Персиската амброзија за успех

Рецензија

Од иранската кинeматографија имаме слушнато за веќе афирмираните имиња на Асхар Фархади, Џафар Панахи, Бахман Гобади, а од скоро чувмe и за анонимниот Бехруд Карамиказе, кој има намера со својот филм првенец „Празни мрежи“ да излезе од анонимниот свет и да ја освои не само иранската туку и публиката низ светот.
Главен протагонист е младиот Амар, кој работи во ексклузивен ресторан и при една немила ситуација од страна на малициозниот сопственик е отпуштен од работа. Во неговото срце клокоти љубовта за Наргес, ќерка на богатиот газда на слаткарница, па тој сака по секоја цена да ја спречи желбата на нејзините родители да ја омажат за несудениот зет од Техеран. Но предизвикот да се освои раката на Наргес не е ниту малку наивна работа, бидејќи потенцијалниот кандидат треба да инкасира толку златници за нејзините саможиви родители при посакуваниот мираз што се мери во годината на раѓање. Храбриот Амир за да добие што поскоро поголема сума пари се втурнува во нелегален бизнис со локалните рибари, кои секојдневно шверцуваат кавијар, а вклучен е и неговиот цимер Омид, па затоа нивните животи се изложени на разнолични опасности, кои може да бидат и по цена на нивните животи во разбрануваното море.
Во денешен Иран не е ни приближно нова аксиомската формула да се изгради хармонична фамилијарна заедница, а започнатото љубовно танго го играат зад затворени врати. Од друга страна, навидум на „наивната“ Наргес ѝ проработува импулсот за (прет)чувство во манирот како најдобар агент, забележувајќи ја видната промена при однесување на Амар, кој извонредно го интерпретира Хамид Реза Абаси. Од друга страна, се прашуваме дали почетните сцени на пливање ја навестуваа неговата идна „професија“.


При изборот на директор на фотографија не можеше да се избере подобар кога станува збор за докажаниот волшебник на камерата, Ашкан Ашкани, а го паметиме по соработката со Мохамед Расулоф од филмот „Тука нема зло“. Ашкани одговара на филмската прогноза со соодветни слики во боја кога станува збор за претставата на бурата кога користи слабо светло проголтано во морето, марамите што ги носи на глава Наргес се претставени во живи нијанси на бордо и куркума. Тоа се бои на знаковно топли тонови што се пробиваат низ темнината, а се одлика само на високата хиерархија на богаташи. Како што полека почнува да се одмотува клопчето на вистината така Наргес навлегува сѐ повеќе и повеќе во дувлото предводено од корумпираните босови во чии редови армиски број има и нејзиниот свршеник. На тоа сме сведоци во сцената кога при поставените прашања таа чека вистински одговор за неговата професија, а тој упорно тврди дека заработката е стекната на чесен начин без никакви ескалации. Цимерот, пак, не можејќи да се соочи со неподносливата мрша на провинцијалскиот менталитет, кој надвиснал во неговото место, со помош на Амар една вечер се обидува да го префрли со чамец својот пријател до одредената дестинација, но, за жал, разбрануваниот дух на Посејдон го проголтува во својата челуст. Обесхрабрен и разоружан од поривот на ентузијазмот, а најмногу разочаран од загубената љубов од Наргес, следниот ден во раните утрински часови гледа кон веќе смиреното море; и се прашуваме гласно или речиси шепотиме дали тоа е неговиот поздрав кон новиот бран или бранот за следните животни одисеи што го очекуваат. Во извонредна паралелна монтажа се претставени неговите дамнешни хармонични времиња кога греел пламенот на љубовта спрема Наргес, докажувајќи ја умешноста на извонреден пливач пред неа и потоа доскорешното „нуркање“, но во валканите пари. Сепак некако успева да најде прометејска храброст за да се поздрави со мајка си, која ја толкува одличната Пантеа Панахиха (според мене, најдобар перформанс во филмот). Одлучен остава сѐ зад себе и во финалната сцена отпловува низ морските широчини со замисла да се надеваме овој пат за поуспешна (животна) цел.