В НЕДЕЛА ВО СКОПЈЕ
Ветерански турнир во забрзан шах „Снежник 2024“
На првиот зимски ден, а во чест и слава на големиот заштитник и добротвор Свети Никола, шаховскиот клуб на ветерани „Скопје 72“, в недела од 10 часот, го организира четвртиот ветерански турнир во забрзан шах „Снежник 2024“. Право на учество имаат сите шаховски ветерани од Скопје (родени 1964 и порано) и посебно поканети гости. Поради организациско-технички причини бројот на учесници е лимитиран на 26 од пријавените, при што организаторот го задржува правото при поголем број пријавени да направи селекција според силината, односно рејтингот на играчите. Турнирот ќе се игра според правилата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), во седум кола, со временско темпо 15 минути плус 10 секунди по секој потег и ќе се рејтингува во ФИДЕ, а судија е ФМ Љубомир Хаџи-Манев. Прогласувањето победници и доделувањето на наградите се предвидени за 15.30 часот истиот ден. Победникот ќе добие пехар или плакета, а тројцата првопласирани признанија. До вчера на турнирот беа пријавени 29 учесници, од кои пет ФИДЕ-мајстори (ФМ). Прворангиран засега е ФМ Јани Богоевски. Г.И.
ВО ИЗБОР НА „БИ-БИ-СИ“
Дуплантис прогласен за светска спортска ѕвезда на годината
Шведскиот скокач со стап Арманд Дуплантис (25) е прогласен за светска спортска ѕвезда за 2024 година според британскиот медиум „Би-би-си“. Дуплантис се смета за најдобар скокач со стап на сите времиња и уживаше во уште една година со соборување рекорди, а ја задржа својата олимписка титула во Париз, станувајќи првиот шампион во скок со стап за мажи со златни медали во низа од 1950-тите. Притоа, тој ги собори и олимпискиот и светскиот рекорд, а планетарниот деветти пат во кариерата, вторпат годинава. Тој го урна светскиот рекорд повторно подоцна во август, поставувајќи нов најдобар од 6,26 метри на натпреварот во Дијамантската лига во Полска, а ја освои и втората светска титула во сала, како и третото европско злато годинава. Г.И.
ФУДБАЛ
УЕФА ги одреди домаќините на Суперкупот и на Лигата на нациите
Суперкупот, во кој ќе играат победниците на Лигата на шампионите и на Лига Европа, в година ќе се одигра во Удине (Италија), објави Европската фудбалска унија (УЕФА). УЕФА одреди и дека победникот на четвртфиналниот дуел Италија – Германија ќе биде домаќини на фајналфор-турнирот во Лигата на нациите (ЛН) во 2025 година. Стадионите во Торино (на Јувентус и на Торино) и стадионите во Минхен и во Штутгарт беа избрани како стадиони на кои би се играле мечевите. Португалија го освои трофејот во првото издание на ЛН како домаќин, во 2019 година, потоа Франција победи во 2021 година во Милано (Италија), а Шпанија ја прослави титулата во Ротердам (Холандија) лани. Н.М.