Претходната влада преку свои експерти остави предложени уставни измени за кои не обезбеди двотретинско собраниско мнозинство. Сега тие предлози се повеќе од жешки костени. Предлогот за одложено дејство е добар маневар, а усвојувањето на измените преку широк дијалог може да ја однесе земјата на вистинска патека, која ќе биде препознаена и дома и надвор, оти горчливо е чувството да се менува устав под диктат и ултиматуми
УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ НЕ СЕ ШВЕДСКА МАСА, ТУКУ СЕРИОЗЕН ДРЖАВЕН ПРОЦЕС
Уставот на Република Македонија ќе се отвора, повторно. Од политичари, експерти, до соседи, пред сѐ Бугарија и Брисел, ни велат – отворајте го Уставот. Таа операција ни стана обврска од Европската Унија дадена на лист хартија од претходната влада, а за Брисел и записници од средби станаа официјална обврска.
Но за да не се препираме со моќната екипа на Урсула фон дер Лајен, да си признаеме дека и дома на еден добар број стручни лица Уставот им стана тесен, а на други, пак, нефункционален, анахрон, па дури и контроверзен. Сепак, катиљ-ферманот стигна од дома од јулскиот протокол од 2022 година кога македонската влада се согласи Македонија да одржи меѓувладина конференција со ЕУ на која ќе ги отвори поглавјата за преговори кога ќе ги внесе Бугарите во Уставот.
Уставните измени, за кои е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, не поминаа затоа што тогашниот претседател Талат Џафери не можеше да обезбеди 80 пратеници. Сега од таа уставна шведска маса треба да се послужи и ВМРО-ДПМНЕ како предводник на новото владејачко мнозинство.
Тука сме сега, на своевиден крстопат. Уставот ќе се отвора, но дали тоа ќе биде операција на срце на отворен граден кош, по што ќе се рече „операцијата беше успешна, ама пациентот (Македонија) умре“? Ќе се земат „здраво за готово“ тие предлози или, како што налага процедурата за промена на устав, ќе се почне со примена на сите неопходни пет фази. Тоа значи првин собраниска одлука за донесување измени, па широки консултации, анализи, дебати, донесен нацрт, дебата во Собранието и конечно усвојување.
Според добро упатен извор, процедурата ќе оди како што пропишал Уставот, значи во сите фази. И притоа нема да се земат инстант предлозите од претходната експертска група, за кои претходната влада кажа дека се натамошно зацврстување на мултиетничкиот карактер на државата. Нашиот извор притоа истакнува дека останува и тоа што највисокото државно раководство го истакнува за принципот на „одложено дејство“, нешто што „држи вода и за Брисел“. Сепак, за таа формула ќе треба сериозно и перманентно дипломатско лобирање. Каналите на комуникации се очекува да се засилат и со Бугарија, доколку Бојко Борисов успее да формира стабилна коалициска влада.
Македонија е „ин“, а не „аут“ со ЕУ
Во секој случај, треба да се издвои дека помошта што се очекува од ЕУ во висина од 750 милиони евра до 2027 година не е поврзана со уставните измени, туку е дел од програмата за реформи донесена претходно. Ова е потврда дека Македонија не е „аут“, туку е „ин“ во ЕУ.
Да се навратиме на фамозните експерти и нивниот предлог за менување на Уставот – тие дојдоа откако владејачката коалиција СДСМ/ДУИ фрли пепел врз собраниската Резолуција за преговори за членство и реши да дава сѐ што е атрибут на македонската држава, државност и суверенитет, како и уставен континуитет. Па дури отидоа и чекор напред и смислија нешто што го нема во правната практика на ЕУ и Европа.
Интервенциите се однесуваат на додавање делови од народи во преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Односно, во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, по зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ. Во согласност со ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за почитување на паритетот на претставниците во парламентот на сите вака утврдени заедници во преамбулата на Уставот.
Ова механичко сакатење на преамбулата е направено пред сѐ под диктат на Софија и нејзината пропаганда по секоја цена да навлезе со политика на бугаризација на Македонија. Но притоа таа го напаѓа и македонското малцинство во соседството. Проблемот ќе биде поголем затоа што како делови од народ овие предложени измени препознаваат и делови од тие народи и во дијаспората. Како во иднина ќе препознаваме што е македонска дијаспора, македонско малцинство…? Под сериозно прашање се доведува и она што се нарекува македонско наследство.
Во оптек се и предлози јазикот што го говорат 20 проценти да се замени со албански јазик, па Бадентеровиот принцип да влезе во Уставниот суд… А кога зборуваме за отворање на Уставот, треба да имаме предвид дека Уставниот суд го поништи таканаречениот балансер, односно два закона што се косеа со Уставот. А сега на ред е Законот за употребата на јазиците, уште еден закон што се коси со Уставот. Дали ќе го ставиме ад акта, како што треба, и ќе се вратиме на тој од 2018 година?
Да се избегнат мински полиња
Јасно е дека на патот на уставните измени ќе треба да се избегнат многу мински полиња и оти треба нештата да се наштелуваат според македонски потреби, а не според ултиматуми и диктати. Така, на пример, изгледа не само апсурдно туку и смешно кога ние овде употребуваме термин „делови од народ“, а Советот на Европа во Стразбур сме го известиле дека тоа не е токму така. Сме го известиле Стразбур дека „деловите од народи за нас се национални малцинства во согласност со Рамковната конвенција за национални малцинства“. Значи она што ние овде ќе го именуваме како делови од народ, во Стразбур, Брисел или каде било надвор, треба да го разберат како малцинство. Ќе комуницираме со фусноти!
Уставот во најмала рака треба да биде исчистен од вакви небулози и мора да добие вистински изглед во согласност со правно-политичката практика во изминативе 30 години. Неумешно е за една демократија да има устав, кој е највисок законски акт за заштита на индивидуалните права, што ќе биде извор на неправо.
Македонска топла вода за Стразбур
Декларација содржана во писмо од министерот за надворешни работи, од 16 април 2004 година, регистрирано во Генералниот секретаријат на 2 јуни 2004 година – оригинал анг.
Повикувајќи се на Рамковната конвенција, а имајќи ги предвид последните измени на Уставот на Република Македонија, министерот за надворешни работи на Македонија ја доставува ревидираната декларација за замена на претходните две декларации за наведената конвенција:
Терминот „национални малцинства“ употребен во Рамковната конвенција и одредбите од истата конвенција ќе се применуваат за граѓаните на Република Македонија што живеат во нејзините граници и кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, Роми и Бошњаци.
Република Македонија изјавува дека одредбите од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства ќе се применуваат на албанското, турското, влашкото, ромското и српското национално малцинство што живеат на територијата на Република Македонија. Х.И.
Бугарски студен туш за Стразбур
Бугарија
Декларација содржана во инструментот за ратификација депониран на 7 мај 1999 година – оригинал буг.
Потврдувајќи ја својата приврзаност кон вредностите на Советот на Европа и желбата за интеграција на Бугарија во европските структури, посветена на политиката на заштита на човековите права и толеранција кон припадниците на малцинствата и нивна целосна интеграција во бугарското општество, Народното собрание на Република Бугарија изјавува дека ратификацијата и имплементацијата на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства не подразбира никакво право да се вклучи во каква било активност што ги нарушува територијалниот интегритет и суверенитет на унитарната бугарска држава, нејзината внатрешна и меѓународна безбедност. Х.И.