Грчкиот премиер одлучи да не ѝ даде можност за втор мандат на Катерина Сакеларопулу и да го предложи Тасулас, објаснувајќи дека „во следниот период и во турбулентната меѓународна средина на земјата ѝ е потребен претседател со долга кариера во јавниот живот и со јасни политички карактеристики“
Кој е Константинос Тасулас, идниот претседател на Грција, кандидиран од грчкиот премиер Мицотакис
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во телевизиска порака до граѓаните соопшти дека „со чувство на одговорност предлогот на Нова демократија за следниот претседател на државата ќе биде Константинос Тасулас“.
Тасулас е кадар на владејачката Нова демократија и веќе 25 години е пратеник од оваа партија, а ставовите што ги застапува кон Македонија не се разликуваат од официјалните ставови на грчката влада, а кои се во насока на поддршка на проширувањето на ЕУ и доследно почитување на Преспанската спогодба.
На почетокот на јули минатата година Тасулас за време на средбата со летонскиот претседател порача дека „Европа ќе дојде на Западен Балкан кога целиот Западен Балкан, а особено С. Македонија и Албанија ќе дојдат кон вредностите на Европа“.
Во октомври 2022 година на маргините на конференцијата на претседателите на парламентите на земјите членки на Советот на Европа, Тасулас имаше средба со тогашниот македонски спикер Талат Џафери, прва билатерална средба на претседателите на собранијата на двете земји, при што порачал дека парламентите со кои претседаваат „треба да го покажат патот за подобрување на односите меѓу двете земји“.
За ратификациите на трите меморандуми што Македонија и Грција ги потпишаа по Договорот од Преспа, како што наведува МИА, Тасулас во септември 2020 година излезе со јасен став дека не се итни и дека нема потреба сега да се ратификуваат. Кон крајот на јуни 2021 година, одговарајќи на прашања од новинарите за меморандумите за соработка, рекол дека не влијаат на Договорот од Преспа, дека не се нешто сензационално, објаснувајќи дека едниот, кој се однесува на воздушниот простор, веќе е имплементиран, а другиот се однесува на економската соработка, а во однос на тоа кога ќе бидат донесени за ратификација рекол дека тоа „не е во приоритетите на Владата“.
Константинос Тасулас, кој се очекува да биде избран од парламентот и на средината на март да ја преземе функцијата претседател на Грција, е адвокат по професија, од јули 2019 година е собраниски спикер, позиција на која трипати со широко мнозинство беше изгласан од пратениците.
Грчкиот премиер одлучи да не ѝ даде можност за втор мандат на Катерина Сакеларопулу и да го предложи Тасулас, објаснувајќи дека „во следниот период и во турбулентната меѓународна средина на земјата ѝ е потребен претседател со долга кариера во јавниот живот и со јасни политички карактеристики“.
Во согласност со Уставот, претседателот во Грција го одбира парламентот по предлог на Владата, предвидени се најмногу пет гласања, доколку при првото не се постигне потребното двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници, а соодветните процедури ќе започнат на 25 јануари со првото гласање.
Без оглед на тоа што претседателската функција во Грција е протоколарна, според образложението на Мицотакис, Грција се подготвува да ја зајакне и оваа позиција со силна политичка фигура имајќи ги предвид големите геостратегиски поместувања во светот. Водејќи се според изјавите и дејствувањето на Тасулас во изминатиот период, Македонија не може да очекува ништо ново освен продолжување на грчкиот притисок за еднострана имплементација на Преспанската спогодба само од македонска страна. Судбината на трите меморандуми и натаму останува неизвесна. С.Т.