Црква „Рождество на Пресвета Богородица“ во почетокот на 20 век

Доколку внимателно се проследат процесите во 19 век, може да се заклучи дека економското издигнување на христијаните влијаело за појавата на црковно-училишната борба, но во почетокот тие стремежи не биле национални, туку културни. Македонската преродба започнува со обнова и проширување на старите цркви, како и изградба на нови цркви. Втората етапа се карактеризира со училишта и национални стремежи, како што е барањето за воведување на мајчиниот јазик или печатење книги на македонски народен говор

Знаменитостите на Македонија

Во времето на управувањето на Хамзи-паша (Хавзи), долгогодишен валија на големиот Скопски санџак, дошло до економско издигнување на Скопје, како и до развој на занаетчиството и трговијата. Споменатиот паша ги покровителствувал христијаните, оттука во негово време христијанското словенско население бројно се зголемило и збогатило. Според Васил К’нчов, бугарски етнограф, побогатите селани се населувале во Скопје затоа што наоѓале сигурност за својот живот и имот. Во тој период дошло и до смирување на состојбите во Србија, кои им овозможиле на скопските трговци преку Србија да ги пласираат своите производи на виенскиот пазар. Меѓу македонското христијанско население се издигнале неколку семејни рода, кои станале предводници на црковно-училишните борби, како и манифестација на македонските културни особености во Скопје, како што се богатите скопски фамилии на хаџи Трајко Хаџи Дојчинов, Крсте Ипекџија, браќата Хаџи К. Попови, Зафир Малев, хаџи Косте Х. Стефчев и др.

Изградба на црквата „Света Богородица“

Историските извори посочуваат дека во есента 1833 година пристигнал патријаршискиот митрополит Гаврил во Скопје. Во тој период во Скопје имало две стари цркви „Св. Димитрија“ и „Св. Спас“ кои биле многу мали. Скопскиот првенец хаџи Трајко подарил пространо место на левиот брег на Вардар за изградба на нова црква. Во 1834 година христијаните добиле дозвола за изградба на нивата црква.
И покрај негодувањата на муслиманите, изградбата на црквата започнала во 1834 години, а завршила во 1835 година. На 1 мај 1835 година, новата црква била свечено осветена и наречена „Св. Богородица“. Оваа црква била широка и висока, со делкан камен, покриена со мермер, со мермерен иконостас и скапи икони. Црквата „Св. Богородица“ била единствена во цела Македонија и пошироко, немало црква што била еднаква на нејзината убавина.
„Св. Богородица“ била најбогата скопска црква, поседувала шест куќи во разни улици, седум кафеани и меани, 17 дуќани, три пекарници, три плаца и др. Најголемиот дел од овој имот бил завештание на скопските христијани.

Нова македонска генерација

Малку подоцна, во периодот помеѓу 1835 и 1840 година, се појавиле помлади сили што биле незадоволни од хаџи Трајко. Тие сакале да го отстранат грчкиот митрополит и на негово место да постават домашно лице. На чело на новото движење застанале двајцата браќа хаџи Георги и хаџи Христо Поповичи (Попови). Тие биле големи трговци, работеле со Виена и со Сараево и на панаѓурите сретнувале други трговци. Во Скопје се формирале две групации, едната постара на чело со хаџи Трајко и другата помлада на чело со браќата Попови. Хаџи Трајко околу себе имал неколку души од постарите чорбаџии.
Според Васил К’нчов, приврзаниците на хаџи Трајко го советувале да се работи полека и да не се започнува отворена борба со Цариградската патријаршија, да не се настапува против владиката затоа што не бил лош човек. Но искажувањето на Васил К’нчов не е точно. Хаџи Трајко и неговите сомисленици акцентот го ставале врз христијанско-културната преродба, односно обнова и проширување на старите цркви, подигање нови цркви, наоѓање учители и сл. Тие не ни помислувале да се бунат против Цариградската патријаршија и нејзиниот претставник во Скопје.
Антим, првиот грчки митрополит во Скопје, пристигнал во 1772 година. По неговото назначување во Скопје во единствената црква „Св. Димитрија“ започнало да се врши богослужба на грчки и црковнословенски јазик, грчки на десната, а словенски на левата страна од црквата. Овој обичај потоа се пренел и во црквата „Св. Спас“, која била обновена во 1820 година, а потоа и во црквата „Св. Богородица“, која била изградена во 1835 година. Таа состојба траела до 1854 година. Во 1828 година словенското христијанско население се побунило против грчкиот митрополит и редот во скопските цркви. Во 1861 година, Цариградската патријаршија под притисок на скопското христијанско население му предложила на скопскиот митрополит Јоаким да попушти за прашањето за словенската и грчката служба. Оттогаш во црквата „Св. Богородица“ богослужбата се извршувала на црковнословенски јазик, а мешана служба само во присуство на митрополитот Јоаким.
Во 1840/1841 година, Хавзи-паша бил испратен во Цариград, а со него бил заточен и хаџи Трајко. Со заминувањето на хаџи Трајко од преродбеничката сцена, завршила првата етапа од преродбата и започнала нова. Според Васил К’нчов, првата етапа главно се состоела од барања за домашен владика во епархијата и противдејство на стремежите на патријаршијата за воведување на грчкиот јазик во црквите. Но ни оваа констатација на бугарскиот етнограф не е точна. Првата етапа се одликува со обнова и проширување на старите цркви, издигнување на христијанските првенци и засилување на еснафите, а втората фаза започнува со браќата Попови и барањата за домашен владика и црковнословенски јазик во скопските цркви.
Хаџи Георги Попов, постариот од двајцата браќа, му ја препуштил трговијата на хаџи Христо и целосно се посветил на народните работи. Главната цел на хаџи Георги од самиот почеток била да се постави личност од словенско потекло за митрополит во Скопје. Меѓутоа не успеал во тоа. Цариградската патријаршија не дозволувала и поставила митрополит од грчко потекло. За нов владика бил назначен Јоаким, кој владичествувал во Скопје во периодот 1842-1868 год. Хаџи Георги во свои раце ги држел црковно-училишните и другите градски работи. Епитропите и градските мухтари биле негови луѓе, а на негова страна биле христијанските еснафи, кои ја составувале вистинската сила на христијаните во Скопје. Околу хаџи Георги се групирале повидните младинци.

Училишта на македонски народен говор

Силвана Сидоровска-Чуповска во својата книга „Просветно-културните прилики во Македонија во 19 век“ вели дека до 30-тите години на 19 век, до појавата на првите световни училишта, просветата била раководена токму од ситните трговци и занаетчии. Тие се грижеле за отворање нови училишта, за книги, учители, како и за нивна издршка, посочува Сидоровска-Чуповска.
Такви биле состојбите и во Скопје, кога по иницијатива на хаџи Георги било изградено ново училиште во дворот на црквата „Св. Богородица“. Скопските првенци обезбедиле основен капитал од 30.000 гроша за потребите на училиштето, парите биле внесени од четворица граѓани: браќата Попови, Хаџи Кочови и Зафир Малев дале по 5.000 гроша, а Костадин Икономов вложил 15.000 гроша и му ја подарил на училиштето својата библиотека, која се состоела од 500 книги. Со овие финансиски средства и со приходите од црквата, скопското училиште било обезбедено за долги години.
Во почетокот на 30-тите години на 19 век во рамките на грчкото училиште во Скопје се изведувала настава на македонски народен говор. Грчките митрополити со себе во Скопје носеле учители, меѓутоа првите познати учители во овој град не биле од грчко потекло, тие биле Димитрија Кратовалијата Ѓорѓиев и Никола Крушовалијата. Овие учители ги учеле децата на грчки и македонски јазик. Во 1835 година за главен учител бил назначен хилендарскиот монах Павле Павлентиј со потекло од Хрватска и затоа бил познат и како Хорват. Монахот Павле го одвоил словенското од грчкото училиште, а подоцна успеал да отвори уште две училишта, кои биле издржувани од црковната каса. Ами Буе истакнува дека при неговата посета во Скопје постоеле три словенски училишта и во нив се изучувале историја, географија и филозофија.
Во 1848 година за учител во Скопје бил поставен Јордан Хаџи Костадин-Џинот, со годишна плата од 5.000 гроша. Џинот бил учител, агитатор, проповедник и писател. Обиколил многу македонски градови. Собирал стари натписи и паметници, проповедал против грчките владици. Џинот бил роден во Велес, во овој град при даскалот Митре го изучувал црковнословенскиот јазик, а во Солун го изучувал грчкиот јазик. Според Васил К’нчов, во Скопје околу Џинот се формирал круг на најбудни христијани и секоја вечер неговата куќа била полна со посетители, пред нив Џинот ги раскажувал своите теории за Старите Словени, со кои Александар Македонски го покорил целиот свет. Според Џинот, Словените го населувале Балканскиот Полуостров уште пред 2.000 години. Д.Ст.