Оркестарот на Македонската филхармонија вечерва, со почеток во 20 часот, ќе одржи концерт насловен „Меѓу срцето и умот“, на кој како солистка ќе настапи врвната виолинистка Алена Баева од Луксембург. Диригент е маестро Емил Табаков од Бугарија, а на програмата се Концертот за виолина и оркестар бр. 2 од Сергеј Прокофјев и Симфонијата бр. 8 од Дмитри Шостакович.
Алена Баева брзо се етаблира како еден од водечките виолинисти на нејзината генерација, со веќе завидна кариера зад себе и настапи со најдобрите светски оркестри и диригенти. Баева е родена во 1985 година во семејство на музичари. Првите часови по виолина ги добива во Алма-Ата, Казахстан, на петгодишна возраст, од познатиот педагог Олга Данаилова. Од 1995 година учи во класата на проф. Едуард Грач во Централното музичко училиште при московскиот конзерваториум „П.И. Чајковски“, а од 2002 до 2007 година на самиот конзерваториум. Покрај формалното образование, Баева како протеже на Мстислав Ростропович учи во Париз во 2003 година и на Академијата на Сеиџи Озава во Швајцарија, која ја посетува од 2007 година. На шеснаесетгодишна возраст Баева е добитничка на гран-при на 12-от натпревар „Хенрик Виењавски“ во Полска (2001), како и на награда за најдобра изведба на современо дело. Подоцна таа е добитничка и на гран-при на натпреварот „Николо Паганини“ во Русија (2004), вклучувајќи ја и специјалната награда со која ѝ се дозволува да настапува една година со виолината „виењавски“, изработена од Страдивариус во 1723 година. Баева исто така е добитничка на златниот медал и наградата од публиката на натпреварот „Сендаи“ во Јапонија (2007). Репертоарот на Алена Баева опфаќа повеќе од 40 концерти за виолина и оркестар. Настапува со диригенти како: Владимир Федосејев, Пабло Ерас-Касадо, Кшиштоф Пендерецки, Сакари Орамо, Томас Зандерлинг, а особено долга соработка остварува со Валериј Гергиев и Владимир Јуровски. Нејзините партнери за камерна музика ги вклучуваат: Марта Аргерич, Јури Башмет, Стивен Исерлис, Николај Лугански и Миша Мајски, а редовен партнер ѝ е пијанистот Вадим Холоденко, со кого настапува повеќе од една декада. Особено плодна соработка Баева остварува во Русија, каде што редовно настапува со оркестарот „Марински“, „Музика етерна“, државниот академски симфониски оркестар „Јевгениј Светланов“ и Филхармонискиот оркестар на Санкт Петербург. Низ Европа редовно настапува со Филхармонијата на Луксембург, Нордискиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Стразбур, Филхармонијата на Штутгарт, а исто така и на фестивалите: „Балтичко Море“, меѓународниот фестивал „Шопен“ во Полска, фестивалот во Еспињо, Португалија, фестивалот „Бели ноќи“ во Петербург итн. Следните настапи ја носат Алена во Вајмар, Дизелдорф, Њујорк, Лил, Лондон и др.
Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните бугарски композитори. Носител е на престижни награди и како диригент, меѓу кои и на наградата личност на годината според Меѓународниот библиографски центар во Кембриџ, Англија, како еден од стоте најдобри професионалци за 2012 година.