Фото: Макфакс

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, поднесен од пратениците на СДСМ, со кој, според предлагачот, ќе значат месечна заштеда за граѓаните од 1.200 до 2.000 денари.

– Ние како пратеничка група нема да поддржиме едно вакво законско решение, бидејќи продолжува дневно политичко препукување со економски теми од истите луѓе коишто ја донесоа Македонија во ваква девастирана економска состојба – изјави пратеникот Бојан Стојановски.

Тој потсети дека претходната Влада четирипати одбила такво законско решение.

– Да ја потсетам јавноста, го покачија ДДВ на над 2000 прехранбени производи од 5 на 10 отсто и ни делеа нутриционистички совети дека голем дел од таа прехрана не била здрава, па затоа се покачува данокот. Дополнително, кажа една лага. Апсолутно нема врска со вистината дека потрошувачката кошничка се намалила само за 57 денари. Да ги слушаа синдикатите и да имаа посериозна комуникација со нив, ќе знаеја дека тоа не е вистина, бидејќи цената за храната за 30 дена се намали за 965 денари. Манипулацијата со цената на минималната синдикална кошничка ја прави Венко Филипче, искористувајќи го покачувањето на цената на облеката, којашто воопшто не е во иста кореспонденција за она што нам ни е укажано – рече Стојановски.

Според него, ваквите законски решенија не придонесуваат за зголемување на квалитетот на живот на граѓаните, туку за креирање на дневно политички теми, преку законски решенија полни со технички грешки, коишто потоа се поправаат на наредните прес-конференции, проследени со извинување.

– Веројатно сè уште неосвестениот богаташ од Дубаи, предложува законско решение коешто исто како и претходно предложеното, со низа на грешки. Прво, со промашен процент за минималната плата, едноставно, како што беше напишан не можеше да влезе во собраниска процедура. Сега поднесува законско решение, со коешто, замислете, ќе се намалувало ДДВ на храната – вели Стојановски.

Тој информираше дека Законот за нефер трговски практики веќе е влезен во сила.

– Неделава очекувам да биде комплетиран составот Комисијата за заштита од конкуренција и веднаш да започне со работа, контролирајќи ги договорите коишто се склучени во согласност со тој закон – истакна Стојановски.

Тој го повикува Венко Филипче и пратеничката група на СДСМ, денеска да почнат да го разгледаат Буџетот за 2025 година, којшто треба да влезе во собраниска процедура и да ја закажат собраниската расправа, да не, како што рече, да бегаат од собраниска расправа.

– Да ги видат ставките за покачувањето на пензиите, за покачувањето на платите, за капитални инвестиции. Да дадат амандмани коишто ќе бидат сериозни и коишто ќе може да се поддржат. На тој начин најдобро може да придонесат за подигнување на стандардот на граѓаните. Да ги напуштиме ваквите политички тези коишто немаат врска со реалноста и да се фокусираме на конкретни работи коишто може да го подобрат стандардот на граѓаните – порача Стојановски.