Самокритичноста искажана од домашните политички чинители по приемот на извештајот влева надеж дека ќе се работи на брза имплементација на она што го бара Европската комисија од земјава, а тоа отвора перспектива за македонските граѓани конечно да ги видат првите знаци дека состојбите во државата се подобруваат, но и дека зачленувањето во Европската Унија добива некаква временска рамка, која може да се исполни ако постои искрена желба за напредок и просперитет на земјата. Подготвеноста на државата всушност ја прави и посакуван партнер за самата ЕУ
Анализа на извештајот на ЕК – слабости и можности за напредок (2)
Веќе неколку дена „Нова Македонија“ објавува серијал текстови поврзани со заклучоците наведени во најновиот извештај на ЕК за напредокот на Македонија, во кои со анализа на она што е наведено во извештајот и на актуелната состојба ќе се прави рамка (содржинска, временска и просторна) за она што државата реално може да го направи за да го забрза процесот на евроинтеграции. Преку правење паралели меѓу тоа што забележала ЕК и каква е фактичката состојба на терен ќе се констатираат слабостите и предностите во одредени подрачја, но и ќе се предлагаат решенија како да се надминат одредени слабости и да се детерминираат точки на наша конкурентска предност. Она што е важно за Македонија е да покаже проактивност и да тргне во реализација на сето она што се бара од неа во извештајот, пред сѐ да ги реализира потребните реформи, не толку заради ЕУ, туку многу повеќе заради доброто на своите граѓани
Она што јасно беше наведено во Извештајот за напредокот на земјава, објавен од страна на Европската комисија во рамките на „Пакетот за проширување“ за 2024 година, е своевидна мапа што јасно ги покажува состојбите до каде е реално со реформскиот процес, упатувајќи ги македонските власти да ги забрзаат реформите во областите каде што земјата покажува слаби резултати, но и да продолжат со добрата работа таму каде што ЕК го детектирала тоа.
Самокритичноста искажана од домашните политички чинители по приемот на извештајот влева надеж дека ќе се работи на брза имплементација на она што го бара Европската комисија од земјава, а тоа отвора перспектива за македонските граѓани конечно да ги видат првите знаци дека состојбите во државата се подобруваат, но и дека зачленувањето во Европската Унија добива некаква временска рамка, која може да се исполни ако постои искрена желба за напредок и просперитет на земјата. Подготвеноста на државата всушност ја прави и посакуван партнер за самата ЕУ.
Меѓуетничките односи се стабилни
Посебен дел во извештајот е издвоен и за меѓуетничките односи, во кој се нагласува дека тие се стабилни, а земјата доследно го спроведува Охридскиот рамковен договор. Македонија отсекогаш била пример за почитување на правата на сите граѓани, без оглед на етничката припадност. Дотолку повеќе, земјата многу повеќе инвестира во малцинските права и тоа е сериозен позитивен аргумент на нејзина страна, што и ЕК го забележува. Во овој дел слабости нема, проблем е што одредени политички партии ги користат етничките прашања за политички профит. Но по повеќе од 20 години од крајот на воениот конфликт и потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, земјата се наоѓа во фаза кога етничките поделби треба да се тргнат настрана и да се гради општество во кое единствен критериум ќе бидат компетентноста и способноста, без оглед на етничката припадност. Граѓаните, без оглед на етничката припадност, сакаат подобар живот, подобар економски статус и перспектива за своите деца. Таквиот пристап води кон поголема општествена кохезија и го зајакнува унитарниот карактер на државата, наместо обидите на некои политички партии во земјава да стимулираат сегрегација.
ЕК забележува дека Охридскиот рамковен договор се почитува, без оглед што во последно време дел од партиите што се во опозиција обвинуваат за наводно непочитување на договорот. Тоа е уште една потврда дека Македонија ги почитува договорите и е кредибилен партнер.
Реформата на јавната администрација останува проблем што еднаш мора да се реши
Во однос на реформата на јавната администрација, ЕК во извештајот оценува дека земјата останува умерено подготвена и е постигнат ограничен напредок во текот на извештајниот период, особено со усвојувањето на измените на Законот за државна организација, кои донесоа подобрувања преку појаснување на одговорностите, воведувањето процени на влијанието за формирањето нови државни органи и намалување на бројот на примарни буџетски корисници.
Несомнено во овој дел Македонија има слабости и ако сака да заслужи добра реформска оценка, тоа значи да направи длабок реформски рез во администрацијата и да ја приспособи во согласност со потребите на граѓаните. Повеќето експерти го заговараат словенечкиот модел, односно вработувањата во јавната администрација да не се користат како адут на партиите пред секои избори, туку таа да биде мала и професионална во секоја смисла. Дотолку повеќе, во еден подолг период да се запрат вработувањата во администрацијата, местата на оние што заминуваат во пензија да не се пополнуваат, туку тие да се дополнуваат со луѓе што веќе се дел од администрацијата. На тој начин ќе се обезбеди департизација на институциите и нивно слободно функционирање во интерес исклучиво на граѓаните. Проблем е што засега политичките партии немаат намера да се откажат од единствениот адут што го имаат пред секои избори, да ветуваат нови и нови вработувања во администрацијата. ЕК не го одобрува тоа и Македонија конечно треба да почне да учи од позитивните примери, каде што јавната администрација е сведена на минимум, а со тоа и трошоците од буџетот за плати и придонеси се драстично скратени.
Реформа на правосудниот систем – најгорливиот проблем пред кој е исправена Македонија
Во врска со правосудството, во извештајот се констатира дека земјата е „помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка“ за примена на правото на ЕУ и на европските стандарди во оваа област и дека генерално остварила ограничен напредок во зајакнувањето на судската независност и подобрување на правната рамка за заштита на основните права.
Ова се дури и преблаги оценки за земја во која граѓаните имаа едвај два отсто доверба во судството. Ова е областа во која земјата има најлоши резултати и не се наѕира излезот од ваквите состојби. Она што во овој момент може да се направи е да се имплементираат оние 40 препораки дадени од оценската мисија на ЕУ во делот на реформите во судството. Тоа што многу повеќе загрижува е инсталираната длабока политичка мрежа во судството и обвинителството, кои продолжуваат да дејствуваат, односно не дејствуваат, по партиски директиви бидејќи многу од судиите и обвинителите се избрани по партиска линија и дисциплинирано одработуваат за оние што ги поставиле на позиција. Тоа го влече правосудството уште подлабоко во калта, а владеењето на правото, кое е клучно во првиот кластер од преговорите со ЕУ, е на најниското скалило. Тоа ќе биде сериозна пречка за земјава и дополнителна причини за нови вета од страна на некои земји членки.
Во извештајот уште се изразува сериозна загриженост околу најавите за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, бидејќи, според анализите на ЕК, таквите активности ќе ја нарушат независноста на судството, кое одамна не е независно, а во истите тела веќе се инсталирани партиски луѓе. За скандалите во овие две тела македонската јавност е секојдневен сведок, што е уште една јасна потврда дека некои други спреги и врски се вплеткани во овие тела и претставуваат камен околу вратот на македонското правосудство.
Борбата со корупцијата е уште една слабост што бара решителен одговор
Во извештајот на ЕК се констатира дека не е постигнат доволен напредок во борбата против корупцијата и дека оваа негативна општествена појава и натаму останува широко распространета.
И оваа констатација на ЕК е повеќе од блага имајќи го предвид реалниот опсег на корупцијата во општеството. Секоја политичка партија досега пред да дојде на власт најавуваше решителна борба со корупцијата и криминалот, но потоа таа борба се сведуваше на неколку симболични приведувања, поднесување кривични пријави, без соодветна судска разврска и казна.
Таквиот пристап овозможи уште повеќе да се стимулира корупцијата бидејќи неказнивоста стана секојдневие, а одговорноста целосно ја снема. На проблемот со корупцијата влијае и инертноста на Јавното обвинителство да постапува по допрен глас, да ги испитува наводите и да утврдува дали некаде има коруптивни дејности и што е уште поважно, да дејствува неселективно така што ќе поведува постапки без оглед дали се вмешани лица од власта или некој друг. Тоа значи дека државата мора да започне решителна и неселективна борба со корупцијата, почнувајќи од корупцијата од висок профил, па спуштајќи се пониско, гонејќи корупција и во најниските ешалони на администрацијата. Со таквите постапки ќе се даде пример и до обичните граѓани, дека секој службеник на шалтер, доктор, професор, е платен за својата работа и не мора дополнително да се подмитува со сто грама кафе, бонбониери или виски. Истовремено, тоа ќе значи и менување на менталниот склоп во македонското општество, дека корупцијата е зло и дека мора да се искорени од сите нивоа на општественото живеење.
Конечно, она што треба да го покаже државата е секој случај на корупција да има соодветна завршница, почитувајќи ја презумпцијата на невиност до оној момент додека не се утврди вина. Казнивоста ќе ја врати и одговорноста, а сето тоа зависи исклучиво од волјата на оние што се на власт, дали и колку вистински сакаат да се справуваат со корупцијата. Со други зборови, треба да се донесе нов Кривичен законик подготвен од експерти, а не од политичари, кои за да се ослободат од секаква одговорност и евентуален кривичен прогон, претходно самите си изгласаа кривичен законик по нивен терк. ЕУ и САД се тука да помагаат и покажаа дека се искрени во своите намери да го намалат степенот на корупција во земјава.
Инвестирање во инфраструктурата и енергетиката за поголема конкурентност на македонската економија
Заложба на новата влада е да се ресетира македонската економија, која по пандемискиот период едноставно не може да застане на нозе, а лошите економски решенија на претходната влада и незаинтересираноста да се посвети на вистински економски политики доведоа до тоа многу македонски компании да бидат на работ на згаснување, а некои дури и да згаснат.
Лошите економски состојби дополнително го засилија бранот иселувања, особено кај младата работоспособна сила.
ЕК во извештајот забележува дека темпото на раст останува ниско, со голем број ризици, кои бараат внимателно управување, јавниот долг продолжува да расте, а зголемувањето на платите и пензиите носи ризици за нов пораст на инфлацијата. Евентуалното ново зголемување на цените на енергијата, што не е исклучено во пресрет на зимата, ќе удри силно врз домашната економија, оти земјава најмногу се потпира на увезена енергија.
На овој план повторно работите зависат исклучиво од способноста на државата да се справи со овие предизвици. Во периодот што следува, дел од средствата земени од унгарскиот кредит треба да се насочат кон стопанството за да можат да генерираат забрзано производство, а со тоа и економски раст, конкурентност на македонските производи и пласман на повеќе пазари.
За тоа е клучна изградбата на инфраструктурата, пред сѐ брза пруга кон Грција, но и автопатско поврзување со Албанија и Бугарија. Развојот на инфраструктурата ќе ја направи Македонија еден вид крстосница на Балканот преку која ќе се движат стоки и енергенти, што ќе носи дополнителен профит и бенефиции за државата и граѓаните. Македонија треба да инвестира повеќе во сопствени извори на енергија за да може на тој начин да понуди пониски цени на енергентите, како за граѓаните така и за стопанството, и на тој начин македонската економија да станува поконкурентна.