Концертот во Луксембург е уште еден од низата на Емин на европската сцена, по успешниот настап во Португалија на Џез-фестивалот во Гимараеш, каде што имаше авторски концерт на затворањето на престижниот фестивал заедно со Симфонискиот оркестар на Гимараеш
Несекојдневно патување низ музичките епохи е најавено на концертот во Луксембург, под диригентско водство на нашиот Џијан Емин, со светски познатиот пијанист Франческо Тристано и Филхармонијата на Луксембург, на 25 јануари во 19.30 часот. Ова музичко доживување ќе започне со концертот за пијано и оркестар во Де-мол од Ј.С. Бах, а ќе заврши со современа музика, вклучувајќи авторски дела на Емин и Тристано, која ќе биде дополнета со користење електроника и звучен дизајн. Концертот во Луксембург е уште еден од низата на Емин на европската сцена, по успешниот настап во Португалија на Џез-фестивалот во Гимараеш, каде што имаше авторски концерт на затворањето на престижниот фестивал заедно со Симфонискиот оркестар на Гимараеш. На фестивалот во Гимараеш настапија светски имиња од џез-сцената, како Марија Шнајдер, Лео Вадада Смит, Крејт Таборн, Џеф Балард и др.
Луксембуршката филхармонија е основана во 1933 година како дел од радиодифузните активности на Радио Луксембург (РТЛ) и е јавно управувана од 1996 година. Субвенционирана е од Министерството за култура на Големото војводство и финансиски е поддржана од Градот Луксембург. Од сезоната 2022/2023, со една виолина од Џузепе Гуарнери филиус Андреае и една од Џенаро Гаљано се свири во оркестарот, великодушно позајмени од фондацијата „Розмари и Хартмут Швиеринг“.
Џијан Емин е роден во Скопје. Тој е сестран музичар со големо музичко искуство. Од водач на хорнистите во Македонската филхармонија, до вешто свирење импровизирана музика или џез (на еден од многуте инструменти што ги владее), од диригирање на меѓународни оркестри до компонирање и аранжирање партитури за филм и театар, до свирење на гитара или клавијатури со рок-групи, до продуцирање албуми и како уметнички директор на фестивали, Џијан блеска докрај, секогаш додавајќи скапоцен изворен глас и неспоредлива музикалност. Како еден од водечките современи музичари од Македонија и регионот, Џијан исто така стекна голем авторитет низ целиот свет, како природен редослед кога станува збор за толку високо ниво на музицирање. Неговите соработници вклучуваат светски познати музичари како Дерик Меј, Хуан Аткинс, Џеф Милс, Франческо Тристано, а исто така и уметници добитници на „оскар“ и „греми“ како А.Р. Рахман, Курт Елинг, Френк Лондон, Малколм Бурн, Јан Банг, Арве Хенриксен Луис Бонила, Вилијам Паркер…
Додека беше во престижната њујоршка школа „Џулијард“, Франческо Тристано ги постави темелите на своите амбиции како толкувач на музиката на Бах: свиреше и ги сними концертите за пијано со неговиот ансамбл, како и снимените варијации Голдберг. Големиот скок на Тристано се случи во 2011 година, кога беше потпишан од „Дојче грамофон“, со кој сними три програми инспирирани од неговото искачување како концертен пијанист со меѓународно признание. Првиот беше Бах/Кејџ (2011) – истражување на звучниот простор каде што музиката на Јохан Себастијан Бах и Џон Кејџ коегзистираа и покрај растојанието од три века: интерпункцијата на емоциите, потрагата по необични текстури, изненадувачкиот квалитет на серендипитниот. Снимено во студиото „Палнет Е“ во Детроит – референтна точка за современото техно – Бах/Кејџ се обиде да создаде нова звучност за двајцата композитори од акустичната употреба на просторот.