Режисерката Ева Натена добитничка на гран при на „Киненова“

Во домот на културата „Билјана Беличанец“ на последната фестивалска вечер, во преполната сала, во присуство на голем број филмски работници, уметници, актери, режисери, претставници на политичкиот и културниот живот на земјава и претставници на дипломатскиот кор, беа доделени наградите на деветтото издание на МФФ „Киненова“. Гран при доби филмот „Жена убиец“ на грчката режисерка Ева Натена, која на оригинален начин го доловува родовото прашање, адаптирајќи за големото платно ремек-дело на светската литература со одлична режија.

Наградата за режија за филмот „Хотел Пула“

– Оваа награда ја чувствувам како мост меѓу нашите земји, бидејќи уметноста може да го направи она што многу политичари не можат. Затоа ја посветувам наградата на нашиот мост и се надевам дека тој ќе нѐ направи поблиски во иднина – рече Натена, заблагодарувајќи се за наградата.
Наградата за најдобра режија ја доби хрватскиот режисер Андреј Коровљев за филмот „Хотел Пула“, за извонредната употреба на филмскиот јазик, за деликатниот начин на кој ги прикажа тешките настани и ликови од војната во поранешна Југославија, сугерирајќи дека љубовта може да постои дури и на места каде никогаш не би ја очекувале.
Наградата за најдобро сценарио ја доби Навид Михандуст за филмот „Кафе“.
– Лесно е да се биде храбар во слободна земја. Но, што ако сте творец во земја каде што нема слобода на говор. Креаторот не само што раскажал одлична приказна туку додека го снимал филмот морал да донесе храбри одлуки за неговите ликови, но и за самиот себе, на крајот завршувајќи во затвор – се наведува во одлуката на жирито.
За најдобар краток филм е награден „48 часа“ на иранската режисерка Азадех Мусави, за брилијантно режиран филм што на површината е политички, но длабоко во себе ги прикажува суптилностите и нијансите на семејните односи и родителството, но многу вешто успева и да ги премине културните граници.
Одлуката на жирито ја соопшти претседателот на жирито Јани Бојаџи, кој рече дека исклучително лесно и брзо го завршиле жирирањето поради едноставна причина – работел со две умни жени.
– Кога човек работи со поумни од него, тогаш нештата секогаш се лесни и едноставни – рече Бојаџи, заблагодарувајќи им се на Асемина Проедру и Дорина Оарга за одличната соработка.
Присутните ги поздрави директорот на фестивалот Небојша Јовановиќ, кој ова издание го нарече најдобро досега.

Во филмовите на Рајко Грлиќ може да се види граѓанството

Фестивалот се затвори со проекција на филмот „На сѐ ќе му дојде крај“ на режисерот Рајко Грлиќ, а по проекцијата пред присутните се претставија продуцентката Елена Станишева и актерот Јанко Поповиќ Волариќ. Филмот е копродукција меѓу Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Турција, Бугарија. Интересно е што Анте Томиќ и Рајко Грлиќ направиле една современа драма политички трилер според романот на Мирослав Крлежа „На работ на умот“. Тој бил всушност претекст за филмот „На се ќе му дојде крај“. Ликовите се доста добро дефинирани и интересни.
– Многу ми е драго што постои Рајко, на чии филмови може да го видиш граѓанството. И кога ме повика на аудиција, меѓу две сцени седнавме на кафе и разговаравме со Живо Аночиќ, а Рајко тајно нѐ прислушувал што зборуваме и ни рече: Е, ова го сакам! Така, двајцата ги добивме улогите. Улогата е прекрасна, Рајко ми дозволи да внесам некои мои ситници, убаво е со него да се соработува, ги сака актерите, убаво ги води и им дава слобода – раскажа Поповиќ Волариќ.
Рајко Грлиќ е роден во 1947 година во Загреб. Тој е еден од најзначајните режисери во поранешна Југославија. По нејзиниот распад, живее на релацијата Хрвaтска-Америка. Во новиот милениум продолжи да снима провокативни филмови, а меѓу позначајните што се закитиле со фестивалски награди се: „Караула“ (2006), „Нека остане меѓу нас“ (2010) и „Устав на Република Хрватска“ (2016).
В.Д.