За да им се приближи што повеќе на граѓаните и на читателите на „Нова Македонија“ сериозноста од опасноста, спречена во подготовка, повеќе експерти од областа на спречување тероризам и политичко насилство изразија подготвеност да се фрли светлина на неколку клучни термини од официјалното соопштение на МВР, за да се протолкуваат и прецизно да се разберат обликот на тероризмот и степенот на опасноста што преку одредени елементи од официјалното соопштение укажуваат на суштината на кривичните дела што биле во подготовка
Секторот за борба против тероризам на МВР до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција деновиве поднесе кривична пријава против четири лица од Гостивар и од Струга, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело терористичка организација од чл. 394-а од Кривичниот законик. Според официјалното соопштение од МВР, „на почетокот на 2024 година првопријавениот од четирите лица создал терористичко-злосторничка организација во која членуваат и преостанатите, како и уште неколку засега непознати лица. Сите заедно формирале терористичка организација, ќелија со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС“.
За издвојување е дека споменатата терористичко-злосторничка група имала намера да изведува терористички акции насочени кон цивилни или т.н. меки цели, односно јавни објекти на територијата на Македонија.
Каков бил реалниот потенцијал од терористичко-злосторничката група?
Во почетокот на 2024 година биле формирани повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм. Според експертите за борба против тероризам со кои се консултиравме, лидерот на групата јасно и недвосмислено искажал „целосна подготвеност и намера за извршување терористички напад, како и поттикнување други лица за извршување терористички напади во Европа“. Соговорниците истакнуваат дека јавно искажаниот став претставува исклучително силен мотив за извршување акти на политичко насилство и тероризам.
Натаму, соговорниците го издвојуваат моментот на интензивна индоктринација на другите членови од групата и нивна мотивација заради извршување акти на политичко насилство. За таа цел, соговорниците експерти го издвојуваат прво моментот на споделување (преведени и приспособени) пропагандни материјали на ИСИС, второ моментот на регрутација на нови членови и трето обидите за набавка на огнено оружје. Во тој контекст, соговорниците го издвојуваат и моментот на споделување „упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи што потоа ќе бидат искористени за извршување терористички напади“. Токму овие неколку елементи, за експертите за борба против тероризмот значат и дека групата што е лишена од слобода имала релативно голем потенцијал (пред сѐ мотивирачки, психолошки) за да дојде во позиција и без дилема да изврши тешки облици на акти на политичко насилство, како што се терористичките напади.
За да им се приближи што повеќе на граѓаните и на читателите на „Нова Македонија“ сериозноста од опасноста, спречена во подготовка, повеќе експерти од областа на спречување тероризам и политичко насилство изразија подготвеност да се фрли светлина на неколку клучни термини од официјалното соопштение на МВР, за да се протолкуваат и прецизно да се разберат обликот на тероризмот и степенот на опасноста што преку одредени елементи од официјалното соопштение укажуваат на суштината на кривичните дела што биле во подготовка. Имено, посебен осврт на толкување со нашите соговорници експерти ќе обрнеме на употребениот термин „терористичко-злосторничка организација“ (група односно ќелија), како и што значи терминот „идеолошка матрица на познатата терористичка организација ИСИС“. Наедно, ќе обрнеме внимание на тоа каква поддршка имаат таквите групи и што значи тоа кога истите тие имаат поддршка однатре, во државата, или однадвор се логистички помагани…
Што значи терминот „терористичко-злосторничка организација, група односно ќелија“
Според нашите соговорници, во последните неколку години терористичките организации се поделени на национални, транснационални и меѓународни. Додека националните групи работат во границите на една земја, транснационалните дејствуваат прекугранично, а меѓународните групи „работат“ во две или повеќе земји и се претпоставува дека добиваат инструкции од трета земја. Денес новата поделба што ги дели терористичките групи во три групи е многу пораспространета:
– Првата категорија терористички групи се оние што не се поддржани од некоја странска држава, односно терористичките групи што работат автономно, не добиваат помош од ниту една влада. Тие групи тешко се откриваат, гонат, контролираат и елиминираат, но во исто време не се толку опасни во споредба со другите категории терористички организации и групи.
– Втората категорија терористички групи се оние што добиваат поддршка од една или повеќе странски држави. Овие групи најмногу добиваат поддршка од нивните покровители. Таквата поддршка се движи од обука, информации од разузнавачките служби на други земји, безбедни засолништа, логистичка и медицинска поддршка, до директна финансиска поддршка. На пример, нивото на поддршка на една земја за терористички активности е еден од критериумите што САД ги земаат како одредница при оценувањето дали една земја поддржува тероризам. Секако дека би било интересно таквите оценки да се направат на ниво на ОН, врз основа на глобална дефиниција, велат експертите, со цел да се утврдат глобалната поврзаност меѓу сите земји и нивната поддршка за тероризмот.
– Третата категорија терористички групи се оние што се директно контролирани од една земја. Експертите повторно го издвојуваат примерот на САД во кој, засега, Либија, Ирак и Северна Кореја се јавно идентификувани од САД како службени и водечки поддржувачи на терористички групи. Државата поддржувач на терористичките групи (и безбедносно-разузнавачката служба на таа држава) може да донесе многу поголема „дисциплина во нивната работа за подобро планирање и извршување на терористичките акти“, тврдат експертите.
Што значи терминот дека уапсената група имала „идеолошка матрица на познатата терористичка организација ИСИС“, односно за политичките, верските и идеолошките цели
Тероризмот може да биде мотивиран од политички, верски и идеолошки цели. Терористичките цели се секогаш врамени во политичка рамка. Експертите издвојуваат дека на пример верските или идеолошките екстремисти имаат потреба од политичка моќ за да влијаат врз заедницата заради прифаќање нивни одредени ставови. Целта на тероризмот е различна од другите насилни акти што имаат за цел да постигнат лична корист, како на пример кривичното дело насилство. А, сепак, дефиницијата дозволува употреба на организиран криминал за да се влијае на владината политика. Значи, суштината на тероризмот е да се принуди (владата или јавноста) да го смени својот политички став преку заплашување.
Во случајов многу е карактеристично што оваа група имала „основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС“. Соговорниците издвојуваат дека „најсилната културна идентификација може да биде верата бидејќи содржи длабоко вкоренети вредности“!
– Перцепцијата дека нечија религија е загрозена ја загрозува не само сегашноста туку и културното минато и иднина. Тероризмот во име на религијата може да биде особено насилен. Како и сите терористи, оние што се верски мотивирани ги гледаат своите постапки како морално оправдани и како дел од задачите што произлегуваат од божјите откровенија. Она што во други околности би било чин на безнадежност станува религиозна должност во перцепцијата на верски мотивираните терористи. Ова ја објаснува леснотијата со која религиозните екстремисти одлучуваат да умрат – велат нашите соговорници. П.Р.
Кои елементи ги издвојуваат експертите што го идентификуваат тероризмот како различен од делата на општ криминалитет
Тероризмот не е обичен облик на криминалитет
Според експертите со кои се консултиравме, тероризмот не е обичен облик на криминалитет. Неговата невообичаеност се гледа и во тоа што тој се казнува дури и ако се прават подготовки за извршување на терористичкиот акт. При правењето споредба помеѓу тероризмот со другите облици на криминалитет, односно разговорно кажано „што е тоа што ја прави разликата, а што е тоа што се совпаѓа кога се прави паралела меѓу терористите од другите криминалци“, експертите го издвојуваат следното: прво, тероризмот е дизајниран да има подалекосежни психолошки последици (по извршениот терористички чин, жртви и цел), второ, тероризмот го спроведува организација со препознатлив синџир на команда и, трето, го спроведува субнационална или наднационална група.
Иако како и за повеќето кривични дела, сторителот (сторителите) има мотиви и цели, извршувањето на делата на тероризам е – политички (верски) определено. Исто така, заедничко со други потешки облици на криминалитет е тоа што содржи елементи на тешко насилство! П.Р.