Фото: „Нова Македонија“

Ние Евреите ќе Ти поставиме друг, поинаков но потраен споменик; ќе ти поставиме жив споменик: сите наши деца што ќе се родат во Јудеја годинава – ќе го носат Твоето име“, му рекол еврејскиот првосвештеник Јадуа

Записи на Анте Поповски за Александар Македонски во Ерусалим (2)

Анте Поповски (Лазарополе, 1931 – Скопје, 2003), македонски поет, есеист, препејувач, публицист и политичар. Член на МАНУ. Се вбројува меѓу великаните на македонската книжевност и е еден од најистакнатите македонски поети од втората генерација. Бил генерален директор на НИП „Нова Македонија“ во периодот од 1970 до 1973 година. Во своите избрани дела од 1996 година ја објавил книгата „Окото, Светлините“. Книгата, преобјавена во 2008 година, всушност е составена од литерарно-историски записи од неговата посета на Израел, на светата библиска земја. Покрај поетскиот, прекрасен раскажувачки стил, записите изобилуваат и со низа историски податоци, вистински настани и легенди. Десетина страници од книгата се посветени и на дел од духовните настани во деновите кога во Ерусалим пристигнал Александар Македонски со своите војски.

Принесувајќи вообичаена жртва во Ерусалимскиот храм, воодушевен колку од убавината на храмот толку и од свечениот ритуал, кој бил изведен во негова чест, Александар побарал од Јадуа во храмот да му биде поставена биста или слика. Првосвештеникот веднаш го одбил тоа зашто барањето на Александар било спротивно на канонските правила на јудејската вера.
„Ние Евреите ќе Ти поставиме друг, поинаков но потраен споменик; ќе ти поставиме жив споменик: сите наши деца што ќе се родат во Јудеја годинава – ќе го носат Твоето име“, му рекол Јадуа.
И навистина: историските податоци говорат дека сите деца во Јудеја родени во текот на 332-331 г. пр. н.е., во траење од една календарска година, го носеле името Александар. Се распознавале само според презимето!
Уште во текот на животот на Александар Македонски, но и по неговата смрт, низ цел Израел, особено низ пределите на Самарија, дошло до забрзан развој на градовите, зајакнале трговските врски со соседите, дошло до позабрзана социјална стратификација на населението. Во многу градови биле населувани македонски војници и колонисти од Македонија.
Под влијание на хеленизмот што го наложил Александар, бил создаден и Еклезијастот, а подоцна и Песната на песните. И првите одредби на Ерусалимскиот талмуд потекнуваат од периодот кога Јудеја била во рамките на кралството на Александар Македонски. Така, неговата филозофија на поврзување и обединување на континентите преку хеленизмот тука, во Израел, се остварува со силен пробив на хеленизмот во затворениот свет на еврејската филозофија и култура, чија идеолошка основа била јудејската религија.
Еклезијастот или проповедарот е една од канонските книги на Стариот завет, дел од Светите свитоци, и е име за пет различни проповеди што задолжително се читаат на еврејските празници: Пасха, Празникот на жетвата, Спомен-денот на пропаста на Ерусалим, Пурим, Денот на сенките… Еклезијастот проповеда целосна резигнација или повлекување од животот, одвраќање од секоја амбиција: „И правта ѝ се враќа на земјата, онака како што било, и духот ќе му се врати на Бога онака како што го дал: суета над суетите…“

Според арамејските и грчките јазични карактеристики на Еклезијастот, се смета дека главниот дел бил составен по освојувањето на Александар Македонски, а времето на конечната редакција на текстовите не е познато. И Песната на песните, најпрофаната поема на Стариот завет, проникната со еротика, се наложува како составен дел на еврејскиот канон. Се чита на Празникот на пресниот леб и се смета дека станува збор за обредни лирски песни испеани во чест на богот на вегетацијата и мајката-земја, кои пролети се покажуваат и поимаат како свршеник и свршеница: како пастирката Суламит и нејзиното момче; како Израел и – неговиот Јахве! Според сфаќањето на јудејската филозофија и традиција, Песната на песните е алегорија со која, во поетски облик, е изразена љубовта помеѓу Јахве и неговиот избран народ.
Песната на песните, според процените на библистите, покажува голема сличност со некои асирски химни, а податокот дека тие делови што се најслични со асирската поетска традиција се создавани во Израел, но со поназначено влијание на персиски и арамејски лексеми – е доказ дека редакцијата на овој текст е направена во времето на Александар Македонски или непосредно по неговата смрт.
Натаму сѐ е познато и знајно што се случувало со судбините и со историјата на Евреите: по смртта на Александар, 323 година пред Исуса, со Палестина и со Египет владеела македонската династија на Птоломеите, за потоа, исто така, македонската династија на Селевкидите, која владеела со Сирија, да завладее над Палестина. Подоцна доаѓа до самостојноста на јудејската држава со која владееле потомците на Макабеите.
Во 63 година пред Исус, Ерусалим, по неколкумесечна опсада, бил заземен од римскиот војсководец Помпеј, а со тоа се востановил и почетокот на римското владеење над Палестина. Тоа е еден од најсуровите периоди во еврејската национална историја. Се менувале прокуратори, од Понтиј Пилат (личност со која се сврзани најсуровите насилства во Јудеја, меѓу кои и распнувањето на Исус Христос) преку Веспазијан, Титус, Хадријан…
Во 73 година на нашата ера, залудна била надежта на народот да го одбрани Вториот еврејски храм: илјадници Зелоти, востаници, со своите тела направиле жив ѕид пред ѕидиштата на Храмот, но заедно со храмот биле изгорени и тие! Од големото духовно огниште на еврејската историја – останал само Ѕидот на плачот. Врз тој ѕид подоцна свои траги оставиле и Византиското Царство (306-1453), Отоманската Империја и англиската окупација на Палестина (1917-1948), кога е формирана државата Израел, како историски идеал на севкупната еврејска историја и драма низ вековите.
Стојам на истото место на кое некогаш стоел Александар со неговите војски. Убаво ја распознавам сенката на нивните долги копја! Одам, безмалку по истата патека по која минувале и тие. Доаѓам до местото каде што некогаш се издигал Еврејскиот храм! Од него денес останал само: Ѕидот на – плачот…

продолжува