Домовите, пицериите, италијанските ресторани и другите бизниси кои служат како параван за италијанската мафија Н’дрангета, беа цели на полициската операција „Полино“ која денеска беше координирана низ повеќе европски држави и низ Латинска Америка.
Во акцијата беа уапсени околу 90 лица, осомничени за тешки престапи, вклучувајќи криминален заговор за меѓународна трговија со дрога, членство во мафијашка организација и нелегален бизнис со рециклирање на отпад, стои во соопштение на италијанската полиција.
Н’дрангета е единствената мафијашка организација која е присутна на сите континенти: Во Западна Европа, во Северна, Централна и Јужна Америка и во Африка. Сега таа навлегува и во Источна Европа и во Азија, соопшти неодамна Никола Гратери, судија чија специјалност е борба против мафијата.
– Каде што се парите и моќта, таму е и Н’дрангета. Не се ниту лево, ниту десно, кога во прашање е политиката. Борбата против мафијата ќе биде тешка, се додека Европа не е уверена во нејзиното присуство во нејзините држави. Тие продаваат кокаин, а заработените пари ги користат да купуваат бизниси. Но, внимавајте, тоа денеска може да се однесува на пицерии и кафулиња, а утре може да значи и поседување акции во телевизиски станици или весници, за стекнување влијание во јавното мислење – истакна Гратери.
Според полицијата, главните членови на организираната криминална организација во Калабрија и нејзините ограноци во Европа и Латинска Америка, дејствувале најмногу во регионот на Реџо ди Калабрија во јужна Италија. Операцијата ја координираше италијанската национална дирекција за борба против мафија и тероризам со германски, белгиски и холандски полициски и судски власти.