Перспективи на американско-европските односи по претседателските избори во САД
- Европејците нестрпливо и со извесна доза загриженост ја чекаат пресудата на американските гласачки кутии, но во излив на достоинство, полскиот премиер Доналд Туск ја повикува ЕУ да ја надмине ерата на „геополитичко подизведување“, односно да ја преземе одговорноста за сопствената безбедност
- Но Европејците се залажуваат ако мислат дека ќе можат да се задоволат со голема воздишка на олеснување доколку победи Камала Харис, објаснува Пјер Хаски. Секако, односот ќе биде поинаков, бидејќи кандидатката на демократите има вистинска лојалност кон сојузите на САД. Но, кој и да победи утре, Европа нема да биде во центарот на американската стратегиска визија, тие денови поминаа
Како и на секои четири години, Европејците нестрпливо ја чекаат пресудата на… американските гласачки кутии! Очигледно постои огромен влог за земјите од Европската Унија, со оглед на острите ставови посветени на Стариот Континент од страна на републиканскиот кандидат Доналд Трамп. Политичкиот коментатор на Француското радио од јавниот сервис Франс Интер, директно на овој начин ги објаснува исчекувањата на Европејците од изборите во САД.
Но Европејците се залажуваат ако мислат дека ќе можат да се задоволат со голема воздишка на олеснување доколку победи Камала Харис, објаснува Пјер Хаски. Секако, односот ќе биде поинаков, бидејќи кандидатката на демократите има вистинска лојалност кон сојузите на САД. Но, кој и да победи утре, Европа нема да биде во центарот на американската стратегиска визија, тие денови поминаа.
Туск го презема факелот на европскиот суверенитет
Еден од највлијателните европски лидери, полскиот премиер Доналд Туск, изминатиот викенд упати важна порака преку Твитер, пишувајќи: „Времето за геополитички подизведувачи заврши“ – реченица што заслужува објаснување, според Франс Интер.
Тоа што го посочува полскиот лидер е дека Европа повеќе не може да си дозволи да ја прави својата безбедност зависна од Соединетите Американски Држави и да се соочува со неизвесност при секои американски претседателски избори.
Полска во моментов е земјата што прави најголеми напори за својата одбрана, со околу четири отсто од БДП, двојно повеќе од, на пример, Франција или Германија. Тоа се објаснува со нејзината историја и географија поврзани со соседна Украина, која моментно е во војна со Русија.
Поранешниот претседател на Европскиот совет, Туск, тука го презема факелот на европскиот суверенитет од Франција и Германија, кои станаа нечујни поради нивните внатрешнополитички превирања.
Тешкотијата е во тоа што иако Европската Унија измина долг пат од грубото будење по избивањето на војната во Украина во февруари 2022 година, таа е далеку од целта и, пред сè, далеку е од обединета кон своите цели.
Ги видовме овие разединувања минатата недела, по победата на изборите во Грузија од страна на проруските сили. Дваесет и седумте земји на ЕУ не успеаја да се договорат за заедничка изјава: само 13 од нив го осудија резултатот од изборите.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, пак, отиде во Тбилиси за да им честита на сојузниците на Москва, во време кога Унгарија го зазема ротирачкото претседателство со Унијата. А Орбан е омилен соговорник на Доналд Трамп во Европа, продолжува понатаму француското радио.
Се чека будењето на Европа
Постои лоша страна на вечното чекање за европска преродба, пред сè поради големите опасност,; оние од војната во Украина, американската несигурност околу поддршката за Украина или ризикот од разединување на континентот, истакнати во извештајот на поранешниот италијански премиер Марио Драги.
Би сакале да веруваме со Доналд Туск дека ерата на „геополитичко подизведување“ е завршена, но американското гласање, каков и да е исходот, прво ги истакнува кревкоста и поделеноста на Европа. Се чека хипотетичко будење на Европа.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур