Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), кој изврши вонреден инспекциски надзор на Клиниката за детски болести откако почина седуммесечно бебе, предлага Министерството за здравство да покрене постапка за стручен надзор над лекувањето на бебето.
Од извршениот вонреден инспекциски надзор констатирано е дека на Детската клиника сѐ уште не е решен проблемот со задолжителното присуство на специјалист во дежурната амбуланта, за што се води прекршочна постапка, како и дека медицинската документација се креира од страна на доктори кои не се присутни на работа за што од страна на ДСЗИ е издадено решение чии рокови течат.
– ДСЗИ на ден 17 и 18 декември 2024 година изврши вонреден инспекциски надзор во врска со починатото седуммесечно бебе на ЈЗУ УК за детски болести – Скопје и врз основа на извршениот увид во медицинска документација – истории на болест, упати и специјалистички извештаи и изјавите од докторите кои учествувале во лекувањето, констира дека седуммесечното бебе првпат во ЈЗУ УК за детски болести – Скопје било донесено на ден 9 декември 2024 година заради висока температура и осип по целото тело од пред една недела. Првично, детето е прегледано од страна на специјализанти, во консултација со доктор специјалист и упатено е на дополнителни испитувања на Инфективна клиника, Клиника за дерматовенерологија и во Биохемиска лабораторија при Детска клиника. По добиените резултати и препишаната терапија, испратено е на домашно лекување со насока за контрола кај матичен лекар и по потреба на Детска клиника – појаснуваат од ДСЗИ.
На 11 декември, во вечерните часови, детето повторно било донесено на Клиниката и заради влошената клиничка слика, хоспитализирано е на Одделот за неврологија. Креирани му се упати за повеќе испитувања, а на 13 декември заради натамошно влошување на здравствената состојба, трансферирано на Одделот за интензивна нега и терапија.
– По стабилизирање на состојбата, повторно е вратено на Одделот за неврологија, каде престојувало неколку часа, по што повторно е вратено на ОИНТ, каде се направени дополнителни радиолошки, ехографски и други лабораториски испитувања, што укажуваат на тешка општа состојба на детето, што во вечерните часови на ден 15 декември 2024 година, завршува со егзитус – додаваат од Инспекторатот.
Од ДСЗИ информираат дека ќе биде издадено решение со наредба за почитување на одредбите од член 226 од Законот за здравствената заштита за прием на пациенти прегледани како итни случаи. Како што додаваат, доколку прием не е извршен, установата е должна да издаде писмено образложение за причините за одбивањето на приемот за болничко лекување.
– Наведената законска обвска е казнива согласно член 306 од Законот за здравствената заштита, заради што ДСЗИ ќе спроведе нова постапка за порамнување према правното лице ЈЗУ УК за дтески болести како и против одговорното лице во устрановата – потенцираат од Инспекторатот.
Откако во јавноста излезе веста за смртта на бебето, директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди рече дека биле запазени сите процедури и третмани и нема лекарска грешка. Тој рече дека се работи за неоснован притисок врз Клиниката и здравствениот персонал во оваа институција.