Фото: ЕПА

Сѐ поблиску сме до отворање на првиот рудник за овој метал во ЕУ

Значителен дефицит на литиум и никел се очекува на пазарот во следната деценија, за што ќе бидат потребни повеќе од 500 милијарди долари нови инвестиции, пред сѐ во рудници и преработувачки погони, се вели во прогнозата на специјализираната агенција „Бенчмарк минерал интелиџенс“.
Литиумот е особено критичен поради зголемената побарувачка за електрични возила и примената на овој метал во системите за складирање обновлива енергија. Намерата на Европа да ја намали својата зависност од критичните суровини од трети земји е потврдена и од големиот број проекти за литиум што моментално се активни низ целиот континент.
Оваа стратегиска иницијатива ја покажува решеноста на Европската Унија (ЕУ) да ги искористи сопствените резерви на најлесниот метал, кој игра клучна улога во обезбедувањето енергетска безбедност и технолошки напредок.
Во последниве години, Брисел го забрзува отворањето на рудниците не само за литиум туку и за други стратегиски важни суровини, со цел да се намали зависноста од увоз и да се обезбедат стабилни синџири на снабдување. За таа цел, Законот за критични суровини (ЦРМА) беше усвоен пред помалку од една година.
Кога станува збор за литиумот, невозможно е точно да се предвиди каде во Европа прво ќе започне ископувањето на белото злато од цврста карпа, но судејќи според брзината на издавање дозволи, речиси е сигурно дека, спротивно на сѐ што слушаме во нашата јавност, ЕУ ќе отвори рудник за литиум пред Србија.
Мултинационалната рударска групација „Сибањеј стилвотер“ гради неколку рудници за литиум (отворен коп и под земја) во Финска, концентратор на литиум и рафинерија во Кокола, на километар од центарот на градот. Според плановите достапни на веб-страницата на проектот „Келибер“, производството на литиум од увезена руда треба да започне оваа година, а од сопствените рудници од 2026 година.

Петтина од проектот е во сопственост на „Финска минералс груп“ (20 проценти), државна компанија што го развива синџирот на вредност на литиум-јонските батерии во Финска.
Експлоатацијата на литиум би можела да започне во Австрија веќе следната година. Подземниот рудник „Волфсберг“ ги доби сите потребни дозволи. Кон средината на минатата година овој проект доби инвестиција од 15 милиони евра од БМВ, бидејќи сите водечки имиња во автомобилската индустрија се стремат да обезбедат стабилни синџири на снабдување со клучни суровини за батерии.
Проектот „Барозо“ во Португалија, предводен од британската компанија „Савана рисорсиз“, исто така е во напредна фаза на развој и веќе доби зелено светло за студија за оцена на влијанието врз животната средина за рудник во област каде што локалното население традиционално се занимава со земјоделство и пчеларство. Инаку, планираното проектно подрачје опфаќа и дел што припаѓа на европската мрежа на заштитена природа „Натура 2000“. Планирани се четири рудници со отворен коп, кои се многу попредизвикувачки во однос на заштитата на животната средина од подземните рудници, како што се планираните во Јадар и во Австрија. Тие би произведувале доволно литиум за 500.000 батерии за електрични возила годишно, а производството се планира да започне во 2026 година.
Чесите го развиваат „Циновец“, Германците „Цинвалд“.
Проектот „Цинвалд“ во Саксонија се развива на најголемото европско наоѓалиште на литиум од тврда карпа, на границата меѓу Германија и Чешка. Рудникот е на околу 30 километри од Дрезден и е планирано да биде отворен до 2030 година. На чешка страна има значително повеќе литиум и таму се развива проектот „Циновец“. Компанијата „Јуропијан металс“ планира да го направи овој рудник клучен снабдувач на литиум за производство на батерии во ЕУ.
За да се забрза издавањето дозволи, некои земји членки на ЕУ на рудниците им доделуваат статус на проекти од национален интерес. Во декември овој статус му беше доделен на „Бергби литиум“ во Шведска. За проекти од национален интерес беа прогласени и „Емили“ во Франција и „Барозо“ во Португалија. За Франција е карактеристично што покрај во рудниците, интензивно инвестира и во индустријата за литиумски батерии. Регионот От де Франс е дом на неколку гигафабрики, што го прави познат како „Долината на батериите“ и симбол на новата зелена индустриска револуција на северот на земјата.

Генерално, литиумот станува клучна суровина за иднината на континентот. Србија, со значителни наоѓалишта на овој метал, има можност да стане важен дел од европскиот синџир на вредности во производството на електрични возила и батерии. Основата за оваа соработка е меморандумот потпишан со ЕУ летово, но за да може проектот воопшто да се реализира, „Рио тинто“ мора прво да докаже преку студија за оцена на влијанието врз животната средина дека експлоатацијата на литиум во долината на Јадар може да биде безбедна и одржлива.
Според она што е досега познато од нацртите на овие студии, во Јадар се планира подземна експлоатација со примена на најсовремени техники за управување со отпад, како што се употреба на отпад за полнење, рециклирање отпад и негово користење за производство на градежни материјали и други производи. Предвидена е и модерна постројка за прочистување на водата и други напредни технологии, така што влијанијата врз животната средина се сведени на минимум.