Македонски државјани, според известувањето на бугарски медиуми, често добивале привилегии при незаконското издавање бугарски пасоши. Сведок во истрагата изјавил дека биле ангажирани над 100 посредници за прибирање документи, обезбедување фиктивни адреси и за олеснување на процесот пред институциите

Скандалот со фиктивна регистрација на македонски државјани за патни исправи ја потресува Бугарија

Поранешниот градоначалник на селото Рилци во Благоевградскиот Регион, Живко Чукарски, ја признал вината за злоупотреба поврзана со незаконска регистрација на македонски државјани и потпишал договор со Окружното обвинителство во Благоевград, објавија бугарски медиуми.
Истрагата покажала дека Чукарски изготвил и заверил 246 потврди за постојана адреса на живеење за лица од Македонија, иако тие никогаш не биле физички присутни во селото, ниту приложиле соодветни документи за регистрација.
Во Рилци се регистрирани над четири илјади македонски граѓани, во периодот меѓу 2016 и 2019 година. Дел од нивните адреси биле фиктивни, наведувајќи непостојни објекти или дури и празни полиња. Во соседното село Бело Поле, пак, повеќе од десет илјади македонски државјани сè уште се регистрирани. А проблемот со лажните адреси останува актуелен, иако многу од фиктивните регистрации веќе се откажани.

Над 100 посредници ангажирани за олеснување на процесот

Македонски државјани, според известувањето на бугарски медиуми, често добивале привилегии при незаконското издавање бугарски пасоши. Сведок во истрагата изјавил дека биле ангажирани над 100 посредници за прибирање документи, обезбедување фиктивни адреси и за олеснување на процесот пред институциите.
Најчестите методи за добивање бугарско државјанство, според сведокот во истрагата, вклучувале вработување или отворање фирма во Бугарија што овозможува статус на постојан престој според трговските закони, основање компанија од страна на странски граѓани, кои подоцна добиваат документи за отворање седиште во Бугарија и издавање документ за бугарско потекло. П.Р.