За посилна Македонија во јануари на Светското првенство!

Во ракометна Европа, Вардар го совлада Валур, а Пелистер ремизира со Спортинг. Но она што, барем за мене, е исклучително важно е фактот што Митревски, Кузмановски, Пешевски, па и Кузманоски и јунакот од средбата со Спортинг, Атанасиевиќ, (иако ростерите им се (пре)полни со странски соиграчи), токму Македонците го водат орото во Битола. Во истиот контекст, „двократниот“ не може да се замисли без Мечка и Аларов на фундаментални позиции, во зоната и играта во два правца на овој првиот, и сѐ подобриот Танкоски, за кого еден негов колега „стави лева рака“ дека ќе биде во дресот со националните бои на СП во Хрватска, плус Јагуриноски, плус една дузина македонски играчи од Алкалоид, неминовно ќе добијат шанса да играат во Европа, водени од селекторот Лазаров

Големите македонски спортски брендови го обелија образот во ракометна Европа

Седми мај 2023 година. „Крикна“ ракометна Битола, „Боро Чурлевски“ преполна со чкембари, кои ги бојкотираа(т) натпреварот и клубот… Така некако стартуваше еден мој коментар на ФБ-страницата „Читај ракомет со Горан Ѓоргоноски“, еден ден по првата шампионска титула по 18 години во градот на конзулите. (Пре)долго чекаше Битола на титула, па реакцијата беше природна, спонтана и очекувана.
Деветти октомври 2024 година. Втора сезона од елитното ракометно натпреварување, во кое Еурофарм Пелистер, како партиципиент, не успеваше да освои бод или два, да покаже дека заслужено е во европскиот „крем де ла крем“. И повторно „крикна“ ракометна Битола, по „лудите“ 70 и нешто секунди во кои од минус три, Пелистер успеа да дојде во ситуација да одигра егал, по дури 17 (седумнаесет) натпревари на кои битолчани излегуваа од терен со наведнати глави, притоа трпејќи критика од (не)ракометната јавност, од „стручњаците“, од ликови што секоја недела „вадат“ дел од својот порив кој им создава чудна болка во стомакот на хартија и, најважно, трпеа критика од чкембарите. Покажа Битола фанатична љубов и посветеност кон клубот, на која можат да ѝ позавидат многу поголеми и поуспешни европски тимови. Љубов пренесувана од колено на колено.
Пелистер во средата, на овој или оној начин, ја прекина серијата порази во Европа и освои „бод како куќа“ против забревтан противник, кој само пред една недела го понижи „големиот“ Веспрем. Освои голем бод, кој математички, најверојатно, нема да значи многу за пласманот на битолчани во групата од ЛШ, но очекуваме да ги „отвори чакрите“ и да „ги допингува“ играчите, кои некако во летаргија веќе втора година „одработуваат“. Да даде крилја, да ги извади на површина вистинските играчки решенија, вистинските борци, да ја исфилтрира екипата и, на крајот на краиштата, да го олабави стручниот штаб од притисокот на „најверните“. Затоа „шефот“ вика дека бодот е „голем како куќа“. Времето ќе покаже дали некој во најракометниот град се свестил и „свртел нов лист“.
Затоа што е крајно време за тоа.
Што се однесува до самиот натпревар, од оваа дистанца, кога млекото баеги се олади, можеме да констатираме неколку работи. Пелистер ја доби на голот потребната сигурност, во капитенот на националниот тим Никола Митревски, играч што ги „покри“ сите проблеми на зоната, која „уште лута“ и не препознава дека Фитиљ и Илија не се разбираат, дека Хосни е малку старичок (со неспорна желба за надигрување, за што симнуваме капа), а Цехте малку повеќе изгубен сезонава. Не препознава дека на тимот му требаат „свежа крв“, фанатична борбеност и амбициозност, па по цена „тој некој“ во моментов и да нема доволен квалитет или „каска“ со искуство. Не препознава дека тимот мора да има алтернативна, агресивна, зона за не дај боже, дека му треба зона што ќе биде составена од играчи што имаат физички и технички предиспозиции да трчаат во транзиција, а ќе дадат и некој погодок повеќе од истата таа.
Зона што отсекогаш ги красела битолчани и ја „збеснувала“ публиката.
Напаѓачки, дефинитивно, на овој Пелистер ни Магнус Андерсон, од најдобри денови, не може да му помогне, со задача да ги поврзе бековите на „зелено-белите“, да одигра за супереднонасочниот Борзаш, кој импресионира со својот потенцијал во скок-шут сегментот, но и депримира со односот и ограниченоста да се внесе истиот тој во систем на игра. Особено кога на десна страна имате двајца „половљаци“ и среден бек од кој сѐ зависи, а е принудно решение на позицијата „командант на нападот“. Верувам дека нема ракометен навивач што ќе му забележи на популарниот Фитиљ за грешките во напад, промашените шутеви, во ситуација кога никој друг не може или не сака „да потегне“. Особено во ситуација кога истиот тој „се троши“ во два правца на фундаментални позиции.

Организацијата на нападот, колку и теоретски да е поставен на врвно ниво, од страна на стручниот штаб, останува слаба точка на тимот, оставајќи зад себе избрзани шутеви, пасивни напади, технички грешки и нерезонска игра еден на еден, која го троши главниот играч во нападот и создава нервоза кај истиот тој. Како последица на сето горенаведено, од аспект на структура на тимот и зоната што ја игра, но и потребата од среден бек што „ќе згазне на топка“ и ќе повлече кога треба, е фактот дека најдобар стрелец на противникот во средата беше Салвадор Салвадор, играч што воопшто не играше на поставен напад, но „го наполни“ голот на Митревски од полуконтра, во прв или втор бран.
Кога ќе се повлече линија, на Пелистер може да му се забележи сѐ, но за пристапот кон играта не. Во средата, во ситуација кога тимот е притиснат до ѕид, очекувано беше пристапот да биде солидно ниво. Никој не може да им забележи на играчите дека немаа желба, како прв чекор кон подобра иднина, подобри резултати и игра и гаранција дека со таков пристап и квалитет на ростер ќе донесат една титула од македонското првенство.
Арно ама за поделбата на титулите во македонското ракометно првенство, покрај Алкалоид или индиректно Охрид, се прашува и уште еден голем спортски бренд. Клуб или екипа (за клуб треба сериозна вертикала надолу) што во вторникот, по минатогодишната, очекувана, рана елиминација од Рејн Некар Ловен, како вицешампион во домашното првенство, во рамките Европската лига на ЕХФ, го совлада првиот противник од групата, Валур од Исланд. Вардар, иако без новата аквизиција Хорига (скината тетива на дланка), со непредвидливиот и суперкорисен Борозан, сѐ подобриот Танкоски и „мозокот“ Николиќ, а на крилјата на стандардно цврстата зона 6-0 и поддршката од Фереира, на голот, но и широка ротација на стручниот штаб, успеа релативно лесно да се справи со „реновираниот“ преставник на Исланд. Стартна победа, која треба дополнително да ја крене самодоверба во тимот, по минатонеделниот важен триумф, на локална сцена, над (нај)големиот ривал од Битола.
Вардар, без изненадувања со Лазаревски и Аларов, како прва опција во срцевината на зоната и високи и екстремно силни двојка и петка, играчи на кои како мана може да им се стави фактот дека имаат дефокус од зоната и повеќе мислат на нападот, поддржани од Фереира, кој дава впечаток на тип на голман што брани сѐ што е негово, без некои спектакуларни одбрани, но многу корисен. Зоната и онака не беше спорна, не само на овој, туку и на оние натпревари што поминаа, но и тие што следуваат.
Нападот е тој што може да ги зафркава вардарци. Особено против противник како Валур, кој има транзиција на врвно ниво, кој е составен од играчи што, со исклучок на високиот Црногорец, се многу добро технички потковани и го казнуваат секој „излет“ во нападот. Нападот беше и е многу важен за вардарци, нападот што знае да биде нестрплив, конфузен и избрзан, нападот што на бековските позиции има играчи што не чекаат двапати да дојде топката во нивен посед, за да потегнат кон голот на противникот. Спомнавме пред една недела, ќе се повториме и сега. Голем предизвик за „клупата“ е „зауздување“ на Борозан, Петриќ, Маргели, поставување осмислен напад, кој ќе заврши со зицер-ситуација. Танкоски и Николиќ, двајца различни играчи, на иста позиција, имаа(т) тешка задача.

Стружанецот, статистички подобар, игра повеќе за себе, сѐ подобар во сегментот одлучност и дуел-игра, Николиќ многу постабилен и со повеќе решенија во однос на непредвидливиот напад и исходот од истиот тој, кога бековите ќе тргнат да „трошат“ топки. И за крај, иако пристигна последен, по неколку турбулентни сезони, поголеми или помали паузи, Вуко Борозан, „детето“ што Червар го донесе во скопски Металург, кое „процвета“ во тимот преку истоимената река и најавуваше достигнување небесни височини во европскиот ракомет, игра корисно, игра мотивирано и трпеливо (за негови услови) и барем засега се покажа како добар избор. Ако сезонава го заобиколат „жолтите минути“, ќе биде голем адут на „двократниот“, од позиција на благ аутсајдер да се пласира во следната фаза во Европската лига на ЕХФ.
Да резимираме. Тргнати од различни позиции, едниот да ѝ стави крај на една лоша серија, а другиот да ја стартува европската приказна со победа, двата најголеми спортски македонски бренда го обелија образот и достојно го претставија македонскиот ракомет во Европа. Но она што, барем за мене, е уште поважно, иако (пре)полни со странски играчи во своите ростери, радува фактот дека Митревски, Фитиљ Кузмановски, Пешевски, Кузманоски, па и јунакот од средбата со Спортинг, Атанасиевиќ, го „водат орото“ во Битола, а „двократниот“ не може да се замисли без Мечка и Аларов на фундаментални позиции во зоната и играта во два правца на овој првиот, сѐ подобриот Танкоски, за кого еден негов колега „стави лева рака“ дека ќе биде во дресот со националните бои на СП во Хрватска. Плус Јагуриноски. Плус една дузина македонски играчи од Алкалоид, кои неминовно ќе добијат шанса да играат во Европа, водени од селекторот Лазаров.
Убава најава за тоа што следува во јануари, кога ракометна Македонија ќе треба да оди еден чекор напред и да го обои „сивиот“ постпразничен период.
Да гледаме напред во земјата во која ракометот е највитален на овие простори.

Анализа на Горан Ѓоргоноски за „Нова Македонија“

Авторот е поранешен македонски репрезентативец и основач на
проектот „Ракомет за секое дете“