Викендов, на 2 ноември, се организираше традиционално искачување на врвот Кале на планината Јакупица, на кое и годинава учествуваа претставници од „Нова Македонија“. Тоа значеше четврти пат будење во раните студени есенски утра, организирање превоз и возење до Горно Врановци, минување низ шумски предели, прескокнување потоци, искачување карпест терен, соочување со налетите на ветрот… и сето тоа во должина од 21 километар, со времетраење од околу 10 часа и висинска разлика од над 1.500 метри н.в. Навидум малку понапорно планинарско патешествие на кое повеќето сериозни планинари се навикнати, особено оние што често ја посетуваат планината Јакупица во пределот над селото Горно Врановци. Но оваа година со малку повисока цел и значење – одбележување 20 пати поголем јубилеј – 80 години од печатењето на првиот весник на македонски јазик, „Нова Македонија“.
И повторно во деновите пред почетокот на акцијата од страна се поставуваат прашањата зошто баш морате да одите до Кале и зошто не се соберете само во селото Горно Врановци, па да прошетате само до куќата каде што се испечатил првиот број. На овие прашања нема единствен одговор. Секој учесник најверојатно си има и свои лични мотиви. Но од перспективата на годинашните организатори, планинарското друштво „Убава“ како главен организатор и другите планинарски клубови и индивидуалци како помагачи, најважни се две причини.
Првата е преку врвот од 2112 метри н.в. да го доживееме ослободувањето од „угнетувањето“ на секојдневниот градски живот, слично како што и партизаните и агитаторите за печатење на весникот сакале што побрзо да ја почувствуваат слободата преку некоја нова Македонија. Движејќи се кон врвот можеме само да замислиме како ќе изгледа таа слобода за нас, но исто така правиме сѐ што е во наша моќ да се оствари и сѐ да помине во најдобар ред со најмалку тешкотии и „жртви“. Враќајќи се назад кон селото Горно Врановци си го носиме стекнатото искуство заедно со импресиите и се грижиме да ѝ ја оставиме слободата на природата во одлична состојба за да можат да ја восприемаат и следните посетители.


Втората е да се постигне што посоодветно одбележување на значајниот настан од тој октомври 1944 година, пренесувањето на машината за печатење, популарната „бостонка“, преку планинскиот масив на Јакупица, и да се оддаде почит кон голготите низ кои поминувале борците за слобода со тоа што барем малку ќе почувствуваме како се движеле низ стрмните патеки во тешки услови. Но овој пат без непријателски оган, со посовремена опрема за движење по планина и со примероци од јубилејното издание на „Нова Македонија“ во рацете наместо пушки. И, секако, со надеж дека таквите тешки услови нема да се повторат никогаш повеќе.
И по ова четврто традиционално искачување на Кале, за некои од учесниците останува прашањето како борците за слобода избрале дел од оваа патека за да се движат кон и од Горно Врановци. Најверојатно не поради тоа што на патеката видливи обележја се петокраките, некои понови како што се планинарските ознаки, а некои постари како што е природната карпсета вдлабнатина нa излезот на сртот. Посигурно е поради тоа што на таа патека има и шума и камења и вода и плодови и животни како ретко на кое друго место. Партизаните знаеле да го ценат тоа бидејќи овдешната природа им била заштитничка, им давала логистика и засолниште. Затоа, најмалку што можеме да направиме ние, нивните наследници, е да им оддадеме почит со тоа што ќе ја издигнеме свеста кај другите луѓе со борба за заштита на природата, а преку неа и на државата и на јазикот, чиј застапник и ден-денес е 80-годишната „Нова Македонија“.
Да ни е вечна „Нова Македонија“, за многу години да ни е традиционалното искачување на Кале во нејзина чест. В.Г.