Поединци во правосудството продолжуваат да го компромитираат македонскиот правосуден систем и пред домашната и пред меѓународната јавност
Нарушената функционалност и независност на македонскиот правосуден систем, што резултира со низок степен на квалитет и недоверба на граѓаните во институциите на правосудниот систем, се позната и децидна констатација, и тоа не само кај граѓаните на Македонија. Тоа е исто така јасна констатација и во извештаите на ЕУ, а за волја на вистината, тоа е педантна констатација наведена и во документите издадени од самото Министерство за правда (Стратегија за реформа на правосудниот систем за периодот 2017-2022 со акциски план). Трагично е што во временската рамка од споменатиот документ, не само што не се направи никаков исчекор на подобро туку уште полошо: се уназади и се компромитира правосудниот систем! Не се поправија идентификуваните недостатоци и не се презедоа конкретни мерки за создавање независно, непристрасно, ефикасно, квалитетно и транспарентно правосудство што ќе ги штити поединечните права и слободи на граѓаните, како и за истовремена заштита на јавниот интерес, туку се дозволи правосудството да потоне уште повеќе, кое беше ставено во функција на извршната власт. Сега судскиот столб на власта е толку еродиран, што бара масивни длабоки и широки реформи што не можат да се направат прекуноќ, туку систематски и континуирано за да се изгради здрав систем.
Време за робусна акција!
– Унапредувањето на судскиот систем и неговото функционирање претставуваат клучна претпоставка за развитокот на Република Македонија како демократска правна држава. Изградбата на систем на самостојно, независно и непристрасно судство и на институции што гравитираат кон остварувањето на неговата функција на ефективно, квалитетно и правично правораздавање е средиштен постулат на начелото на владеење на правото и на хуманиот и одржлив развој на македонското општество како заедница заснована врз правото легитимирано со уважувањето на највисоките општоцивилизациски вредности – велат нашите соговорници.
Но она што се наследи низ годиниве во институциите на правосудството зборува сосема спротивно, вклучувајќи и за поведението на поединци во судско-обвинителската каста, кои останаа закоравени во коруптивно, пристрасно и селективно правораздавање. Во врска со ова, аналитичарот Љуљзим Фаризи, отворено и во повеќе наврати ќе констатира дека во правосудството мора радикално да се променат нештата.
– Мора радикално да се променат нештата. Советот на јавни обвинители и Советот на судии треба да се реорганизираат тотално! Процедурата да се почитува, полицијата да поведе акт, обвинителот да поведе постапка, а судиите да пресудат. За шест месеци не може да очекуваме промени, но за година или две, може да очекуваме резултати – изјави аналитичарот Љуљзим Фаризи.
Премиерот деновиве решително и повторно реагираше, предизвикан од уште еден јасен сигнал дека реформите во правосудството треба да земат уште поголем залет. Имено, тој јасно упати порака и став во јавноста во врска со најавата на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, за евентуално ново продолжување на мандатот за наредните шест месеци.
– Време е за робусна акција зошто само така земјата може и мора да им се спротивстави на криминалот и корупцијата – изјави македонскиот премиер, додавајќи дека „доволно време бевме толерантни на ваквите игри и крајно време е за преземање нови чекори бидејќи сѐ додека земјата има такви судии и обвинители корупцијата нема да се искорени“.
– Сè додека тие луѓе се присутни во судството и во обвинителството ние, за жал, не можеме да одиме чекор напред во борбата со корупцијата и со сенките од минатото, кои се дел од тоа политичко мочуриште, кое ги зароби судството и обвинителството – изјави премиерот Христијан Мицкоски, во истата пригода и по гореспоменатиот повод.
– На секоја седница на Владата читаме ревизорски извештаи, а јас прашувам директно кај ревизорот дали има основи за кривични дела и дали е тоа доставено до Обвинителството? И секогаш го добивам истиот одговор: „Да, доставено е“! Значи, досега имаме стотици доставени случаи до Јавното обвинителство. Јас сум жестоко разочаран од ова што се случува денеска, но верувајте дека нема да бидам уште долго. Ќе влеземе во една робусна акција и ако треба со тие корумпирани судии и обвинители ќе се справиме на поинаков начин – рече Мицкоски.
Епицентар на неправото: Судскиот совет со заклучок го прекршува Законот за Судски совет!?
Според информациите од соработниците што пристигнаа во редакцијата, неделава во седиштето на Судскиот совет се одржал работен колегиум, но тој бил затворен за јавноста. На колегиумот се отворила расправа за продолжување на мандатот на претседателката на Републичкиот судски совет (РСС). Имено, членката на РСС, Весна Дамева, на 5 декември 2022 година била избрана за претседателка на Судскиот совет, а мандатот ѝ завршува на 5 декември годинава. Но експертите издвојуваат дека чинот на расправата и заклучокот по оваа основа се – противзаконски. Имено, членот 8 став (5) од Законот за Суски совет гласи дека „мандатот на претседателот на Советот и на заменик-претседателот на Советот траат две години без право на повторен избор“. Оттаму е констатацијата на соговорниците дека Судскиот совет со заклучок сака да менува законска норма! Според извори од РСС, со девет гласа „за“ бил усвоен ваков незаконски заклучок на затворениот колегиум во РСС на 25 ноември, но сѐ уште нема записник од седницата.
Соговорниците ни обрнуваат внимание дека ова е уште еден еклатантен пример, кој се одвива пред очите на целата домашна и меѓународна јавност, дека сѐ уште постојат јасни примери на тоталната ерозија на правосудниот систем.
– Токму ова, меѓу другите мноштво сигнали, треба да биде сигнал дека реформите во правосудството треба експлозивно да започнат и во континуитет да земаат уште поголем залет – велат нашите соговорници од правосудната фела. Н.М.