Како и со шенгенот, Бугарија сега за себе бара прозорец на можности прекутрупа да влезе во еврозоната, но, од друга страна, не ѝ дозволува на Македонија да почне да преговара со ЕУ ниту преку исполнување на нормалните европски критериуми, а не, пак, да размисли за некакво креативно решение за уставните измени. Станува збор за класична лицемерна политика од бугарска страна, но и од ЕУ, бидејќи европските челници очигледно се расположени да понудат „прозорец со можности“ за влез на Бугарија во еврозоната, но таквиот прозорец го затвораат за Македонија кога станува збор за уставните измени
Брисел и Софија креатори на новите европски „принципи“
Она што во повеќе наврати се потврди во изминатиот период, тоа се двојните аршини што ги има Бугарија, односно кога таа треба да покаже флексибилност и отвореност за креативни решенија не го прави тоа, но кога станува збор за бугарските интереси, тогаш од другите бара отстапки и можности за полесно да ги оствари сопствените цели.
Имено, откако со години се обидуваше прекутрупа да влезе во шенген-зоната без да ги исполни потребните критериуми, постојано жалејќи се дека земјите членки немаат доволно слух и креативност да најдат некакво решение како Бугарија да стане дел од европскиот простор без граници, конечно тоа ѝ успеа на почетокот на годината повторно преку некакво креативно решение со кое беше убедена Австрија да го тргне ветото.
Сега Бугарија одново се жали и бара да се направат некакви отстапки во нејзина полза, за да може конечно да стане дел и од еврозоната.
На состанокот на министрите за финансии во Брисел, новата бугарска министерка за финансии Теменужка Петкова побарала да се направат некои отстапки во однос на правилата за влез во еврозоната и земјата да искористи некаков прозорец на можности да влезе во еврозоната.
Како и со шенгенот, сега Бугарија за себе бара прозорец на можности прекутрупа да влезе во еврозоната, но, од друга страна, не ѝ дозволува на Македонија да почне да преговара со ЕУ ниту преку исполнување на нормалните европски критериуми, а не, пак, да размисли за некакво креативно решение за уставните измени. Станува збор за класична лицемерна политика од бугарска страна, но и од ЕУ, бидејќи европските челници очигледно се расположени да понудат „прозорец со можности“ за влез на Бугарија во шенгенот и еврозоната, но таквиот прозорец го затвораат за Македонија кога станува збор за уставните измени.
Според Драган Јањатов, долгогодишен дипломат, кога станува збор за некој нејзин интерес, Бугарија моли и бара разни прозорци и канали да биде пикната прекутрупа таму каде што наумила, но кога таа треба да покаже широкоградост, тогаш ниту една земја не може да има потежок соговорник.
– Бугарите секогаш ја бараат најповолната варијанта што е за нив, а за друго не водат сметка. Тие суштински бегаат од важното прашање. Досега се немаат јасно изјаснето дали би прифатиле уставни измени со одложено дејство, не кажаа ниту збор. Треба да кажат дали може или не. Но тие намерно ја држат Македонија во неизвесност и чекаат некој друг да им ја реши работата. Така се навикнати. Македонија можеби треба сериозно да размисли за повлекување на апликацијата за членство во ЕУ и на тој начин да покаже заби. Само така може нешто да направи за Европа да почне сериозно да ја сфаќа, во спротивно ништо не правиме, Бугарите ќе нѐ уценуваат, а за своите интереси ќе бараат креативни решенија и попусти – појаснува Јањатов.
Несомнено намерата на официјална Софија е да го држи тежиштето исклучиво врз Македонија, градејќи впечаток дека тие се кооперативната страна што бара земјава да се држи до некаков европски курс, без оглед што тој курс е опструиран токму од Бугарија со поставување билатерални барања што немаат никаква врска со Европа и европските вредности
Непринципиелните поведенија на Брисел и на Софија го попречуваат интегративниот курс на Македонија
Бугарија нема намера да отстапи ниту милиметар од тврдата позиција во насока на одблокирање на македонскиот евроинтегративен процес, ниту, пак, е подготвена да седне и да разговара со новите македонски власти околу надминување на дилемите што ги оптоваруваат меѓусебните односи.
Наративот дека разговорите со Македонија се завршена работа и дека понатаму земјава сите забелешки треба да ги упатува до Брисел само говорат дека бугарската страна настапува исклучиво од позиција на моќ, без да ги сослуша аргументите на другата страна и на тој начин да придонесе за градење амбиент на меѓусебна доверба што е неопходен за наоѓање решенија што нема да бидат на ничија штета.
Токму таквиот конзистентен став кон Македонија го застапува бугарскиот претседател Румен Радев, кој ја користи секоја пригода да ги повтори веќе излитените фрази дека Македонија е која што треба да се држи до европскиот курс.
Имено, бугарскиот претседател изрази надеж дека македонскиот државен врв ќе покаже политичка волја за што поскоро спроведување на европскиот курс, со што ќе се отвори патот на земјата кон преговори за полноправно членство во ЕУ.
Ова како што соопшти прес-службата на бугарскиот претседател Радев му го порачал на специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и Западен Балкан, Мирослав Лајчак.
Несомнено намерата на официјална Софија е да го држи тежиштето исклучиво врз Македонија, градејќи впечаток дека тие се кооперативната страна што бара земјава да се држи до некаков европски курс, без оглед што тој курс е опструиран токму од Бугарија со поставување билатерални барања што немаат никаква врска со Европа и европските вредности.
Клучното прашање што се наметнува во јавноста не е дали Македонија ќе покаже политичка волја, која очигледно во изминатиот период во повеќе наврати ја демонстрираше, туку дали Бугарија ќе покаже европска свест и одговорност за процесот на проширување така што ќе инсистира на исполнување на Копенхашките критериуми, наместо евроинтеграциите да ги условува со рецидиви од минатото и историјата.
Дипломатот во пензија Драган Јањатов не е воопшто изненаден од однесувањето на Бугарија, која со ништо не покажала капацитет на вистинско европско однесување.
– Бугарија е таа што треба да покаже европски начин на однесување, да ги промовира европските вредности и принципи, наместо да опструира. Македонија е кандидат и очекува прием, ги исполнува сите услови и тоа е нагласено и во извештаите на Европската комисија. Сѐ што ѝ е кажано е направено, единствено не е направено тоа што не треба да се направи. А токму тоа го сака Бугарија, нешто што нема врска со ЕУ – вели Јањатов.
Според него, намерата на Бугарија е Македонија да ја претстави како некооперативен партнер и да го тргне притисокот од себеси.
– Бугарија само ги префрла работите на македонска страна, сакајќи да покаже дека ние сме тие што застрануваат од европскиот курс, додека вистината е сосема спротивна, тие се оние што се однесуваат неевропски и ги блокираат процесите на проширување – заклучува Јањатов. С.Т.