Апсењето на Небојша Медојевиќ дополнително ги радикализира политичките состојби во Црна Гора
Апсењето на пратеникот на опозициската партија Демократски фронт, Небојша Медојевиќ, ја потресува кревката политичка состојба во Црна Гора, а главната јавна дебата се води за тоа дали полицијата има право да приведува пратеници, кои со Уставот се заштитени со имунитет. Пратеникот Медојевиќ беше уапсен и спроведен во притвор, затоа што со месеци одбиваше да сведочи во предметот што е формиран врз основа на негова изјава дека специјалниот државен обвинител примил мито. Истата судбина го чека и неговиот партиски колега Милан Кнежевиќ, кој од четвртокот вечер не излегува од собраниската зграда на Црна Гора.
Полициски екипи беа поставени пред зградата на парламентот, додека пратениците ја завршуваа маратонската седница, но никој не ни претпоставуваше дека тие го чекаат пратеникот Медојевиќ, кој по полноќ тргнал да си оди дома, а со него биле и други пратеници, пишува „Дојче веле“.
Според Уставот на Црна Гора, пратениците имаат имунитет за изнесено мислење, освен ако Собранието не им го укине тоа право, а дотогаш тој не може кривично да одговара, вели правникот и политички аналитичар Борис Мариќ.
Но тој во изјава за ДВ ја отвора правната дилема затоа што во овој случај станува збор за условен притвор заради потребата на давање исказ.
– Овде сме сите еднакви, а нормата за имунитет на овој дел не постои. Од овој аспект, правосудството проценува дека има право да го обезбеди присуството на секој сведок. Тоа може да го прави на доброволна основа, со парично казнување или со одредување притвор до два месеца. Но државата би можела да го примени и правниот принцип „кој може повеќе, може и помалку“. Во превод, ова би значело притворањето на пратеникот не е примерено од општествен и политички агол и од безбедносен аспект – објаснува Мариќ.
Политичкиот новинар на дневниот весник „Вијести“, Самир Кајошевиќ, смета дека апсењето на Небојша Медојевиќ дополнително ги радикализира политичките состојби во Црна Гора и со тоа се ставаат во втор план важните политички теми, како што се подготовките за условите за одржување на следните избори.
– Подигнувањето на тензиите им одговара и на двете страни. Со ова, ДФ ќе се врати во центарот на политичките случувања. Практиката покажала дека нивните челници најдобро се снаоѓаат во радикални состојби. Граѓанската опозиција ќе биде ставена во сенка или ќе биде принудена да им се приклучи. Власта ќе го искористи ова да го сврти вниманието од општествените и економските проблеми – заклучува Кајошевиќ.
Медојевиќ во февруари годинава преку својот профил на Фејсбук го обвини специјалниот државен обвинител Миливој Катниќ дека земал пари од поранешниот градоначалник на Подгорица Миомир Мугоша, за да не му се одреди притвор. Медојевиќ имаше многу јавни изјави со кои го обвини Катниќ за незаконски работи.