Φото: Маја Јаневска-Илиева

Собранието денеска, во рамки на 27. седница, го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата и усвои четири одлуки: за разрешување на член на Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен, за изменување на Одлуката за именување претседател, потпретседател, членови и заменици-членови на Националниот совет за евроинтеграции, за изменување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Македонија, како и за изменување на Одлуката за основање на пратенички групи на Собранието на Република Македонија за соработка со парламенти на други држави и избор на претседатели и членови на пратеничките групи на Собранието на Република Македонија за соработка со парламенти на други држави.

Пратениците усвоија и две автентични толкувања, на член 39 став 3 од Законот за надворешни работи и на член 45 став (4) од Законот за надворешни работи.

За збор се јави Оливер Спасовски од СДСМ кој оцени дека со автентичното толкување на член 45 став (4) од Законот за надворешни работи се сака на „мала врата“ да се создаде нов услов за разрешување амбасадори.

– Автентичното толкување не може да служи за измени на законските решенија. Сметам дека ова што се прави со членот 45, за отповикување на амбасадорите, и тоа што е доставено како мислење од Владата до Собранието за член 45, воопшто не може да се стави во ниту една од уставните норми зашто таму е децидно наведено, во членот 45, кои се основите за отповикување на кој било амбасадор. Ако тие основи се исполнат, тогаш се отповикува амбасадорот. Според Уставот, во член 84 е предвидено претседателот на државата, покрај другите надлежности, да ги поставува и отповикува со указ амбасадорите во странство. И ставот 3 во член 45 е многу јасен, дека претседателот ќе го отповика амбасадорот ако се исполни еден од трите услови, а иницијатива за отповикување може да покрене и Владата. Сега, со ова, ние велиме, не мора да се исполни ниту еден од условите, а Владата или министрите може да предложат промена на кој било амбасадор. Навлегуваме во рушење на тој поредок и создаваме правна несигурност – истакна Спасовски.

 

На тоа реплицираше Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е предлагач на двете автентични толкувања. Како што објасни Стојановски, со автентичните толкувања не се бара ништо плус, туку се допрецизираат членови и ставови.

-Јас сум предлагач на двете автентични толкувања, а со нив не се бара нова можност, туку да се допрецизираат одредби. Ова подразбира дека покрај претходните услови за отповикување на амбасадорите од претседателот, иницијатива за отповикување на амбасадорот може да покрене и Владата на барање на министерот. Претходните години имаше директно прекршување на Законот и силеџиство, без да се помине филтерот во Собрание. Се срамиме какви луѓе праќавте во светот да ја претставуваат државата – рече Стојановски.

По усвојувањето на автентичните толкувања, претседателот на Собранието Африм Гаши ја прекина 27. седница и рече дека за продолжението пратениците ќе бидат дополнително известени.

Претходно, по предлог на Стојановски, дневниот ред беше дополнет со неколку предлог-закони: за изменување и дополнување на Законот за буџети, за изменување на Законот за плата на избрани и именувани лица, за изменување на Законот за платите на судиите, за изменување на Законот за платите на членовите на Судскиот совет, за измените на Законот за платите на јавните обвинители, како и за измените на Законот за пратеници.

Собранието не го усвои Барањето на пратениците од СДСМ за јавна расправа по Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за јавни набавки, а ги отфрли и предлозите поднесени од Сали Мурати, за изменување и дополнување на Законот за пожарникарството, за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и за изменување и дополнување на Законот за задолжителниот примерок, сите по скратена постапка.

Во секој момент се очекува Собранието да продолжи со работа по 23. седница.