Наместо прегледите на судиските одлуки да бидат надгледувани и контролирани само од службено лице што дејствува како видеопомошник-судија (ВАР), системот фудбалска видеоподдршка (ФВП) им дава можност на тренерите да побараат до две проверки по меч ако почувствуваат дека е направена грешка. ФВП, кој се користеше на СП годинава за фудбалерки до 20 и до 17 години, беше одобрен за тестирање од ИФАБ во март, а ФИФА сега сака да го прошири и на други натпреварувања
ФУДБАЛ
Светската фудбалска федерација (ФИФА) се надева дека ќе добие дозвола од Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ) да продолжи со тестирањата на системот фудбалска видеоподдршка (ФВП), алтернатива на системот видеопомошник-судија (ВАР), кој им дава шанса на тренерите да ги оспоруваат одлуките на судиите, пишува ЕСПН. ФВП, кој се користеше на светските првенства (СП) годинава за фудбалерки до 20 и до 17 години, беше одобрен за тестирање од ИФАБ во март, а ФИФА сега сака да го прошири и на други натпреварувања.
Наместо прегледите на судиски одлуки да бидат надгледувани и контролирани само од службено лице што дејствува како видеопомошник-судија, ФВП им дава можност на тренерите да побараат до две проверки по натпревар доколку почувствуваат дека е направена грешка.
– Ние сме на почетокот на тестирањата и искуствата од светските првенства за фудбалерки ќе бидат внимателно анализирани, но досега не забележавме ништо неочекувано. Како што е договорено, ФИФА ќе претстави извештај на следниот состанок на ИФАБ и ќе побара да продолжи тестирањето на поширока основа. Неколку земји членки на ФИФА веќе покажаа интерес да учествуваат во тестирањето. Ако ИФАБ даде дозвола, в година ќе има неколку натпреварувања што ќе користат ФВП – рече за ЕСПН Пјерлуиџи Колина, претседател на Комитетот за судии на ФИФА.
Во моментов, овој систем е наменет само за употреба во првенства со помалку ресурси, идеално со не повеќе од четири камери, пишува ЕСПН.
– Да се појасни дека ФВП не е ВАР, особено во однос на очекувањата. Поради ограничениот број камери, ФВП нема да може да го покаже тоа што може да покаже ВАР. Офсајдот е пример. Без правилно поставени камери, може да се забележи само чист офсајд. Ова ја прави важна и одлуката на теренот. ФВП е дизајниран да работи со ограничена поставеност на камери, идеално до четири-пет. Со повеќе камери, процесот на проверка на целата снимка и достапните агли може да стане многу долг, бидејќи, и различно од ВАР, нема никакви официјални лица за видео на натпреварот, кои ги избираат тие клипови за да ги види судијата – рече Колина.
Со ФВП тренерот ја оспорува одлуката и судијата потоа оди на страната на теренот за да види повторување на ситуацијата. За разлика од ВАР, постои само оператор за повторување што го пушта видеото. Тогаш сам судијата на натпреварот ја проценува сопствената одлука и не му е однапред кажано дека направил јасна и очигледна грешка, пишува ЕСПН.
– Иако СП за фудбалерки до 20 и до 17 години беше прво искуство за тимовите и за официјалните лица на натпреварите, сметаме дека исходот беше многу позитивен. Се погриживме тие да бидат добро информирани однапред и направивме анкета со тренерите по турнирот, која покажа дека ФВП е позитивно примен и се смета за вреден да се користи во иднина. Додека ВАР се користи во околу 200 натпреварувања низ светот, многу други не можат да го имплементираат поради ограничените финансиски и човечки ресурси на располагање. ВАР и ФВП се различни решенија за различни потреби – изјави Колина.
Тој рече дека системот фудбалска видеоподдршка ја става одговорноста исклучиво на тренерите, а судиите сами нема да прават преглед на ситуациите.
– Тренерите имаат ограничен број барања за преглед, по две по натпревар, и ги губат кога не се успешни – вели Колина. Н.М.