување на Македонија од турското ропство… и кон воспоставување на посовршен социјален поредок без оглед на тоа, што нивните погледи за новиот поредок им беа сосем магливи. Тие ја поврзаа борбата за ослободување од турското национално и политичко угнетување со борбата за ослободување од синџирите на капитализмот.
Симеон Радев, „Великите сенки“, 1922 година
По признание тој беше роден за апостол. Таков беше и по мисла. Сите угнетувања будеа бунт во неговата душа; сите крајни идеали за преустројство на општеството му го искушува умот. Една незапирлива струја од разностран идеализам бликаше во него. Но тоа чедо на Кукуш беше разбрало дека пред сите идеали оди идеалот: да бидеш член на една слободна народност во една слободна земја… Д.Ст.