Во Собранието на Македонија во саботата на Иван Антоновски му беше врачена државната награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ за остварувања во областа на публицистиката за книгата „Од онаа страна на Небиднината: разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“. Ова издание на „Дијалог“, кое критиката и публиката го поздравија како скапоцен влог во македонската книжевна и културна историја, само за неколку месеци доживеа две изданија (ноември 2023 и март 2024), што досега се нема случено кај нас со друга книга од овој жанр.
– Денеска како главен проблем на идејната изградба среде општествените противречности што ја засегаат културата се јавува неопходноста од решителна борба против формализмот, практицизмот и субјективизмот – на овие инспиративни зборови на Мито Хаџивасилев-Јасмин, изречени во 1950-тите, се повика Антоновски при примањето на наградата и дополни дека „времето минало, но неопходноста од ваквата борба е останата и уште понагласена денес, кога и натаму, како што порачува Јасмин, смислата на нашите напори е поттикнувањето на вистинското творештво“.
Тој смета дека оваа книга „не можеше да не биде влог во оваа борба, зашто самиот Шопов сиот свој живот, и како творец и како општественик и дипломат, го има минато како првоборец и против формализмот, практицизмот и субјективизмот – борец за вистинските вредности. Притоа, потврдувајќи ја мислата на Јасмин дека „за да се создаде уметност, творецот мора да се раскрие себеси не како апстрактна личност ами како конкретен субјект“.
Размислите на Мито Хаџивасилев-Јасмин за културата, уметноста и поезијата одекнаа и по свеченоста во Собранието. Оддавајќи ѝ почит на Светлана, која со своите исцрпни сведоштвата во „Од онаа страна на Небиднината“ му „изгради споменик на Ацо Шопов“, Антоновски нè потсети на тие размисли, на настанот организиран од страна на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, на кој присуствуваа голем број личности од академската, книжевната, уметничката и издавачката фела, инволвирани во јубилејните настани врзани за стогодишнината од раѓањето на Шопов, во 2023 и 2024 година.

Станува збор за „книга што е благороден и вистински патриотски чин, без удирање во гради“, за „врвен придонес за македонската книжевност и култура“, за „бесценето издание“, како што истакна академик Ала Шешкен од универзитетот „Ломоносов“ во Москва, книга што „на извонреден начин ги хармонизира фактите и емоциите остварувајќи симбиоза меѓу емотивното и документарното, меѓу личното и книжевно-историското сеќавање“, според луцидната анализа на Капушевска-Дракулевска. Затоа што, како што забележува таа, оваа книга не е „интимен запис од минатото, туку дел од нашата културна меморија, мост меѓу нашето минато и нашата конкретна сегашност, дијалог меѓу генерациите“ или, искажано со зборовите на Весна Мојсова-Чепишевска, „прост и строг муабет меѓу времињата – она на Шопов и денешното“.
Преку ликот на Шопов, не само како поет и препејувач туку и како општествен и културен деец, градител на нашата држава и дипломат, книгата разговори на Антоновски со Шопова отвора низа актуелни прашања од нашиот јавен и културен живот и со тоа добива карактер на извонредно публицистичко дело со широк дијапазон во кое, како што е типично за овој жанр, границите помеѓу историската, општествената и културната димензија се лесно преодливи. Историските факти искажани во оваа книга и денес се горешти, особено што се однесува на окупацијата од страна на поранешна фашистичка Бугарија и негирањето на нашиот јазик и воопшто на нашиот идентитет. Исколчувањата што ја загрозувале нашата општествената стварност во времето на Шопов ги препознаваме и денес како предизвици. В.Д.