Брошурата ги подготвува шведските граѓани за евентуална вонредна состојба / Фото: ЕПА

Милиони луѓе во Шведска, Норвешка и во Финска деновиве добија упатства за кризни ситуации, вклучувајќи и воени сценарија, во брошури што беа ажурирани за да ја одразуваат „актуелната безбедносна ситуација“. Шведска дистрибуира и печатени копии од брошурата „Ако дојде кризата или војната“, напишана уште за време на Втората светска војна, сега адаптирана и надградена, која ги подготвува граѓаните за евентуална вонредна состојба (природна непогода или можност за војна и го нагласува отпорот во случај на напад). Пораката „никогаш нема да се откажеме“ е истакната во новата верзија на брошурата. Факт е дека Шведска редовно и одговорно ги информира своите граѓани и дека вакви брошури има периодично, но овој пат повеќе интригира моментот на дистрибуирањето на брошурата со инструкции отколку содржината

Увид во брошурата „Ако дојде кризата или војната“ дистрибуирана деновиве до жителите на скандинавската држава Шведска

Влегувањето на Шведска и Финска во НАТО во последните две години дополнително ја нагласи нивната промена во безбедносните политики. Шведскиот министерот за цивилна одбрана Карл-Оскар Болин, во текот на годинава предупреди дека „може да има војна во Шведска“, повикувајќи на забрзување на подготовките за „тотална одбрана“.
Редакцијата на „Нова Македонија“ изрази интерес, во името на читателите, кои го насочија своето внимание кон тоа „какви се тие брошури и дистрибуирани писмени инструкции во скандинавските земји што предвидуваат планирања, постапки, мерки и активности на граѓаните во случај на сценарија на вонредни состојби предизвикани од различни причинители (природни непогоди, па и војна)?“ Во македонската јавност, овие информации внесоа одредена вознемиреност, со елементи на воена психоза, тргнувајќи од фактот дека скандинавските земји се мошне прецизни и педантни кон своите граѓани и се пример за тоа како функционираат одговорни институции и одговорни носители на јавни функции.
Затоа, преку соработниците на „Нова Македонија“ што живеат и работат во Шведска дојдовме до оригиналниот примерок на брошурата дистрибуирана од шведската влада. Побаравме мислење и од шведските граѓани, но споделивме и наше мислење за формата и содржината на брошурата и за тоа каква цел има истата таа. Во тој контекст, направивме и повеќе контакти со нашите надлежни служби за состојбите во нашата држава по таа основа, за што ќе пишуваме во еден од наредните броеви.
Враќајќи се на тежишната тема во денешниот напис, во продолжение ги презентираме содржините на шведската брошура, при што даваме детално објаснување за нејзината содржина, со цел на македонската јавност да ѝ се прикаже како скандинавската држава се фаќа во костец со низа актуелни безбедносни предизвици, организирајќи го целокупното општество за да биде подготвено за сеопфатен колективен одговор на потенцијалните закани и непогоди.

Нагласена важноста на заедницата и на меѓусебната соработка

– Новото ажурирање на брошурата „Ако дојде кризата или војната“ треба да даде важни информации за подготовка и управување со вонредни ситуации. Брошурата опфаќа теми како што се складирање вода, резерви на храна, прва помош и стратегии за комуникација во кризи. Летокот ја нагласува важноста на заедницата и соработката, а дава и практични совети како да се организира соседството за да се обезбеди безбедност за сите. Новата верзија на упатството е ажурирана со современи примери и препораки за да ги одрази денешното општество и неговите уникатни предизвици. Одговорна држава со организирано општество ги информира своите граѓани со навремени и корисни ажурирани информации – објаснува нашиот соговорник.
Тој додава дека документот од Шведската агенција за заштита и подготвеност на заедницата (МСБ) дава конкретни совети како да се подготвите и за криза и за војна и како да се дејствувате доколку се случи нешто сериозно.
– Важно е да се биде подготвен за различни видови кризи, не само за природни катастрофи или технички дефекти, со оглед на променливата безбедносна ситуација во светот – посочува Македонецот што многу години живее во скандинавската држава.

Нов поконкретен и појасен документ што опфаќа повеќе области

Новиот леток опфаќа повеќе области во однос на претходниот од 2018 година и има поголем фокус на нашата подготвеност за војна, како што истакнува нашиот соговорник. Тој посочува дека новата брошура е поконкретна и појасна од старата, па што вклучува и листи за проверка во различни ситуации. Се очекува со нејзина помош поединците да можат да се снајдат во текот на една недела, при најразлични кризни ситуации.
– Со тоа што сте подготвени, можете да им помогнете на другите. Ниту има паника ниту вознемиреност, напротив – се вели во брошурата.

Швеѓаните ја сметаат подготвеноста за справување со кризи за заедничка одговорност на општеството.
– Дека подготвеноста за кризи е сечија одговорност е нешто што сакате да го нагласите. Целосната одбрана е за целото општество и потребна е заедничка одговорност – вели Ема Јохансон, менаџерка за безбедност на енергетските компании.


Финска дава онлајн упатство, Норвешка совети за „издржување“ една недела

Финска објави слични упатства на интернет, избегнувајќи печатење брошури од економски причини. Покрај опрема за кризни ситуации, финските водичи ја покриваат и реакцијата на властите во случај на воен конфликт. Финска, која дели долга граница со Русија и има историја на конфликт со поранешниот Советски Сојуз, со децении одржува високо ниво на одбрана.
Норвешка отпечати и дистрибуира 2,2 милиони брошури, давајќи совети и водич за период од една недела. Списокот на препораки вклучува складирање храна и лекови, па дури и храна за домашни миленици. Р.С.