На денешен ден, 16 октомври, пред 26 години (1998), почина доајенот на македонското новинарство, Верољуб Андоновски. Целиот свој работен век, од дипломирањето на Филозофскиот факултет, го помина во „Нова Македонија“. Работеше како уредник на културната рубрика на весникот, уредник на ЛИК, но и како историски фељтонист (се занимаваше особено и прв со темата за ВМРО), потоа како помошник на главниот уредник на весникот, а беше и еден од основачите на ревијата „Екран“. Беше добитник на највисокото признание за новинарство, наградата „Мито Хаџивасилев Јасмин“. Беше автор и на две монографии за „Нова Македонија“ – „Во чекор со државноста“ и „Печат на времето, печатот на Нова Македонија“. Постхумно му се објавени фељтоните во книга со наслов „Сто години сегашност“, во издание на „Култура“ од Скопје.
Беше задолжен и за „школата на приправници“ на „Нова Македонија“, така што под негово менторство излегоа многу сегашни ветерани на македонското новинарство.