Илустрација: „Нова Македонија“

Победата на Трамп е историска, бидејќи тој е единствен претседател што двапати бил отповикан и прв поранешен претседател што бил кривично осуден. Трамп исто така ќе стане прв претседател што освоил непоследователни мандати во период подолг од еден век и најстар претседателски кандидат што воопшто бил избран. Згора, Трамп беше цел на два обида за атентат во текот на изборната кампања

Доналд Трамп е новиот, четириесет и седми американски претседател

Доналд Трамп (78) и неговиот тим ја потврдија победата на претседателските избори во САД. Неговата победа е неверојатно политичко враќање, четири години откако ја напушти Белата куќа. Изборната победа на Трамп стана официјална откако тој ја освои сојузната држава Висконсин, со што доби 10 електорски гласа, односно стигна до вкупно 277. За победа на претседателските избори му беа потребни најмалку 270 електорски гласа.

Новиот претседател најави „златна доба на Америка“

– Америка ни даде невиден и моќен мандат. Ова е движење какво што никој досега не видел. Верувам дека ова е најголемото политичко движење на сите времиња. Никогаш немало вакво нешто во оваа земја и сега ќе достигне ново ниво на важност, бидејќи ние ќе ѝ помогнеме на нашата земја да заздрави. Ќе ги поправиме нашите граници. Ќе поправиме сè за нашата земја… Нема да мирувам додека не ја испорачаме силната, безбедна и просперитетна Америка каква што заслужуваат нашите деца. Ова навистина ќе биде златна доба на Америка – рече Трамп, опкружен со неговиот потпретседателски кандидат, сенаторот Џеј Ди Венс, републиканските лидери и членовите на неговото семејство, пред голем број поддржувачи во конгресниот центар во округот Палм Бич.
Тој му се заблагодари на американскиот народ за „извонредната чест да биде избран за 47. претседател и 45. претседател“. Трамп, исто така, упати пофалби кон најбогатиот човек на светот Илон Маск, кој вложи околу 120 милиони долари за поддршка на неговата кампања. Новиот американски претседател рече дека ќе го назначи Маск да раководи со владината комисија за ефикасност.
Светските медиуми го коментираат триумфот на Трамп како извонреден политички пресврт, откако многумина сметаа дека неговата политичка кариера е завршена по упадот на неговите приврзаници во американскиот Конгрес во 2021 година.
Победата на Трамп е историска, бидејќи тој е единствен претседател што двапати бил отповикан и прв поранешен претседател што бил кривично осуден. Трамп исто така ќе стане прв претседател што освоил непоследователни мандати во период подолг од еден век, по изборната победа во 2016 година, и најстар претседателски кандидат што воопшто бил избран. Згора, Трамп беше цел на два обида за атентат во текот на изборната кампања, при што доби повреда на десното уво откако беше застрелан на митинг во Батлер, во сојузната држава Пенсилванија во јули. Тој по изборната победа нагласи дека „Бог го поштедил со причина“, зборувајќи за обидите за атентат врз него.

Ги надмина резултатите од 2020 година

Предвидувањата во пресрет на гласањето посочуваа дека претседателската трка ќе биде неверојатно изедначена, но Трамп забележа подобри резултати во однос на изборите од 2020 година, речиси насекаде – од руралните области до урбаните центри.
Трамп доби поголема поддршка од Хиспанците, традиционално демократски гласачи, и од домаќинствата со пониски приходи, кои силно го почувствуваа ударот од поскапувањата од последните претседателски избори во 2020 година, според излезните анкети од „Едисон“.
Околу 31 отсто од гласачите рекоа дека економијата е главна тема за нив и тие гласаа за Трамп со разлика од 79 наспроти 20 отсто, според излезните анкети. Околу 45 отсто од гласачите низ земјата рекоа дека финансиската состојба на нивното семејство е полоша денес отколку пред четири години и тие го фаворизираат Трамп со 80 спрема 17 отсто.
Харис, пак, не се обрати до своите поддржувачи, кои се собраа на Универзитетот „Хауард“ во Вашингтон. Р.С.


Светските лидери се огласија по повод изборот на новиот американски претседател

Први честитаа оние што најмногу страхуваа од победата на Трамп

  • Меѓу првите што упатија честитки за победата на Трамп се лидерите на Европската Унија и на НАТО, кои во пресрет на изборите во САД најмногу страхуваа од неговата победа, па дури и јавно се противеа на изборот на Трамп.
    Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, нагласи дека ЕУ и САД се „повеќе од обични сојузници“.
    – ЕУ и САД се повеќе од обични сојузници. Ние сме обврзани со партнерството на нашите народи, кои сочинуваат 800 милиони граѓани. Ајде да работиме заедно на силна трансатлантска агенда што ќе работи за нив – честиташе Фон дер Лајен на Икс.
    Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека Трамп кога ќе ја преземе функцијата, ќе биде пречекан од „посилна, поширока и поуникатна Алијанса“.
    – Неговото лидерство ќе биде клучно за зајакнување на Алијансата. Со нетрпение очекувам повторно да соработувам со него за да го промовираме мирот преку силата на НАТО – напиша Руте.
    Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека верува во продолжувањето на силната поддршка на САД за Украина.
    – Се радуваме на ерата на силни САД под водство на претседателот Трамп. Веруваме во продолжување на силната, двопартиска поддршка за Украина во САД – напиша Зеленски во својата честитка до Доналд Трамп.
    Се редат честитки и од
    европските и од светските
    лидери

    – Честитки до претседателот Доналд Трамп. Подготвен сум да работиме заедно, како што правевме четири години. Со твоите и моите убедувања, со почит и амбиција. За повеќе мир и напредок – напиша францускиот претседател Емануел Макрон.

  • Германскиот канцелар Олаф Шолц порача дека двете земји ќе продолжат да работат заедно за доброто на своите граѓани.
    – Германија и САД долго време успешно работеа заедно за да промовираат просперитет и слобода на двете страни на Атлантикот. Ќе продолжиме да го правиме ова за доброто на нашите граѓани – истакна во својата честитка германскиот канцелар Олаф Шолц.
  • Британскиот премиер Кир Стармер во својата честитка истакна дека односите меѓу Велика Британија и САД ќе продолжат успешно да се развиваат, истакнувајќи дека „со нетрпение очекува соработка со Трамп во наредните години“.
  • Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, во својата честитка напиша дека Италија и САД се „сестрински земји“.
  • Индискиот премиер Нарендра Моди го повика Трамп да „работи заедно за подобрување“ на двете нации и да промовира глобален мир, стабилност и просперитет.
  • Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и унгарскиот премиер Виктор Орбан на сличен начин му честитаа на Трамп за „историското, односно најголемо враќање во историјата“.
  • Вашето историско враќање во Белата куќа нуди нов почеток за Америка и моќна посветеност на големиот сојуз на Израел и Америка. Ова е огромна победа – порача израелскиот премиер во пораката до Трамп.
    Познато е дека унгарскиот премиер Обран има близок однос со новиот американски претседател.
  • Најголемото враќање во политичката историја на САД! Честитки до претседателот Доналд Трамп за огромната победа. Многу потребна победа за светот – изјави Орбан.
    Македонската претседателка со искрени честитки до новиот претседател на САД

Македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова е меѓу светските лидери што му честитаа на Доналд Трамп по повод победата на претседателските избори во САД.
– Срдечни честитки по повод изборот на Доналд Трамп за претседател на Соединетите Американски Држави и многу успех во извршувањето на одговорната функција. Уверена сум дека во периодот што следува нашето стратегиско партнерство ќе биде унапредено и збогатено и дека САД ќе помогнат во исполнувањето на македонските стратегиски цели – се вели во честитката на нашата претседателка. Р.С.


Трамп славеше во сите т.н. изборно колебливи држави, а клучни беа
победите во Пенсилванија и Висконсин

Републиканецот Доналд Трамп ги освои сите седум т.н. колебливи сојузни држави за да победи на претседателските избори во САД. За клучни држави во трката за Белата куќа се сметаа Џорџија, Северна Каролина, Висконсин, Пенсилванија, Невада, Аризона и Мичиген.
– Победивме, покрај колебливите држави, Северна Каролина, Џорџија, Висконсин, Пенсилванија, во Мичиген, Аризона, Невада и во Алјаска – рече Трамп.
Пенсилванија се сметаше за најважна од сите колебливи држави поради бројот на електорски гласови што ги носи – 19, додека со 10-те електорски гласови од Висконсин, Трамп ја осигури победата. Трамп во Пенсилванија освои 50,7 отсто од гласовите, а неговата противкандидатка Камала Харис освои 48,2 отсто од гласовите. Руралните делови на Пенсилванија го поддржаа Трамп, додека жителите на Питсбург и Филаделфија гласаа за Харис.
Колебливите држави, познати и како „свинг држави“ или „бојни полиња“, се оние сојузни држави што можат да се вртат или кон демократските или кон републиканските кандидати во зависност од изборите. Поради потенцијалот кој било кандидат да ги добие, политичките партии често трошат непропорционално време и ресурси во кампањата во овие држави.
Иако не постои универзална дефиниција што ги дефинира т.н. „свинг држави“, тие се карактеризираат со мали разлики во поддршката за републиканците и демократите, со што се смета оти имаат клучна улога во исходот на претседателските избори. Р.С.


Републиканците победија во Сенатот, а во Претставничкиот дом го бранат
тесното мнозинство освоено во 2022 година

Републиканците освоија мнозинство во американскиот Сенат обезбедувајќи контрола врз најмалку еден дом на Конгресот за партијата на новиот претседател Доналд Трамп. Републиканската партија осигури мнозинство од 51-49 во Сенатот, со можни понатамошни придобивки со доаѓањето на резултатите.
Републиканците, исто така, остварија рани придобивки додека се борат да ја задржат контролата врз Претставничкиот дом. Тие освоија 190 места во Претставничкиот дом, а Демократската партија 154, според првичните проекции на „Си-ен-ен“. За победа е потребно да се освојат 218 од вкупно 435 места. Републиканците во Претставничкиот дом го бранат тесното мнозинство освоено во 2022 година. Се проценува дека би можеле да го зголемат мнозинството од 220-212, но конечниот исход можеби нема да биде познат со денови.
Која политичка партија ќе го контролира Домот или Сенатот, ќе биде од клучно значење за новиот претседател за да ја спроведе својата (законодавна) агенда.
Р.С.